Атанас Кирјаковски

„Доверба“ е еден од оние зборови според кои ги вреднуваме луѓето, нашите социјални интеракции, функционирањето на институциите, зборови преку кои создаваме хармонични општества. Но што е всушност довербата? Која е нејзината функција? Што се случува кога довербата е изгубена? – се дел од прашањата кои мора да бидат одгатнати.

Универзумот е таков што секогаш нѐ принудува да балансираме меѓу ризиците и нашата безбедност. Неконтролираното преземање ризици е неоптимална стратегија, но исто така и претераната претпазливост кој резултира со пасивност и закотвеност. Рационалното ризикувањето е активна состојба која ги придвижува работите напред и овозможува адаптација на новите состојби. Евидентно е што најголемиот дел од ризиците – како и стресот кој произлегува од нив – се од социјална природа, односно доаѓаат од други луѓе или пак од системи и ситуации создадени од луѓе. И ова е контекстот во кој треба да ја разбереме довербата – таа веројатно еволуирала како адаптивна стратегија на означување со кои луѓе и во каков контекст е оправдано да ризикуваме со цел да ги остваруваме сопствените интереси. Тоа е суштината на довербата, дефинирана како ментална состојба во која ние доброволно прифаќаме да бидеме ранливи и отворени за експлоатација заради некоја потенцијална корист. Во таквата состојба, ние имаме позитивни очекувања за намерите и однесувањата на другите, вклучително и дека и тие ќе возвратат на нашата „подарена ранливост“ кон нив, со цел да ги зачуваме нашите стабилни взаемни односи. Накратко, довербата е корисна, но и доста ризична и токму затоа тешко се стекнува.

Иако делува контраинтуитивно од претходно кажаното, сепак ние повеќе им веруваме на луѓето и системите отколку што не им веруваме. Знам, не ми верувате : ). Но нашите односи и однесувања повеќе се мотивирани од доверба отколку недоверба. Ајде да дадеме неколку примери за поткрепа. Прво, повеќето од нас не живеат изолирано, односно имаме односи со нашите блиски пријатели или интимни партнери кои траат со децении и се есенцијално засновани на взаемна доверба. Уште поинтересно и позапрепастувачки, ние секојдневно бескрајно им веруваме и на непознаниците околу нас – на пример, не се воздржуваме да ја предадеме нашата електронска картичка на некоја непозната продавачка или продавач кога плаќаме за производот (некои дури и гласно го кажуваат пин кодот). Понатаму, учествуваме во сообраќај кој фундаментално е последица на масовната општествена меѓучовечка доверба, односно на нашето сопствено придржување кон правилата и очекувањето дека и другите го прават истото. Начелно имаме доверба во автомобилот кој се приближува од спротивната страна дека ќе си остане во својата лента и нема нагло да скршне кон нас. Да ја немавме таа доверба, никогаш не би ни преминале улица. Уште поилустративно, ако некогаш сте летале со авион, помислете дека сопствениот живот си го ставате во рацете на некој си непознат капетан и неговиот екипаж. Ѝ верувате и на компанијата со која летате претпоставувајќи дека истата се погрижила експерт да управува со леталото и дека истото е исправно за летање. Доверба имаме и во непознатите воспитувачки и воспитувачи во градинките на кои катаден им го оставаме највредното и најмилото на чување. Исто така веруваме дека учителите и учителките, професорите и професорките ги учат и воспитуваат нашите деца и млади. Имаме доверба и во бурекџијата дека бурекот не му е отровен и пиеме вода од градскиот водовод верувајќи и претпоставувајќи дека некој ја проверува водата и дека во неа нема одвратни паразити. Ваквите примери имаат за цел да покажат дека општеството е комплексен систем на меѓучовечки интеракции и взаемни односи базирани на доверба без која тоа не би можело да функционира. Метафорички сумирано, довербата е општественото лепило.

Државите во кои меѓусебната доверба е нарушена и каде граѓаните повеќе не им веруваат на институциите, власта и експертите, во најмала рака стануваат длабоко дисфункционални, сиромашни и разединети, а веројатно и престануваат да постојат во краток период, барем во некоја организирана и уредена форма корисна за сите. За жал, во Република Македонија довербата е можеби на историски најниско ниво. Највоочлив пример е недовербата во судството, основната институција која би требало да ги штити и унапредува интересите на чесните и морални граѓани и казнува криминогените појави. Хиперкорумпираното судство покрај тоа што води до дисфунционалност на системот, активно допринесува и во создавањето на култура на недоверба која се прелива во сите пори на општеството. Ако одреден човек не верува во судската инстиционална заштита, тој човек нема да им верува ниту на своите соседи, пријателите и општо, луѓето. Ќе му биде тешко да соработува со нив, ќе се чувствува незаштитено и ранливо – што води до негово пасивизирање и парализа. Тоа не е достоинствена и цивилизирана човечка состојба.

Но за културата на недоверба во републикава најмногу допринесуваат безбројните лаги на северниот режим на власт. Сетете се само на бесконечното лажење за „датумот“ и „нема промена на уставот со цел промена на името“. За „Гугл, Микрософт и ИКЕА“, за „заштитениот македонски идентитет“ и „чистиот македонски јазик“. Сетете се и на „бесплатното здравство во ЕУ“ додека во моментов нема основни насушни лекови низ онколошките одделенија во земјава. Недовербата кон корумпираните властодршци и нефунционалните институции која граѓаните ја чувствуваат е сосема разбирлива. Психолошки дури може да се сфати и како форма на инстинктивна одбранбена реакција. Сосема рационално е да немаш доверба во власт која те лаже и манипулира, која те експлоатира, цица и паразитира. Можеби токму затоа и големите политички филозофи, Николо Макијавели и Томас Хобс, верувале дека довербата во контекст на политиката треба да биде многу ретка, ако не и целосно отсутна. Но тоа не го менува фактот дека довербата е есенцијална за фунционирањето на една држава, на едно општество. Затоа Република Македонија и нејзините граѓани мора да најдат начин повторно да изградат институции во кои ќе имаат доверба, систем во кој нема да се плашат дека власта ќе ги злоупотреби нивните пари, време, внимание и животи. И ова е најтешкиот пресврт кој мора да се направи ако сакаме да имаме иднина. А за да ја вратиме довербата во земјава, пред сѐ потребна ни е огромна самодоверба.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.