Петар Поп-Арсов
Гужвите, долгите колони и чекањето со часови на граничните премини станаа секојдневна појава. Тоа е особено изразено во летниот период за време на сезоната на одмори и патувања. Ние како граѓани на земја низ која што поминува коридорот десет на правецот север-југ и обратно, сме сведоци, но истовремено и директни учесници во сите гужви и гужвички кои што се случуваат на македонските гранични премини. Ние сме дел од доживувањата, возбудата, но и нервозата која што со себе ги носат долгите колони и чекањето со часови.
Тука особено се мисли на граничните премини Табановце и Богородица кои што се најексплоатирани токму во летниот период. Ако за Богородица гужвите се нешто сосема нормално, традиционално и очекувано поради фактот што поголемиот дел од македонските граѓани своите летни одмори ги поминуваат на бреговите на Егејот, впечаток е дека на Табановце гужвите и долгите колони се од понов датум. Ако на Богородица, независно од непрегледните колони кои полека се движат на пеколните горештини, постои впечаток дека службените лица од двете земји даваат свој максимум за што е можно побрзо преминување на границата, на Табановце впечатокот за причините за долгите колони е сосема поинаков.
Да бидеме појасни. Тука не се работи за негативен впечаток кој што се однесува на службените лица кои што работат на преминот на Табановце, туку за системот кој што е воспоставен од пред некоја година и кој што функционира како таков, придонесувајќи за непотребно создавање на подолги колони отколу што би требало да бидат во услови на подобра организација.
Имено, се работи за таканаречениот One stop shop воведен точно пред пет години, некаде кон крајот на август во 2019 година. Воведен во услови на нереално нагласен ентузијазам на претходната владејачка гарнитура во времето кога се правеше „мини Шенген“ во регионот, во услови кога се воспоставуваше т.н. Отворен Балкан и кога се правеа театарски претстави за т.н. отворање на границите за побрз проток на стоки, услуги, добра и патници, како и за поефикасно откривање на нелегални прекугранични активности и зголемување на безбедноста.
Е сега, за забрзување на протокот на стоките и услугите, како и за поефикасното откривање на нелегалните прекугранични активности можат да говорат оние кои што се директно засегнати и инволвирани во бизнисите кои користат прекуграничен транспорт. За сузбивањето на нелегалните активности, корупцијата и криминалот треба да постојат службени записи и истите треба да се споредат со претходниот период кое што е обврска на оние кои што се задолжени за овој сегмент. Тие најдобро знаат дали овој систем е функционален и ги дава проектираните резултати во овој дел.
Веројатно има некои подобрувања, но тоа е далеку од интересот и од очите на еден граѓанин кој како обичен патник има потреба да ја помине границата. Она што нас како патници нѐ интересира во врска со граничните премини е тоа како да ја поминеме границата без долги задржувања, чекање, трошење на бензин во место итн., итн.
Како функционира системот One stop shop? Каде е неговиот недостаток кој непотребно продуцира подолги колони и чекање на преминот на Табановце?! Тука конкретно се мисли на делот за идентификација на патниците и возилата, нивното внесување во системот и ставањето печат во пасошите од страна на полициските службеници кое што претставува стандарден ритуал за секој патник во делот кој што е под ингеренции на МВР.
Според актуелниот начин на функционирање, пасошката контрола при излезот од Македонија е на српската страна, додека при влез процедурите се спроведуваат на македонската страна од преминот. Првото нешто кое што нѐ дочекува при влез во или излез државата се полициските кабини на македонските и српските погранични власти кои што се соодветно позиционирани на растојание од десетина метри. Возилото со патници првин се контролира од едните, а потоа од другите службеници, што значи дека тука не постои една туку постојат две контроли, исто онака како што постоеја и претходно.
Проблемот се јавува во моментот кога на контролниот пункт последователно приоѓаат возила со различен број на патници. На пример, ако напред се движи возило во кое што има семејство со четири или пет патника, а по него следи возило во кое што има само еден патник, односно само возачот. По возолото со еден патник доаѓа возило кое што повторно има повеќе патници и така во низа според законите на веројатноста.
Првото возило со четири-пет патника ќе помине за онолку време колку што е потребно да бидат прецесоирани сите патници на првата контролна кабина. На пример, на влезот во Македонија возилото прво ќе биде прегледано од српскиот службеник, а потоа се упатува веднаш и во непосредна близина во должина на едно патничко возило на втората контрола кај македонските службеници.
Во истиот момент кај српската кабина пристапува возилото со еден патник при што на двете места се спроведува стандардната контрола во исто време. Сосема е разбирливо дека возилото со еден патник ќе биде прегледано од српскиот службеник за четири до пет пати пократко време одошто тоа ќе биде сторено од македонскиот службеник кој врши контрола на возило полно со патници.
Токму во тој момент, буквално поради споените кабини и физичката неможност за придвижување на возилото со еден патник, тоа ќе остане да чека пред кабината на српскиот службеник се додека не биде извршена потребната контрола на возилото пред него од македонските службени лица. Во тие неколку минути српскиот службеник не работи ништо, има празен од и чека да се ослободи просторот за да пристапи следното возило.
Кога ќе заврши контролата на македонска страна на возилото со повеќе патници, тогаш возилото со еден патник ќе пристапи на македонската контрола, а во исто време кај српската кабина ќе пристапи следното возило со четири патника (на пример). За очекување и логично е дека македонскиот службеник ќе изврши преглед за четири до пет пати пократко време од српскиот, кој сега повторно врши преглед на полно возило со патници. Овој пат празен од има кај македонскиот службеник кој го чека следното возило кое што е прегледувано на само неколку метри од страна на српските службеници.
Додека првите работат, вторите чекаат. Потоа вторите работат, а првите чекаат. И така во континуитет, непотребно зголемувајќи го времето на чекање на граничниот премин Табановце. Тука не се работи за застој или загуба на време кој што е предизвикан од зголемениот број на патници, или неработењето на полициските службеници, туку поради лошо поставениот систем на функционирање. Постои реална загуба на време, непотребна потрошувачка на горива, емисија на штетни гасови и сите останати аспекти кои што може да ги додадеме како дополнување.
Доколку се функционираше според стариот систем во делот на патничкиот сообраќај, тогаш меѓуграничната зона ќе беше амортизер кој што ќе го елиминира празниот од во работењето на полициските службеници и значително ќе го намали времето на чекање, ќе ја намали нервозата кај патниците и притисокот врз службениците.
Петте години од функционирањето на оваа иновација се повеќе од доволни за да се направат сите потребни анализи и да се дојде до заклучок кој што со голо око е видлив за секој патник заглавен во гужвите на граничните премини. Тоа е заклучок кој што е лесно пресметлив за секој статистичар и математичар кој макар на момент би обрнал внимание на ова прашање. Време е за подобрување на системот на функционирање на ГП Табановце затоа што задржувањето на принципот „како до сега“ ќе нѐ остави уште долго да бидеме заглавени во колоните и да си чекаме и чекаме поради фабричката грешка на системот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.