Петар Поп-Арсов

Чекор по чекор, ден по ден, лека-полека влегуваме во финалете. Влегуваме во самата завршница на она што со нетрпение го очекувавме. Доаѓаме до разрешницата на равенката со повеќе непознати која ни беше наметна како неизбежна обврска за решавање. Кој ќе биде победникот?

Не, не зборувам за тековното Европското првенство во ракомет на кое Македонија зеде учество и редовно учествува на секое првенство како дел од европската ракометна елита. Не зборувам за успесите и „неуспесите“ на оние најдобрите кои што ги имаме во спортот. Тоа е онаа убавата страна на животот и веселата страна на математиката и равенките со повеќе непознати.

Зборувам за друг „спорт“ и за други „спортисти“. За оние што играат на мали голчиња. За политиката и политичарите. За изборите кои треба да дадат одговор барем на едно од многуте прашања. Ќе остане ли ракометот и ракометната репрезентација единствената светла точка која одамна е дел од европската ракометна унија, или можеби и државата ќе собере сила да покаже квалитет и стандард со кој ќе го добие европскиот билет во еден правец и конечно да мрдне
од дното?
Ќе видиме по изборите!

Минатата година имаше неколку прашања околу кои се кршеа политичките копја. Едно од нив беше прашањето дали изборите ќе бидат предвремени или редовни. Таа дилема е расчистена, изборите се редовни. Премиерот Ковачевски некако дотурка до крајот на својот октроиран мандат. Тоа всушност беше неговата ултимативна цел. Приказните за европска Македонија, почеток на преговорите со ЕУ, борбата со корупцијата и криминалот беа само гола реторика за да се остане уште некој ден на власт. Тоа им е сосема јасно на оние кои што го познаваат. Впрочем и праксата ја докажа оваа констатација. Резултат или било какво постигнување од него и неговиот премиерски мандат, нема!

Втората непозната се однесуваше на тоа дали претседателските и парламентарните избори ќе одат заедно или одвоено. И тоа е расчистено. За среќа и за помал трошок на народните пари, пратениците и претседателот ќе ги избираме во ист ден. А, сосема малку недостасуваше оваа власт да се заинати и да одлучи поинаку.

Последната непозната за која уште постојат неизвесност и нејаснотии во јавноста е тоа дали ќе има „Пржинска влада“ и во каков состав? Токму ова прашање е можеби клучното прашање кое ќе ја определи почетната интонација на сѐ она што потоа ќе следи. Ова е прашањето кое може да биде game changer на јасната траекторија по која се движи предизборниот процес со релативно јасно предвидливи изборни резултати.

Граѓаните се против оваа власт! Независно од тоа дали мнозинството од нив се определени за најголемиот опозиционен блок, или пак помал дел даваат поддршка на помалите опозициони партии, констатација е дека власта нема доверба кај народот. Впечаток е дека значителен дел од гласачите овој пат ќе гласаат против, против власта, а тие не се малку. Затоа е сосема легитимно прашањето, каков бенефит може да има некој што ќе учествува во оваа власт и влада до изборите, макар тоа било и само технички? Каков политички бенефит може да има некој чии што министри ќе положат заклетва под лидерство на Талат Џафери, спикерот кој што ги кршеше и прекрши сите демократски процедури во Собранието?!
Да ги загуби оние кои што по секоја цена ќе гласаат против секаква форма на власт благодарение на анимозитетот создаден од Ковачевски, Заев, Пендаровски, Спасовски, Талат, Груби, Османи и останатите?!

„Пржинската влада“ им одговара на губитниците, на оние кои што немаат поддршака во народот и на оние кои што бараат начин да ги заобиколат правилата на функционирање на една демократија. Така беше во 2016 година, така е и сега. Токму затоа Ковачевски и неговите толку силно притискаат и инсистираат оваа влада да биде повторно формирана. Токму затоа Ковачевски е најзаинтересираниот и најактивниот протеже на „Пржинската влада“.

Техничката влада ќе му овозможи на Ковачевски макар и минимален простор на опозиционо делување во неговата реторика, додека во исто време ќе ја има речиси целата контрола над извршната власт. Ковачевски покажа дека е „прљав“ играч кој воопшто не се грижи за штетата која што им ја прави на државата и граѓаните. Тој бескрупулозно ќе ја искористи можноста за лов во матнотијата која неминовно ќе се создаде со самото формирање на техничката влада.

Затоа Ковачевски ја „плаши“ опозицијата и се заканува дека ќе останат празни министерските места на ВМРО-ДПМНЕ во кабинетот на Џафери (кадарот на СДСМ за технички премиер) доколку пратениците на оваа партија не гласаат за избор на „Пржинската влада“. Големото чудо! Законска обврска на најголемата парламентарна опозиција е да даде предлог кандидати, но никаде во законот не пишува дека пратеникот како индивидуа треба и да гласа вака или онака. Не пишува ниту дека евентуално избраниот министер не смее да си даде оставка веднаш по евентуалниот избор во Собранието. Има безброј можности за превенирање на политичката штета која што со себе ја носи „Пржинската влада. Заблуда е да се помисли дека некакви министри со технички ограничен мандат, изолирани во четирите ѕида на министерските кабинети, опкружени со кадри и структури на сегашната власт ќе можат нешто корисно да сработат или пак да спречат нешто што сегашнава влада го наумила и веќе испланирала. Залудно е да мислиме дека некојси министер за внатрешни, од редовите на сегашната опозиција, ќе може да се носи со структурите поставени од Оливер Спасовски, кој што во периодот до изборите ќе раководи од сенка. Да бидеме реални, техничките министри и заменици не можеа ништо да сторат ниту на изборите во 2016 година доколку веќе претходно не беше испланирано „Пржинската влада“ да биде параван и форма зад која ќе се случи трансфер на власта спротивно на волјата на граѓаните.

Ќе биде сериозен политички чекор назад секоја помисла или потег со кој МВР или други владини ресори да бидат инволвирани во изборен поткуп или изборни нерегуларности. Добро организирана партиска структура може да биде одличен механизам за спречување на секаков обид за поткуп или фалсификување на изборите. Тоа е единствената сила врз која опозицијата може да се потпре и да го истурка процесот до крај. МВР нека си ја брка својата законска обврска, а активности кои би биле спротивно на законот и народната волја ќе бидат соодветно санкционирани.

Пржинската влада“ не и доликува на една земја членка на НАТО. Ваквата влада не е решение за демократијата во една земја која претендира да стане членка на ЕУ. Таквата влада ќе се претвори само во изговор, споделена одговорност, стимулирање и легитимирање на изборните нерегуларности, токму спротивно на она за што и беше предвидена.

„Пржинската влада“ е надмината форма во демократските процеси во Македонија и истата треба да биде оставена да потоне заедно со владата на Ковачевски.
Одговорноста мора да има адреса!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.