Васко Шутаров
Во втората половина од 19 век, Франција сè потешко се носи со стекнатиот имиџ на најголема светска империјална сила и во неколкувековната конкурентска борба со Британската империја почнува да потклекнува и да ја губи доминацијата. Француското колонијално царство било огромно и француските власти барале начин како да ги скратат огромните финансиски издатоци за управување на огромниот број колонизирани држави, распослани по сите светски меридијани. Тогашната француска одлука била и оригинална и визионерска ̶ наместо да се трошат милијарди франци за испраќање војска, жандармерија и администрација во колонизираните земји, Франција преку вложувања и промоција во француската музика, јазик и литература, мода и кујна, ќе се обиде да ги освои срцата и умовите на народите кои се под нејзина колонијална управа!
Околу оваа генијална идеја се обединуваат тогашните најголеми француски умови: научникот Луј Пастер, писателите Жил Верн и Ернест Ренан, дипломатот и градител на Суецкиот канал, Фердинанд де Лесепс и сопственикот на најголемото француско книгоиздателство, Арман Колен. Во јули 1883 година се раѓа идејата, со која преку француската култура се креира најповолна и најпривлечна можна перцепција за Франција меѓу народите во светот и така се создава Алијанс Франсез! Денес, тоа е, сè уште, најраширената мрежа за културна дипломатија во светот!
(Франција, два века пред оваа важна културно-дипломатска одлука, била исклучително моќна дипломатска сила, а францускиот јазик бил дипломатски јазик, кој задолжително морале да го познаваат сите дипломати на тогашните светски сили. Но, кога од втората половина на 19 век, Франција веќе чувствува дека нејзината дипломатија не може да парира на тврдата моќ на веќе помоќните држави, ја измислува и станува родно место на културната дипломатија!)
Истата таа 1883 година, во Германија умира најголемиот композитор на тогашното време, Рихард Вагнер. Неговиот оригинален, интригантен и моќен музички опус е силно вграден во обединувањето и издигнувањето на германските држави во една нова и моќна држава, од непосредното соседство на Франција! По меѓусебната војна во 1870/71 година, во која Германија победува, на Французите им станува јасно, дека покрај Британија, ќе мора да се соочуваат и со тврдата моќ на железниот германски канцелар фон Бизмарк и освојувачкиот порив и моќта на новата голема европска и светска сила.
Франција, која низ годините што следеа потоа, никогаш не се откажа од употребата на тврда моќ во меѓународните односи, посебно во двете брутални светски војни токму против Германија, за свој постојан сојузник постојано ја имаше заводливата и функционална мека моќ на културната дипломатија.
(Британската дипломатија дури во 1934 година, следејќи го примерот на сеприсутната француска, но соочена најмногу со германската нацистичка и советската комунистичка пропаганда, го основа Британскиот совет како носител на британските културно-дипломатски акции во светот.)
По Втората светска војна, со разгорувањето на т.н. Студена војна меѓу двата политичко-идеолошки и културолошки модели на владеење и живеење, американската културна дипломатија станува водечка во процесите „на освојувања на срцата и умовите на народите“, посебно меѓу комунистичките држави, каде што доминира советската културна дипломатија. Француската културна дипломатија, покрај британската и германската (која во 50-тите години ги основа Гете-институтите), во чекор ја следат американската и успеваат само со привлечната и ненаметлива моќ на културата, да ги растопат решетките на „Железната завеса“. Културната дипломатија или меката моќ во меѓународните односи, беше пресудна за рушењето на Берлинскиот ѕид и за падот на комунизмот.
И веднаш потоа, токму културната дипломатија прва почнува да ги помирува различностите, да ги приближува и да ги препознава како единство во кое мора меѓусебно да се соработува и да се создаваат цврсти партнерски односи во промовирањето на заедничките вредности, идеи и концепти. Во еден таков геополитички контекст, беше сосем нормално и Ангела Меркел својот годишен одмор да го одредува според програмата на славниот Бајројт фестивал (посветен исклучиво на музиката на Вагнер), а нејзини специјални гости да бидат првите луѓе на француската, британската, американската и руската политика.
Вагнер и неговата моќна музика, кои некогаш беа музичка претходница на германската експанзионистичка политика, токму во Бајројт станаа средиште каде што културата, а посебно музиката, почна да се ослободува од секакво идеолошко или политичко партипри (фр. parti pris, однапред утврдено мислење) и да обединуваат, како Бетовеновата „Ода на Радоста“!
……………………………………………………………………..
Ние, Македонците, и нашата македонска култура никогаш не сме биле оставени надвор од доминантните европски и светски културно-дипломатски контексти и процеси, иако најдолго сме биле подложни на тврдата турска политичка моќ и голата верска и образовно-културна пропаганда од страна на веќе формираните соседски држави. Посуптилното културно-дипломатско влијание, може да се почувствува веќе кон крајот на 19 век, во судирот меѓу „а ла франга“ и „а ла турка“ во начинот на живеење меѓу помладите во градските средини, како судир помеѓу западниот стил (од модата, до архитектурата), наспроти ориенталниот, како резултат од долгото турско влијание.
Меѓу двете светски војни, тогашното Кралство Југославија се отвора кон Западот и преку Белград, во Македонија се чувствуваат влијанијата на француската, британската, американската и германската културна дипломатија.
Во Титова Југославија, пак, по раскинувањето на потесните врски со Сталин и блокот од комунистички држави, првото посериозно отворање кон Западот се случува преку културната дипломатија и преку генијалниот проект замислен од писателот Мирослав Крлежа. Во 1953 година, во Гранд Пале во Париз е отворена грандиозна изложба со икони и фрески од манастири во Србија, романтичарска скулптура од Далмација и познатите босански стеќци. Цел Париз (Tout-Paris!), со денови зборува за културното преоткривање на една балканска држава од мракот на комунистичкиот блок, која на западот му претставува непроценливо културно наследство, не помалку вредно од ренесансното!
(Македонија, која во првичната замисла за изложбата во Париз, требало да биде застапена токму со својата уникатна колекција од икони и фрески постари од делата на италијанската Ренесанса, сепак своето прво големо претставување во светот го има преку својот фолклор и фантастичниот прием на концертите на „Танец“, најпрво во Велика Британија, па подоцна низ подиумите на сите поголеми западни центри.)
Во 1974 година, во Скопје е отворен првиот странски културен центар во Македонија, ̶ чиј друг, ако не францускиот! Тоа се години во кои се случува, можеби, и најинтензивната македонско-француска културна размена, благодарение и на профетскиот дух и на дипломатските вештини на нашиот голем поет Ацо Шопов, кој, како прв човек на тогашната Републичка комисија за културни врски со странство (своевиден пандан на денешниве институти за културна дипломатија), ја претставува македонската култура во Париз, на најрепрезентативен можен начин.
………………………………………………………
Годинава Франција ќе биде домаќин на Летните олимписки игри, па како што Британија во 2012 година направи културно-дипломатски спектакл при нивното затворање, се очекува годинава и на уште повпечатлив начин да го направи тоа и француската културна дипломатија. Тоа се држави со долга институционална меморија и средишта каде што се испреплетуваат мрежи од најдобрите и најмоќните светски културно-дипломатски акции. Веќе се знае дека кореограф на овој долгоочекуван настан ќе биде исклучителниот Мурад Мерзуки, познат по тоа што хип-хопот го внесе во светот на современата кореографија и од тоа направи врвна уметност.
Благодарение на Францускиот институт во Скопје и Танц-фестот на Рисима Рисимкин, неодамна и македонската публика, во рамките на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј од основањето на институтот, беше дел од најдоброто во модерниот светски танц. Во еден неверојатен и просто совршен танцов, музички и визуелен амалгам, Французите ни одржаа лекција, како во само еден еден час, може да се обединат и да се спојат најдобрите музички традиции од сите меридијани и да бидат вградени во ритамот на модерниот уличен хип-хоп. Беше вистинска привилегија да се биде дел од премиерното прикажување на еден „Мозаик“ низ кој прозвучија и андалузиска гитара и келтска музика и црковна духовна музика и италијански канцони и перуански и африкански мотиви, амбиентални музички теми од музичкиот опус на Лори Андерсон и Брајан Ино и сето тоа заедно, вклопено во една фантастична естетска целина низ сите перспективи на модерниот хип-хоп.
Францускиот институт во Скопје, преку најдоброто од репертоарот на „кореографот-алхемичар“ Мерзуки, преку сцената на Македонскиот народен театар, за само еден час, успеа да ја пренесе македонската публика меѓу амбиентите на најмодерното и најмоќното во современиот танц. И можеше ли некој, во еден толку добро осмислен концепт, да ги сведе асоцијативно Французите само на актуелната политичка синтагма „француски предлог“ или да ѝ забележи на најстарата културна дипломатија во светот за претенциозност, додека со таква леснотија и елеганција, по којзнае кој пат нè убедуваше дека: „она што политиката го демонизира, културата може да го хуманизира и да го хармонизира!“
Само една вечер подоцна (случајно или не?!), бугарската културна дипломатија ја плени македонска оперска публика со „Валкира“ од Вагнер, во рамките на 52. мајски оперски вечери. Епската музичка драма од тетралогијата „Прстенот на Нибелунзите“ во изведба на Софиската опера и балет, ̶ и публиката и музичката критика ги доживеаја како своевиден уметнички спектакл. Постановката на „Валкира“ ја режираше бугарскиот академик Пламен Карталов, кој е организатор и на познатиот фестивал посветен на Вагнер, на кој секое лето во Софија се собираат музички сладокусци и познати музички критичари од целиот свет. Сред вагнеровските височини на реткиот музички спектакл што ни го приредија бугарските уметници, вредеше ли некој да се занимава со примитивната демонстрација на дипломатија на мускули, на каква што сме изложени кога културата е стивната, ̶ а политичарите кои сакаат и чувствуваат култура, се замолчани?!
………………………………………………………………….
Новоизбраната македонска претседателка Гордана Силјановска Давкова, тивко, без попма и фанфари, точно како што налага и како што дејствува културната дипломатија, беше дел од овој настан, како што, впрочем, безброј пати била неизоставен посетител на секој значаен културен настан во македонската метропола. Македонија избра претседателка која сака и која препознава култура, а како научник го познава и значењето на меката моќ во меѓународните односи! Чуму чудење тогаш?!
Но, каква македонска културна дипломатија наследува Претседателката со преземањето на функцијата, ќе дознаеме деновиве со првиот важен меѓународен настан (културно-дипломатски во својата суштина!) ̶ чествувањето на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј во Рим!
Поклонението на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести. Низ изминативе 54 години, со поддршка од Министерството за култура, како држава сме организирале и фантастични изложби, како што беа „Македонските бронзи“, или „Словенските ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во Ватиканските музеи или изложбата „Македонска резба“ поставена во монументалниот простор на комплексот Виторијано во Рим! Што планирале и подготвиле за овој настан министрите за култура и за надворешни работи, во заминување, ќе видиме веќе утре, на 24 мај во Рим!
Она што со сигурност го знаеме е дека македонската културна дипломатија во 2024 година ќе ја нема ни пред, ни по одржувањето на Олимпијадата во Париз, ќе ја нема ни во Лондон, Берлин, Рим, Мадрид, Атина или Будимпешта, ќе ја нема ни во останатите важни европски метрополи и градови ̶ седишта на важни меѓународни организации, ниту ќе ја има во трите европски метрополи на културата за 2024 година! Затоа што Бисера и Бујар, ниту знаеја како, ниту сакаа значајно некаде да нè има?! А, само во два дена, и Французите и Бугарите ни покажаа како и каде мора да нè има!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.