Фатмир Бесими
Во текот на годината којашто изминува редовно ѝ се обраќав на јавноста, читателите, преку моите колумни. Иако, признавам, пишувам многу екстензивно и детално, како економист стојам зад тоа дека за да се формира мислење за одредена тема, треба да се имаат сите информации, или како што често велам „да се има целосната слика“. Така, пишувајќи за буџетот, за даночната политика, реформите во јавните финансии, системските реформи во јавниот сектор, стратегиите за заздравување од неколкуте глобални кризи кои ја погодија економијата, како и плановите за забрзување на растот и европската иднина, преку факти и бројки поткрепени со економска теорија, сакав да придонесам кон транспарентноста и отчетноста, како и разбирањето на состојбите, процесите и целите за нашата економија.
Додека стоиме на прагот на новата година, најпогоден момент e да размислиме за патот којшто го минавме и за она што ни претстои. Догодина на економски план ни претстои многу работа, затоа да видиме до каде сме сега, што е следно и кои се нашите цели. Крајната цел секако е подобра и попросперитена, европска иднина за нашите граѓани преку економски раст, подобрување на јавните услуги, јакнење на конкурентноста, инвестиции во човечкиот капитал и во стратешки капитални проекти.
Дозволете ми преку оваа колумна, преку елаборирање на макроекономските показатели и развојни стратегии, да дадам една севкупна слика за остварувањата годинава и очекувањата за догодина и на среден рок.
- БДП: ТЕШКА ГОДИНА, ОТПОРНА ЕКОНОМИЈА
Во годината која изминува глобалната економија продолжи да заздравува од шоковите поврзани со пандемијата, руската инвазија на Украина и двоцифрената инфлација. Сепак, не може да се каже дека светската економија заплови во мирни води, имајќи ги предвид заострувањето на финансиските услови, а воедно и намалениот простор за фискална поддршка поради повисоките нивоа на јавен долг, понатаму, геополитичката и геоекономската фрагментација, како и ризиците поврзани со климатските промени. Глобалната економија покажа висока отпорност и покрај нарушувањата на пазарите за енергија и храна, и продолжи да бележи позитивни економски резултати, со тоа што растот на глобалната економија забави, но не запре. Според есенските проекции на ММФ растот на глобалната економија се очекува да забави од 3,5% во 2022 година на 3% годинава и 2,9% во 2024 година. Економската активност во ЕУ во 2023 година се очекува да остане слаба и да забележи раст од 0,7%, додека во 2024 година растот е проектиран на 1,5%. СР Германија, земја во која е насочен најголемиот дел од извозот на домашните компании, се очекува да закрепне и да забележи раст од 0,9% во 2024 година, по проектираниот пад од 0,5% во 2023 година.
Догодина забрзување на растот на домашната економија
Во услови на континуирана криза и неизвесност предизвикана од неповолни надворешни фактори, нашата домашна економија се покажа отпорна и остана на патеката на растот, иако, како и глобалната економија се забележува забавување на економската активност. За следната година се очекува забрзување на економската активност, помогнато од повисокиот раст кај нашите најголеми трговски партнери, а со тоа и раст на странската побарувачка, како и напреднувањето на најголемиот инвестициски циклус во кој е влезена нашата земја преку крупните инфраструктурни проекти. Економскиот раст во 2024 година се очекува да изнесува 3,4%, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот се очекува да имаат бруто-инвестициите, пред сѐ како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, односно коридорите 8 и 10, како и државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата преку алтернативни извори и инструменти за финансирање и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони за раст на приватните инвестиции. Исто така, се очекува започнувањето на пристапниот процес кон ЕУ, да ги зајакне реформските процеси во земјата и да обезбеди зголемена поддршка за инвестции со што дополнително ќе се унапреди довербата кај инвеститорите. Поволните услови во земјата како и зголемениот интерес и поддршка за инвестиции во обновливи извори на енергија дополнително ќе ја поддржи инвестициската активност.
Просечни годишни стапки од над 5% со Планот за забрзување на растот
Очекувањата на среден рок се дека економскиот раст ќе забрзува, со спроведување активностите и мерките од развојните планови, за да ги достигне потребните стапки за побрза конвергенција, од околу 5%. Ова е под претпоставка дека нема да се соочиме со поголеми шокови, каков што беше случајот со изминатите години.
Тука, накусо би се осврнал на стратегијата и политиките кои би се спроведувале на среден рок за да се забрза економскиот раст, односно Планот за забрзан економски раст и Планот за јавни инвестиции, поддржани со политики за макроекономска стабилност и фискална одржливост. Планот за забрзан економски раст 2022-2026 година е општа рамка која ги зема предвид сите елементи, што можат да придонесат кон зајакнување на потенцијалот за раст на среднорочна основа и претставува надоврзување на Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст („SmartER Growth“). Со Планот се предлагаат иновативни начини за финансирање на инвестициите, јавни и приватни, преку користење на сите расположливи средства понудени од официјалните кредитори и користење на сите можности за мобилизација на приватниот капитал. Покрај буџетските средства, предвидено е и финансирање преку грантови, акции, концесии, нови видови обврзници, јавно-приватни партнерства итн. Во рамки на Планот за забрзан економски раст, Министерството за финансии веќе успешно ги реализира првите емисии на граѓанската и зелената обврзница, а во наредниот период се планира да бидат воведени и проектната и развојната обврзница, средства кои се наменети кон развојни и зелени проекти.
Во Планот на јавни инвестиции се утврдени повеќегодишните, стратешки важни капитални проекти, како инфраструктурните проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството и заштитата на животната средина. Тие се финансираат преку диверзифицирани извори и тоа од буџетски средства, донации, пред се ИПА фондови, како и заеми од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори. Тука спаѓаат автопатските делници и пругите на Коридорот 8 и 10, гасификацијата, ХЕЦ „Чебрен“, ветерни паркови и фотонапонски електрани, пречистителна станица за отпадни води во Скопје и станици за цврст отпад и многу други проекти.
Кон забрзување на економскиот раст ќе придонесе и понатамошниот напредок во интегративниот процес кон ЕУ, како и Планот за раст на Западен Балкан, на кој ќе се осврнам кон крајот на овој текст.
- ИНФЛАЦИЈА: ВРАЌАЊЕ НА ИСТОРИСКИОТ ПРОСЕК
Глобално, по достигнување на највисоката стапка на инфлација минатата година, од ‘80-тите години од минатиот век наваму, инфлацијата и инфлациските очекувања годинава се стабилизираат. Глобалната инфлација се очекува да се намали од 8,7% во 2022 година на 6,9% во 2023 и 5,8% во 2024 година. Инфлацијата во Еврозоната е проектирана на 5,6% во 2023 година и 3,3% во 2024 година. Враќање на историски ниските стапки на инфлација од 2% се очекува да се постигне на среден рок, односно 2025 година.
И кај нас, откако во октомври 2022 година инфлацијата го достигна своето највисоко ниво од 19,8%, натаму таа во континуитет се намалува и согласно последните расположиви податоци годишната инфлација во ноември изнесува 3,1%. Кумулативно во периодот јануари-ноември 2023 година стапката на инфлација изнесува 10,2%, додека нашата проекција е дека за цела година ќе се вратиме на едноцифрена просечна стапка од околу 9%. Следната година се очекува понатамошно намалување на стапката на инфлацијата. Очекувањата за неа во 2024 година се 3,6% во услови на одржување на стабилно ниво на цени на енергенси и храна на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација, додека на среден рок, односно 2025 година би се вратиле на историски ниските стапки од 2%.
Надминат јазот помеѓу домашната и европската стапка на инфлација
Мерките кои ги презема Владата, во комбинација со затегнатата монетарна политика на Народната банка, дадоа резултати, ако се земе трендот на движење на инфлацијата минатата и оваа година, каде забележуваме остар пад, како и надминување на јазот кој постоеше во однос на просечната стапка на инфлација во ЕУ поради структурните разлики на економијата. Имено, ако во ноември минатата година во ЕУ годишната стапка на инфлација изнесуваше 10,1%, а кај нас 19,5%, односно разликата е 9,4 п.п., во ноември 2023 година и кај нас и во ЕУ стапката на инфлација е 3,1%. Големото учество на храната во индексот на потрошувачките цени и увозот на енергенти имаа силно влијание врз домашната инфлација.
Ќе истакнам дека од почетокот на енергетската криза досега, Владата донесе три пакета на мерки за справување со енергетската и ценовната криза (со овие три, од почетокот на пандемијата наваму, Владата донесе вкупно девет пакети антикризни мерки). Мерките за справување со енергетската и ценовната криза на почетокот беа насочени кон ублажување на ценовниот шок од растот на цените на енергенсите врз населението и компаниите, преку субвенционирање на цената на електричната енергија и повластена стапка на ДДВ за електричната енергија. Подоцна мерките ги насочивме кон ублажување на последиците од високите цени на храната, преку мерки за замрзнување на основните производи, зголемување на минималната плата, пензии, плати во јавниот сектор, како и еднократни финансиски додатоци кон најранливите категории на граѓани. Мерките кои ги преземавме овозможија да се забави ефектот на пренос на увезената инфлација и спречување на повисоки ценовни шокови.
Догодина, најавувам дека продолжува реализацијата на антикризните мерки, преку понатамошно спроведување на деветиот пакт, кој е во износ од 662,4 милиони евра. Десетина од мерките предвидени со деветиот пакет ќе се реализираат во 2024 година и со тоа ќе продолжи да се дава поддршка на граѓаните и стопанството во насока на нивна заштита и поттикнување на конкурентноста.
- ВРАБОТЕНОСТ, ПЛАТИ, ПЕНЗИИ: РАСТ ГОДИНАВА, РАСТ И ДОГОДИНА
Во 2023 година продолжи трендот на намалување на невработеноста и пораст на вработеноста. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во третото тримесечје годинава е на историски најниско ниво и изнесува 12,8% во категоријата 15-74 и истата е намалена за 0,5 п.п. во споредба со почетокот на годината, односно со првото тримесечје. Стапката на вработеност во категоријата 15-89 во третото тримесечје изнесува 45,7% и во однос на првото тримесечје е зголемена за 0,6 п.п. притоа, бројот на вкупно вработени лица од првото до третото тримесечје е зголемен за околу 9.500 лица. Позитивните движења на пазарот на труд се очекува да продолжат и во 2024 година, како резултат на зголемените инвестиции и потребата од работна сила, активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Така, догодина се очекува раст на бројот на вработени од 2%, што ќе резултира со дополнително намалување на стапката на невработеност наредната година.
Просечната плата во 2023 година имаше изразен раст, кој согласно последните податоци во октомври покажува годишен раст од околу 17%, односно просечната нето-плата достигна 38.843 денари, што е зголемување за 66% во изминатите шест години. Растот на платите во изминатиот период е резултат на Владините мерки за покачување минималната плата за над 100%. Влијание на ова има и повеќекратното зголемување на платите во јавниот сектор низ годините, вклучително и последното за целиот јавен сектор од 10%. Исто така, Владата во неколку наврати субвенционираше покачување на платите во приватниот сектор, преку финансиска поддршка и даночни олеснувања. Кај пензиите продолжи трендот на зголемување преку нивно усогласување, со раст од 21%. Растот на просечната нето-плата следната година се очекува да изнесува 8,4% на номинална основа. Исто така, и недостигот на работна сила за некои позиции во приватниот сектор дополнително придонесува за раст на платите.
Донесени системски мерки за плати и вработување во јавниот сектор
Она што е многу важно да се истакне е дека во изминатиот период се донесоа многу системски решенија во поглед на утврдувањето на минималната плата согласно порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата, како и кај пензиите. Исто така, беше договорено системско решение за исплатата на плати во јавниот сектор согласно методологија која ќе стапи на сила од 2025 година, а вратена е и исплатата на К-15.
Во поглед на вработувањата во јавниот сектор донесено е правилото да не се вработуваат нови лица, освен за пополнување на места на пензионирани лица или одлив по друг основ. Процесот на вработување во јавната администрација од догодина, исто така, ќе биде помалку бирократизиран, а со поголема одговорност за одговорните лица од институциите, со што ќе се подобри и ефикасноста и ефективноста. Ова e системска промена во процесот на вработување во јавниот сектор, при што тој ќе се врши врз основа на одобрен годишен план за вработување во буџетскиот корисник или институцијата и врз основа на изгласаниот Буџет во Собранието, надополнето со изјава од страна на раководното лице на институцијата за обезбедени средства за вработување за која сноси одговорност.
- РЕФОРМИ ВО ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ
Во поглед на реформите во јавните финансии, годинава направен е напредок кон спроведување на Законот за буџети. Пред се, ќе истакнам дека е избран составот на Фискалниот совет, независен орган, кој е веќе оперативен и ќе почне да го надгледува спроведувањето на фискалните правила, како и стратешките документи и извештаи поврзани фискалните и макроекономски политики.
Направени се и чекори понатаму кон обезбедување на финансирање и понатамошно спроведување на интегрираните системи во јавните финансии, односно Интегрираниот информациски систем за финансиско управување во Министерството за финансии – ИФМИС, потоа Информациски систем за управување со државна помош – САМИС, како целосно нов информациски систем за управување со државна помош кој ќе биде лоциран во Кабинетот за заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, како и целосно нов Информациски систем за управување со даночните приходи на Управата за јавни приходи (ИДИС). Преку дигитализацијата на јавните финансии ќе се придонесе за промовирање на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста во управувањето со јавните финансии и обезбедување подобри услуги за граѓаните.
Би сакал да истакнам дека Законот за буџетите воспоставува современ концепт на среднорочно буџетско планирање, согласно ЕУ директивите и најдобрите меѓународни пракси. Тој поставува рамка на одржлива фискална политика, висока буџетската дисциплина и транспарентост. Со овој закон во наредниот среднорочен период, се очекува фискалната политика да биде насочена кон консолидација на јавните расходи, преку постепено намалување на нивото на дефицитот, согласно воспоставените фискални правила. Во наредниот период, со меѓународна поддршка, Министерството за финансии ќе продолжи да работи на изработка на подзаконски акти за операционализирање на Закнот.
- НАЦИОНАЛНИ РАЗВОЈНИ СТРАТЕГИИ
Националната развојна стратегија за периодот 2024-2044 се темели на следните приоритетни области: 1. Одржлива, иновативна и конкурентна економија, 2. Одржлив локален и регионален развој, кој обезбедува кохезија, 3. Демографска ревитализација и социјален и културен развој, 4. Владеење на правото и добро управување, 5. Сигурно, безбедно и отпорно општество, и 6. Зелена трансформација.
Според сценаријата за раст на економијата во наредните дваесет години се проектира просечен годишен реален раст на БДП за 2,6% во базичното сценарио и 4,7% според интегралното сценарио, односно со примена на реформите според стратешките приоритетни области од стратегијата. Со интегралното сценарио како преферирана опција во 2044 година во однос на 2024 година ќе оствариме побрз раст на животниот стандард (БДП по глава на жител ќе биде за 70% повисок), позначајно ќе се намали нивото на сиромаштијата (од 6,1% на 0,4% лица со дневен доход од 2.15 УСД), приходите во буџетот ќе достигнат ниво од 43,5% од БДП, што е значително повисоко во однос на сегашната проекција за 2024 година на ниво од 31,7% од БДП. За да се постигне побрза конвергенција со земјите на ЕУ во однос на новите земји членки (Хрватска и други), нашиот економски раст ќе треба дабиде над 5%. Нешто повеќе што ќе ни го обезбеди епитетот на „економско чудо на Балканот“.
За успешна реализација на Националната развојна стратегија неопходни се и секторски стратегии и програми со акциски планови. Значајна улога во ова ќе имаат и имплементацијата на новите стратегии по области и приоритети кои се ревидирани и подготвени во последните две години, и тоа: Стратегијата за развој на човечкиот капитал, Стратегијата за паметна специјализација, Стратегијата за унапредување на извозот, Стратегијата за одржлив развој, Стратегијата за развој на енергетиката, Стратегијата за дигитализација и сајбер безбедност, Стратегијата за локален и регионален развој Стратегијата за управување со јавните финансии, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и стратегии во областа на развојот на земјоделството и безбедноста на храна, стратегии во областа на социјалната заштита, здравството, образованието, културата, туризмот, поддршката на млади и спорт, безбедноста и одбраната.
Интензивно работиме на развојни стратегии во соработка со други меѓународни институции и Европска Унија, меѓу кои би ги издвоил: Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан 2024-2027 во износ од 6 милијарди евра за цел регион, од кои околу 900 милиони евра ќе бидат за нашата економија, како и Рамката за партнерство со Светска Банка 2024-2028 проектиран во износ од околу 900 милиони евра за развој на нашата економија.
- ПРОСПЕРИТЕТНА И ЕВРОПСКА ИДНИНА
Посебно би сакал да се осврнам на Планот за раст на Западен Балкан, кој е голема шанса дадена од Европската унија за земјите од регионот за побрза конверегенција и присоединување кон ЕУ. Овој План практично им овозможува на земјите од регионот да користат дел од придобивките на ЕУ уште пред да станат нејзини членки. Преку негова реализација, целта е да се поттикне економскиот раст и да се забрза социоекономската конвергенција на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, а со тоа и нивното приклучување кон Унијата. Планот во вредност се состои од четири столба: 1) Зголемување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија; 2) Поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан; 3) Забрзување на структурните реформи и поддршка на евроинтеграцискиот процес на Западен Балкан, подобрување на одржливоста на економскиот раст, привлекување странски инвестиции и зајакнување на регионалната стабилност и 4) Зголемување на финансиската поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Фондот за реформи и раст.
Покрај значајната финансиска поддршка која како земја ќе ја добиеме преку овој План, дополнително добиваме можност да ја забрзаме реформската агенда, да се приближиме повеќе до ЕУ и како што често пишувам, „да ја донесеме ЕУ дома, пред да станеме дел од ЕУ“. Реализацијата на планот, кој е трае четири години, треба да започне веќе догодина и треба да бидеме подготвени максимално да ја искористиме оваа подадена рака.
- ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС И ДОГОВОР
Иднината е тоа што им припаѓа на идните генерации, а таа зависи од нашите одлуки во сегашноста. Од тие одлуки зависи и опстанокот на нашето битие. Затоа е клучно да постои меѓугенерациски општествен договор. Всушност, договор што се докажал како најнапредна форма на општествена свест што бил клучен за развојот на човечката цивилизација и неспорно тоа што го разликува човекот од сите други живи суштества во нашата планета. Пренесувањето на „штафетата на достигнатото ниво на знаење“ од една на друга генерација нѐ направи најинтелигентните суштества што би ни завидувале и највредните пчели кои целиот свој трудољубив живот го посветуваат во хармонија со природата за креирање на мед за себе и останатите. Тие се така програмирани биолошки и нивниот животен век е ист за секоја пчела и секоја генерација. Нивниот животен циклус е идентичен за секоја генерација. Затоа што тие, за жал, ја немаат интелигенцијата и колективната свест којашто ја поседува човекот.
За да бидеме „економското чудо на Балканот“ потребен е еден општествен консензус за стратешките приоритети, еден општествен отворен дијалог за сите клучни прашања. Потребно е лидерство коешто ќе ја одрази колективната свест за подобра иднина и меѓугенерацискиот договор дека оваа генерација ќе обезбеди подобра иднина за идната генерација тука, а таа ќе продолжи и ќе остане тука за да го пренесе овој аманет на наредната генерација, таа на следната и така натаму. Убеден сум дека ова е возможно. Со лидерство и јасна визија за иднината, да преминеме преку разликите и краткорочните убедувања кон постигнување на договор за стратешките приоритети. Консензус и договор за клучните развојни приоритети, поконкурентна економија, напредни технологии и одржлив развој, повисок стандард и квалитет на живеење, чиста животна средина, безбедна и просперитетна земја!
На крајот, би сакал да истакнам дека по карактер сум реалист и иако сумарно во оваа колумна провејуваат позитивни очекувања за економијата, мора да нагласам дека ризиците се сѐ уште присутни. Затоа мора да бидеме будни и внимателни, да ги користиме можностите и да преземаме соодветни мерки и политики за надминување на опасностите. Градењето на попросперитетна иднина за сите нас се заснова на добра стратегија, план за реализација и доследност и посветеност кон тој план, како и општествен консензус за стратешките приоритети. Тогаш, резултатите нема да изостанат!
Ви посакувам на сите среќна и успешна Нова 2024 година!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.