Петар Поп-Арсов

Претставите започнуваат многу порано од чинот на подигање на завесата, а завршува многу подоцна од чинот на нејзиното спуштање“

Отсекогаш така било! Така секогаш и ќе биде!

Завршува кампањата за македонските претседателски и парламентарни избори. Пукаат последните аплаузи на отворена сцена. Се ближи денот на одлуката! Одлуката за тоа, кој и каде ќе ја води Македонија во наредните четири години. Дали ќе се движиме напред, ќе имаме ли раст или повторно ќе тапкаме во место и вртиме во круг?! Веројатно никогаш не му било полесно на македонскиот граѓанин и гласач да ја види вистинската слика за Македонија и нејзината политичка сцена. Никогаш не било полесно да се донесе одлуката за тоа дали треба да ѝ се стави крај на една досегашна власт и владеење, без разлика на тоа дали се работи за определен или неопределен гласач, за партиски член, активист или пак за целосно незаинтересиран граѓанин за политиката.

Колективната свест веќе е формирана. Тоа е феномен кој не може да биде изменет во толку краток период колку што останува до изборите во средата, а токму таа колективна свест ќе биде факторот на одлука.

Партиите и кандидатите веќе ја завршија својата работа во однос на презентацијата на сопствените политики и програми. Што е сторено до сега, сторено е! Што е кажано, кажано е! Сѐ е прочитано и јасно! Останува да се биде буден, внимателен и да се валоризира трудот во вид на освоени гласови кои треба да се собираат до последната минута на денот на изборите.

Кампањата веќе завршува. Кои беа највпечатливите пораки што ги слушнавме од најсериозните претенденти за освојување на власта? Кои беа пораките кои ќе нѐ мотивираат да излеземе на изборите и токму тие ќе бидат решавачки за освојување на нашиот глас?

Од СДСМ слушавме за ЕУ. Слушавме за тоа како ќе нѐ внесат во ЕУ, како ќе ги започнеме преговорите, па дури и за тоа како веќе сме ги започнале преговорите со официјален Брисел. Нешто мора да се каже. За борбата против корупцијата, криминалот или за други теми кои реално го засегаат секојдневието на македонскиот граѓанин нешто посебно не се истакнаа во својот поход по гласови. Можеби кажале тука и таму по нешто, но не оставија впечаток кој го привлече нашето внимание?! ЕУ им изгледаше како сигурна карта на која треба да играат. Колку поапстрактно и подалечно од македонското секојдневие, толку полесно за комуникација со граѓаните.

Впечаток оставија и нивните чести извинувања за направените грешки. Во ред е да се згреши и да се извиниш за грешката. Велат, кој работи тој и греши. Но, ние освен извинувања за грешките не слушнавме нешто друго кое што остави впечаток за сработеното, за реализираните проекти или за успешните политики кои и донесоа напредок на државата. Можеби нешто кажале, но факт е дека акцентот беше ставен на извинувањата за грешките кое што остави силен впечаток како една од главните карактеристики и највпечатливи пораки од кампањата на СДСМ.

За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ упати многу повеќе и многу поконкретни пораки кои што беа јасно препознаени од гласачите и соодветно материјализирани во првиот круг од претседателските избори. Се работи за пораки кои што ги таргетираат сите возрасни групи во општеството. Слушнавме за зголемување на пензиите, за создавање на продуктивни и високоплатени работни места, но слушнавме и за национален план за демографија која е една од најважните теми во моментов. Впечаток оставија мерките кои што се однесуваат на финансиската поддршка на родителите за првото, второто и третото новородено дете, финансиската поддршка на мајките и помошта за инвитро постапките.

Особен впечаток оставија пораките кои што се однесуваа на борбата против корупцијата и криминалот. Надеж влеваат и предвидените мерки кои што се однесуваат на реформите во правосудството кое падна на најниски гранки за време на владеењето на оваа власт. Тука се и здравството и образованието кои беа една од најнегативните теми присутни во јавноста во последните неколку години.

Доаѓаме и до ЕУ. Теренот кој што актуелната власт го смета за свој, домашен. Пораките кои што ги упати ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема оставија сосема поинаков впечаток од оној на кој што навикнавме да го восприемаме од двоецот СДСМ – ДУИ. Беше јасно истакнато дека клучна стратегиска цел на ВМРО-ДПМНЕ е полноправното членство на Македонија во Европската унија, но не онака како што тоа го туркаше СДСМ, туку врз принципите на рамноправност, взаемна доверба, солидарност, дијалог, меѓусебно почитување и реципроцитет. Градењето на конзистентна политика заснована на одбрана на државниот интерес и со силно почитување на европските вредности ја направи клучната разлика во упатените пораки кои што се однесуваат на надворешнополитички план во однос на СДСМ, чија што политика, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, беше препознаена како политика на постојани отстапки и ерозија на македонската национална супстанца.

Токму на оваа тема можеше да се види определбата на македонските граѓани кои во првиот круг јасно рекоа дека се за Македонија во ЕУ. Македонија во ЕУ како државен субјект, со народ кој што има јасно дефиниран идентитет и јазик, македонски. Оваа тема покажа дека поданичкиот пристап кон ЕУ нема поддршка кај македонските граѓани, но во исто време покажа и дека антиевропските сили (пред се во ликот на партијата Левица)имаат маргинална улога на македонската политичка сцена.

Што е со ДУИ? Како да загубија компас и ги измешаа своите политички пораки. Тие сакаат да се претстават како некаков европски фронт, но впечатокот од нивните постапки укажува на тоа дека имаат елементи на балканска герила. Уште не излегле од тој филм. Првиот впечаток од нивната кампања беше дека инсистираат на тоа дека тие се за ЕУ, а истовремено дека се против Русија. Демек тие се прозападните, а другите се проруски политички сили во државата. На кого алудираа со ова второто, тие си знаат. Но, ако алудирале на ВМРО-ДПМНЕ со цел да му помогнат на СДСМ, од каде сега овој Европски фронт (отсек Балканска герила) запнал со сите сили да влезе во иста влада со оние кои ги обвинуваше дека се анти ЕУ?! Кој им е мотивот и политичкиот концепт да соработуваат со „проруските“ елементи на македонската политичка сцена кои самите ги измислија и апострофираа. Зарем тоа не претставува показател дека тие воопшто немаат политичка платформа туку нивното постоење исклучиво се заснова на учеството во власта со сите придобивки кои што истата со себе ги носи? Заборавија и на про ЕУ и на анти Русија. Власт си е власт па ако треба ќе го бараме и Бадентер на помош.

Да ги спомнеме уште ЗНАМ и ЛЕВИЦА. Првите успешно ги искористија слабостите на СДСМ и впечатокот од упатените пораки е дека нивните политики се засноваат на одбрана на крушевска и асномска (вклучително и авнојска) Македонија. Вториве се фокусираа на рецидивите од интернационалното левичарење од минатиот век детерминирано во ликовите на Ленин, Мао, Енвер Оџа, како и се она кое што не беше карактеристика на македонската левица од времето на Социјалистичка Република Македонија. Ја згрешија темата и веројатно тоа нема да биде позитивно оценето од македонските гласачи на парламентарните избори.

Останатите партии и коалиции имаат маргинално значење и не вреди во овој текст да се троши просторот, иако како такви претставуваат додадена вредност во дооформување на сите бои во спектарот на македонската демократија.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.