Васко Шутаров
Старогрчките митови кои како деца ги читавме и ги голтавме во еден здив, во ваквите изгор јулски денови додека бевме семејно распослани на подножјата на Олимп, знаеја да ни создадат и проблеми, ништо помали од легендарната планина над нашите глави. Ох, колку беа мачни оние бескрајно долги минути, кога моравме да излеземе од вода и да се посончаме малку! И тогаш, добро исцицани од морската вода, замајани од пладневното сонце, потонувавме со поглед кон Олимп, барајќи начин како боговите да ги омекнат срцата на родителите и да нѐ пуштат што поскоро назад во вода. А таму горе во височините на Олимп, освен понекоја боговска игра со облаците – ни трага ни глас од божествата и митолошките јунаци од нашата фантазија и за жал, никаква помош од нив!
И денес на плажите под падините на Олимп, „си играат“ деца, некои нови клинци, кои своите богови и јунаци: Зевс, Посејдон и Пандора не ги визуелизираат низ невидливите подземни одаи од планината над нивните глави, како што правевме ние, туку тие просто им трепкаат од екраните на малите паметни уреди од кои не би се одвојувале дури ни кога влегуваат во вода. Старогрчките митови денес стануваат лесно достапни и стасуваат преку „Алиекспрес“ во каква било сакате амбалажа, преку игри осмислени и стокмени од некој друг, а вие само треба да им се потчините на однапред утврдените технички правила на играта и да ја отворате Пандорината кутија, на пример, колку пати сакате дневно.
Што знаат, на пример, денешниве деца за Пандора, сеобдарена со убавина, таленти и интелигенција Пандора, на пример, која разлутениот врховен бог Зевс по казна за украдениот оган од страна на Прометеј, ја праќа кај неговиот брат Епиметеј. Пандора требало да ги освои срцето и умот на Епиметеј, во што и успеала, а со себе имала само еден ќуп (подоцна наречен кутија) како мираз од боговите. И покрај императивниот боговски налог кутијата да не биде отворена, победила женската љубопитност: „А што може во кутијата да биде скриено и да биде толку строго забрането“?!
Денес, кога пеколниве јулски горештини бараат само минимални напори од умот и од телото и јас се чудам, кој би се занимавал со тоа кој прв ја отворил Пандорината кутија и зошто од неа излегле сите зла на светот: заразната чума, тагата, сиромаштијата, очајот, суетата, лагата, лакомоста, кавгата, поделбата и разделбата? И кој уште би се занимавал со длабокоумни филозофски толкувања, која е подобрата варијанта од легендата, дали онаа во која Пандора уште еднаш ја отворила кутијата и од неа, покрај сите зла излегла и надежта или втората во која надежта останала засекогаш затворена, бидејќи во контекстот на сите несреќи и зла и надежта е само нивно предзнаење, кое не им носи ништо добро на светот и на човештвото?! Или уште позагадочното прашање, како последно од испразнетата Пандорина кутија: дали реално постои само она што ни недостига и она по кое само копнееме?
Денес, од длабоко филозофските старогрчки митови и легенди, покрај кои духовно и креативно се издигнуваа генерации и генерации, сѐ е сведено само на неколку новодизајнирани видеоигри за најновата генерација деца и млади, понекоја музичка тема или евентуално некој филмски хит! А за возрасните, длабоко-филозофскиот мит се сведува на еден еднозначен модерен политички мит во кој наративот за лесно прифатливите и применливи политички игри се препознава во политичката синтагма или флоскула, без никаква креативна интрига: „Тој тогаш се најде во улога на тројански коњ, или, таму се отвори цела Пандорина кутија од зла и несреќи!“
……………………..
Денешните, нововековни богови кои владеат со светот, по свој терк и за свои правила на игра, си бараат политички играчи, налик на денешните деца, кои само треба да ги почитуваат техничките услови на новодизајнираните игри, и да играат сѐ додека играта ги води и додека некоја следна игра не стане приоритетно доминантна и важна. Нововековните богови на овоземните игри, секогаш ќе најдат такви неизиграни и неизживеани политичари, на кои со невидена леснотија како мираз ќе им потурат нови Пандорини кутии, секогаш и секаде кога несреќата треба повторно да заживее и да завладее.
Денешниве потомци на Пандора се најчесто умислени полубожества на кои модерните богови кои владеат со светот, во одреден временски период и на одредено место им овозможуваат да си играат политика и политички игри, да креираат јавност и јавно мнение и „да носат важни одлуки“. За жал, модерните потомци на Пандора, не се длабокомислечки луѓе. Да беа, барем, малку такви, сигурно најпрво себеси ќе се запрашаа: „А чуму постојано умножување на злото и на несреќите меѓу луѓето?! Зарем не се доволни сите зла и несреќи и зарем не е една од најважните улоги на политиката токму нив да ги сведуваа на минимум?! И чуму ќе ни се и нашата лична среќа и нашите лични задоволства, ако живееме во свет на болки и страдања, меѓу сиромашни, гладни и очајни луѓе?!“.
Денешните потомци на митските ликови Пандора и Епименеј, имаат многу малку таленти, знаења и вештини, освен еден моќен дар, а тоа е вештината за убедување и манипулирање, па така сите разбираме, дека, покрај сите намножени зла и несреќи, животот и не е толку лош и дека секогаш имало и ќе има полошо-бидејќи така најлесно и најумешно се владее, нели?!
А ние, кои како деца живо ги живеевме старогрчките митови и легенди и кои како возрасни сѐ уште се прашуваме зошто одаите на боговите од Олимп гледале кон Атина, Спарта и Теба, а од северната страна кон Македонија се чувале само храна и оружје, и уште и уште се прашуваме како, толку векови подоцна, токму Македонија на која и старогрчките богови ѝ вртеле грб, станува родно место каде што приказните и легендите наоѓаат свое наравоучение?! И како тоа, нововековните богови што ја кројат судбината на државите, на народите и на луѓето во светот, го најдоа вистинското место и вистинските луѓе, за отворање нови Пандорини кутии, носење нови данајски дарови, подметнување нови тројански коњи, токму овде во срцето на Балканот, баш во Македонија?!
Како тоа, нововековните богови од светската и од европска политика еден ист ден сите заедно, се најдоа во Преспа, на пример, па во Софија неколкукратно, пред и потоа?! И како тоа, некој толку длабокоумно обмислил дека отворањето на сите зла и несреќи токму во Македонија, ќе ги хомогенизира и ќе ги хармонизира сите балкански народи, а посебно Грците и Бугарите, без да претпостави притоа дека ниту за испуштените несреќи, ниту за отворените зла постои кутија која може повторно да ги собере назад. Како што не постои Пандорина кутија која може Македонија и просторно и временски да ја напика во такво празно Пандорино кутивче?!
………………………………………
И еве ги, ред се редат: политичари, интелектуалци и експерти, редум „одбрани перјаници на боговите“, како мрморат и божем мудруваат, како тоа злото и несреќите стасале и подалеку од границите на Македонија и веќе се прошириле низ целиот Балкан?! Нели велеа, дека историјата еднаш се повторува како трагедија, а втор пат како фарса?! А, бидејќи на Балканот се преповторува и почесто, тоа преповторување овде станува и бизарна гротеска.
И не се случуваат за прв пат такви бизарни гротески, кога нововековните политички богови одлучуваат дека треба да се подотворат балканските Пандорини кутии и да заиграат нови тројански коњи, па наместо само на политичарите, иста таква улога му доделуваат и на податливиот за такви игри и улоги т.н.интелектуален крем, во кој се секако и академиците. Тоа му доаѓа како аналогија и модерна верзија на Советот на мудреци од времето кога се испишувале старогрчките легенди и митови. Ќе може ли некој на највозрасните и по редот на нештата, најучените и најмудрите, да им забележи дека инфантилно се заиграле со Пандорините кутии и тројанските коњи?! Не личи, нели?! Иако историјата, и не само поновата, нѐ учи дека тоа се случува често!
Така, еден јазичен спор во 1967/68 година, некогашните врвни академски институции, Матица Хрватска во Загреб и Матица Српска и САНУ во Белград, во рамките на тогашната југословенска заедница, ги предизвикува на отворање на Пандорината кутија, од која подоцна ќе се создаде таков длабок културолошки јаз меѓу двете блиски култури, по што следуваше конечниот одговор од академиците од САНУ, познат како Меморандум од 1986 година. Овој меморандум, во суштина беше усогласена стратешка програма на српската интелигенција за распадот на југословенската федерација и идното позиционирање на Србија со новиот политички врв на чие чело застана Милошевиќ. Остатокот од приказната ја знаеме сите многу добро: самата таа резултираше со најкрвавата војна на европска почва по Втората светска војна.
МАНУ пак беше ставена во исклучително деликатна игра со отворањето на Пандорината кутија за т.н. размена на територии со Албанија, во 2001 година, а БАН од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија во 2017 година, буквално и не ја затвори Пандорината кутија, со постојаните негирања на македонската нација, на македонскиот јазик, на македонската историја и култура и, воопшто, на македонскиот идентитет. И наместо да ја затвори Македонија во просторна и временска рамка, како во празна Пандорина кутија, штафетно академиците и од останатиот дел на Балканот, почнаа да го трчаат почесниот круг и да си поигруваат на ист или сличен начин со сите зла и несреќи што ги носи отворањето на старо-новите Пандорини кутии.
Последен во низата примери, а од слични побуди како бугарските, е неодамнешниот официјален документ наречен „Прилози за заштита на хрватските национални интереси во процесот на преговори на Р. Хрватска со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во поглед на нивното влегување во ЕУ“, на ХАЗУ, со кој, како неприкосновен политичко-историски арбитар ја „потсетува“ хрватската влада, со кои „гревови“ соседите не можат да влезат во ЕУ и со детален список на желби и барања за секој од нив поименично: демитологизација на митот за усташкиот концентрационен логор во Јасеновац, преиспитување на српските официјални ставови за улогата на надбискупот Алојзие Степинац во истата таа Втора светска војна, како и промени во Уставот на БиХ со кој Хрватите би влегле како трет уставен ентитет?! Секоја сличност со бизарното бугарско перење на сопствените гревови од Втората светска војна или ултимативните барања за промени во македонскиот Устав, се сосем случајни, зарем не?!
Потомците на Пандора несомнено имаат полни раце работа, посебно во политиката, а во балканските валкани политички игри, најмногу! Нововековните богови од денешниот светски политички Олимп, си ги сакаат своите Пандорини потомци, бидејќи и тие не се ништо подобри од нив. Зошто? Затоа што од политичкиот Олимп кој владее со светот, токму во денешниов миг недостигаат големи формати на политички ликови, од типот на еден Шарл де Гол, кој своевремено имал доволно политичка моќ и харизма, интегритет и достоинство, на два пати (првиот пат во 1963 година) да ѝ стави вето на една Велика Британија за влез во тогашната Европска заедница, бидејќи бил убеден дека Британија ќе биде само тројански коњ на американската економија и политика во Европа?! И не ставал во употреба локално препознатливи политичари и академици, за таа своја намера и цел! Грешел ли Де Гол во претпоставките, во намерите и во начините?
Грешиме ли и ние, ако гласно кажеме, дека е погубно отсуството на такви формати во европската и во светска политика во моментов, кои можат на таков де-головски начин да им го кажат тоа на една Грција, Бугарија или Хрватска, дека во бескрајнава игра со „на-ти-дај-ми-ги“ Пандорини балкански кутии, не ја играат само играта на потомците на Пандора, туку и на вистински тројански коњи на други светски сили, и дека секогаш била и ќе биде погубна политиката која врз несреќата на еден народ гради хармонија, прогрес и среќа за другите народи?!
Нашето најголемо, најмоќно и најгласно изразено право, мора да биде токму тоа!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.