Васко Шутаров

(кон изложбата „Лица на револуцијата  1893-1934“)

Природата памети! И животните паметат – и оние за кои се грижиме и живеат покрај нас и оние кои се далеку од нас и од кои се пазиме и од кои стравуваме. Билките, растенијата и цвеќињата исто така паметат – и оние што ги одгледуваме или внимателно собираме, како и оние за кои само природата се грижи!

Само човекот, надарен со единствената временска машина која совршено ги собира и поврзува квантите на неговото субјективно време може да создава совршен континуитет и да памети, но и совршено добро да заборава!

Аристотел ги подучувал своите ученици (меѓу нив и Александар Македонски), дека средиштето на паметењето не е во главата, туку во душата! И Св. Августин ги подучувал своите следбеници дека паметењето е желудник за душата, а дека радоста и тагата се нивна слатка и горка храна!

„Ние, луѓето, сме создадени од сеќавања; тие ни диктираат, ние им одговараме и ние ги менуваме! Сеќавањата нè контролираат и чуваат од конфузија и безнадежност и без нив не можеме да живееме! Но, живеењето само од сеќавања може од животот да направи и фатална агонија“, така подучувал и предупредувал Св. Августин.

И во природата, само човекот успеал да развие индивидуална вештина на сеќавање (ars memoriae), но и индивидуална вештина на селективно или целосно заборавање! Па, нели и Ниче толку многу се занимаваше со човековото заборавење, а и Иво Андриќ ни остави во сеќавање една антологиска мисла дека: „животната сила на еден човек се мери, помеѓу другото, и според неговата способност за заборавање“!

Културата на сеќавање и културата на заборавање се уникатна човекова творба, единствена таква во природата, условена од неговите лични пориви и вештини, но и од општествените прилики и неприлики. Паметењето, сеќавањето и сличниве важни нешта, низ историјата на човештвото имале и различни приоди и различни значења и различни цели.

Од античкиот човек, кој не можел да прави разлика помеѓу своето лично сеќавање и митското паметење со кои живеел во неразделна симбиоза, преку  сеќавањето обликувано од првото писмо и првите печатени документи и книги, до денешново сеќавање кое го обликува доминантната визуелно-дигитална ера, културата на сеќавање и културата на заборавање се во една динамична, променлива и потполна непредвидлива игра, во која подеднакво често и иднината и минатото добиваат контури на непредвидливост! Само природата и кога се игра и поигрува, совршено памети! Но, човекот, не!

Совршеното паметење некогаш се сметало за одлика на успешните луѓе. Така, Плиниј Постариот во својата 37-томна енциклопедија Naturalis historia го спомнува староперсискиот крал Кир Велики кој ги знаел наизуст имињата на сите свои војници! Во една друга студија за феноменот Соломон Шерешевски, руски новинар за кого пишувал и истражувал Александар Лурија, се вели дека благодарејќи на силната синестезија на сите свои сетила имал апсолутно фотографско паметење, кое се покажало непогрешливо точно за време на 30-годишното истражување.

Но, глорифицирањето на совршеното паметење веќе подолго време е критички опсервирано, како во филозофијата, така и во литературата (доволно да се сетиме на неколку ликови од романите на Борхес и нивното страдање поради опседнатоста со совршеното паметење), а и модерната наука акумулира доволно емпириски показатели за неврофизиологијата на активното заборавање! Кога би имале апсолутно фотографско сеќавање, би се чувствувале подеднакво осамено и несреќно, како и кога би биле обземени со комплетно заборавање!

Но, да се вратиме на совршеното паметење на природата и потребата на човекот да опстане, да се прилагоди и да продолжи да живее во склад со сопствената природа, со природата која го опкружува и со општествата кои тој ги креира, а тие ја креираат неговата природа! На човекот му се потребни сеќавања! Токму тие ја чуваат неговата лична порта, пред која обично стојат и демнат, волкот на безначајноста и волкот на бесмислата! А, колку време може да опстои еден човек, една заедница, едно општество или еден народ без сеќавања, покрај волците на бесмислата и безначајноста?! Луѓето и колективитетите без сеќавања, секогаш исчезнуваат први!

Клучната улога која во животот ја имаат паметењето и сеќавањето е игра, која во рамките на еден културен апарат создава смисла, а со неа, како на личен, така и на колективен план е способен само човекот! Затоа и културата на сеќавањето и на паметењето се неопходна симболична рамка за поимањето на светот и нашето место во него, рамка во која се одредуваме каде сме и рамка која ги одредува нашите животни насоки – каде одиме! Минатото е подрачје во кое бараме објаснување за нашите тековни животни проблеми, а споредувањето на минатите и сегашните случувања му даваат на колективното паметење стратешки карактер во обликувањето на нашата сегашност и проектирањето на заедничката иднина!

Значи, културата на сеќавањето е основна претпоставка за односите меѓу луѓето, за нивното меѓусебно разбирање или нивното меѓусебно конфронтирање. Невозможна мисија е да креираме заедничка визија за иднината без заедничка визија за минатото, како неизбежна содржина на секоја општествено-интегративна мисла! Колку визијата за минатото е променлива и нестабилна, толку визијата за иднината е непредвидлива и несигурна! Секој добар социолог и културолог ќе ви потврди дека колку консензусот за континуитетот на една заедница или народ е поширок и посеопфатен, толку мобилизациската моќ на таа колективна слика од минатото и визијата за иднината е помоќна!

Големиот потенцијал на таа моќ на културата на сеќавањето, за властите претставува совршен сојузник, но многу често таа моќ е и нивна главна пречка во практикувањето на владеењето. Оттука, не смее да чуди што власта секогаш се користи со моќта на одредена култура на заборавање, во комбинација со посакувана и потребна култура на сеќавање. Во овој контекст доволно е да се сетиме на Дубравка Угрешиќ и нејзиното луцидна забелешка дека „тешко е, а да не им дадеме право на оние кои тврдат дека секоја политичка битка се водела околу тоа кој ќе ја завладее територијата на колективното паметење“, или онаа бескрајно мудра мисла на Милан Кундера, дека „секоја борба против власта всушност е борба на културата на сеќавањето против културата на заборавањето!“

Во секое општество и секоја политика, постои одреден категорички императив кој наметнува што е добро да се избрише од сеќавањето и што е она што не смее да биде заборавено! И не само заради нашето чувство на припаѓање кон одреден колектив, заедница или народ, туку најмногу заради нашето прилагодување во светот на постојани општествени промени и природата која совршено памети и нè предупредува на тоа – дека мора да се сеќаваме!

Светот во кој живееме е плод токму на таквата дихотомија и постојана борба помеѓу културата на сеќавање и културата на заборавање! Таа борба не е секогаш културна и не секогаш практикува културни правила на игра или средства и инструменти само од културата! За жал, најчесто таа борба се одвива надвор од рамките на елементарно пристојното во борбата на различностите во културите!

Живееме во време на војни до истребување, помеѓу светови со различни концепции на културата на сеќавање и културата на заборавање, и сведоци сме дека светот токму пред наши очи исцртува една нова светска мапа во која се исцртуваат контурите на разликите на двете, во моментов, различни, но и непомирливи концепции за сеќавањето и за заборавањето.

Каде сме ние, во оваа карта на новоисцртани светски доминантни култури на сеќавање и заборавање?! За жал, никаде! Ни овде, ни таму, ни онаму! Културата на себезаборавање, културата на отсуство на припаѓање кон себеси и кон светот (кон кого природно припаѓаме!), падот на културата на себепрепознавање во светот кој е во постојано менување, создадоа комплекс од лични и колективни трауми кои Македонецот денес го прават да биде дезориентиран, оттуѓен од себеси и оттуѓен од своите, растргнат помеѓу толку податливата и политички актуелна култура на заборавање и суштинската потреба на душата, да се сеќава!

…………………….. ……………………………..

Деновиве, низ Македонија премиерно патува една фотографска изложба на досега невидени портрети на македонски револуционери од периодот 1893 до 1934, грижливо собирани од двајца колекционери Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски. Изложбата насловена како „Лица на револуцијата“ ја имаше својата премиера во изложбениот салон на МАНУ, а академската, стручната и културната фела покажаа исклучителен интерес за премиерно изложените фотографии, кои деновиве ќе бидат претставени и пред публиките во Гевгелија, Битола, Прилеп, Штип, Охрид, Велес…

За нас, кои негуваме своја култура на сеќавање од мали нозе, најнапред преку долгите бдеења пред семејните албуми со фотографии, па преку првите книги со илустрации, преку стриповите и илустрираните весници и списанија, или преку омотите од омилените ЛП плочи, загледани со часови во нив, слушајќи музика, лесно ќе запловиме во „нови приказни од илјада зборови“ и од стариве, но дури сега, за првпат објавени фотографии!

За нас кои знаеме нешто повеќе од историјата, во нашето сеќавање повторно со леснотија ќе оживееме личности кои ја одредиле и нашата и судбината на многу генерации Македонци. Со колекцијава од нови фотографии, уште толку живи ни стануваат животните стории на учителката Јанка Каневчева, големата љубов и тајна свршеница на Гоце Делчев, на една од фотографиите е забележана смртта на Јане Сандански, на друга го гледаме Христо Батанџиев гушнат со својот син, на останатите Борис Сарафов и Протуѓеров, па Ѓорче Потрев, Димо Хаџи Димов, Павел Шатев, Методи Шаторов-Шарло и плејада други, а покрај изложбата само ни се потврдува сознанието дека овие историски важни личности живеат и припаѓаат онаму, каде културата на сеќавање, приказните, митовите и песните за нив сè уште живо живеат и влијаат на животите на луѓето!

Некој ќе рече, вака ли ќе одиме низ 21 век, со вакви „сторија и влијанија“ (покрај толку други поатрактивни и попривлечни кои со еден клик сами ни се подаваат преку паметниве уреди од дигиталната ера?!) Па уште и со црно-бели и пожолтени фотографии на револуционери кои биле и идеолошки непријатели, а понекогаш и повеќе од тоа, како што ќе запише во рецензијата кон изложбата д-р Никола Жежов?! Некој друг ќе рече, а каде сме денес, 100-на години потоа, на идентичен начин непријателски меѓусебно поделени- и кога нема поголеми идеолошки причини за тоа! Некој трет ќе рече, а како поинаку, освен преку сеќавањето повторно да учиме, да се одредуваме (и никогаш да не се одродуваме!) и да се сплотуваме околу сопственото минато и со тоа да креираме и пристојна сегашност и своја заедничка иднина!

Нема поприроден пат од овој, кога сакаме и кога можеме да нурнеме подлабоко до своите корени, да ја наполниме душата со добра енергија и моќна емпатија и патем, да однегуваме една, колку може пошироко прифатена култура на сеќавање, што ќе нè прави моќни пред предизвиците на новото во нашите животи!

Како што природата наложува и како што душата посакува!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.