Васко Шутаров
O, Sancta sipmlicitas!
Велат дека ова биле последните зборови што ги изговорил Јан Хус, големиот чешки филозоф, свештеник и реформатор, осуден од католичката црква на смрт со спалување на клада, здогледувајќи една бабичка натоварена со дрва како брза да ги фрли во огнот и патем да го разгори, побожно прекрстувајќи се. „О, свето незнаење!“„О, блажена простотијо“, така звучи по нашки овој последен крик на големиот верски реформатор пред конечниот, последен свршен чин од светото блажено незнаење.
Денес, шест века подоцна, по толку години и векови на просветителство и преродбеништво, по години и векови на освојувања слободи и права, освојувања на мир, среќа и развој на човековата цивилизација, светото блажено незнаење станува доминантно и повикува на светско обединување!
Денес, светото незнаење и блажената простотија се на цена како ретко кога и да било порано, како вредност, доблест и животна предност успешно да се врви низ предизвиците на животот, како на личен, така и на професионален план! Просветените, упатените, а најмногу просветлените со мудрост и визија, можат слободно засекогаш да замолчат или слободно нека (из)горат!
Денес, кога двата најголеми православни народа се во тотална братоубиствена војна, светото блажено незнаење од цел свет, но посебно од останатиот православен свет, уште толку го разгорува огнот, страсно навивајќи за едната или за другата завојувана страна. Два навивачки табора, небаре се племенско-атавистички, фрлаат дрва и камења едни на други, само уште повеќе разгорувајќи го огнот во кој горат нивните браќа и сестри по род, по вера и по дух.
Денес и христијанските православни цркви, наместо молитви и наместо подавање рака и посредување за помирување, одбираат страна во конфликтот, навиваат за неа, ја помагаат и уште толку ја разгоруваат војната меѓу двете најголеми православни цркви?! Дали само од свето незнаење, илјадници вооружени борци се пуштаат на фронт да убиваат блиски по род со црковен благослов и целување на икони, меѓу другото, и со икони со нови светци и тоа од најцрните денови на комунизмот и фашизмот на 21 век. Во оваа братоубиствена војна осветени икони добија и Јосиф Висарионович Сталин, најголемиот комунистички диктатор и Степан Бандера, најголемиот украински нацистички соработник, и двајцата убијци на милиони невини луѓе. Свето блажено незнаење ли ги води руската и украинската црква за да ги воскреснуваат Сталин и Бандера, наместо во вакви лесно запаливи предели на фатална нетрпеливост да го актуелизираат еден од најпросветлените умови од минатиот век Алберт Ајнштајн и неговата позната мисла: „Јас не знам како ќе се води Третата светска војна, но со сигурност знам дека Четвртата ќе се води со камења?!“
Светото светско незнаење денес сесрдно навива, еден од најголемите писатели во историјата на книжевноста, Фјодор Достоевски, да биде симнат од наставните програми на врвни европски универзитети, само затоа што ѝ припаѓа на руската култура, без оглед на тоа што неговото монументално дело веќе одамна е дел од светското културно наследство. Како и делата на Чехов, на Гогољ, на Пушкин или на Есенин, впрочем, како и музиката на Чајковски, на Стравински или на Прокофјев! И што има врска што Гогољ, Стравински и Чајковски се чувствувале како Украинци, кога денес, толку проклето руски звучат, a белосветската света простотија со најголемо задоволство би ги забранила и би ги уништила?!
А потоа, истата таа светска блажена простотија ќе навива. Некои други табори да ги забранат Гете, Данте или Шекспир или да бидат забранети нотните записи на Бетовен, Бах и Штраус или да се уништат звучните записи на Марија Калас, на Павароти или на Џеси Норман, впрочем, како што Ана Нетребко, најмоќниот светски жив сопран завчера изгоре исправена пред изборот, или Метрополитен-опера или Русија?! И така, многу лесно и многу бргу, светото блажено незнаење ќе почне да слави некој нов Геринг на 21 век кој ќе каже: „Слушнам ли за зборот култура, се фаќам веднаш за пиштолот!“
Едно време, вака се култивираше светото блажено незнаење. Прво, беше така модерно да се навива и да се следи бунтовната Џејн Фонда во нејзината борба против американската војна во Виетнам. Потоа, стана толку пожелно да се врзат срцата и умовите за заробените американски војници, кои по казна вртат руски рулет, заробени од виетнамските војници во антологиските сцени од „Ловецот на елени“, а на крај, најпожелно беше да се биде разигран во хипи-ритамот на музиката од мјузиклот „Коса“, инспириран од истава тема: Американско-виетнамската војна. Ете, таква идеална публика во свето блажено незнаење посакуваат и денес големите мајстори на политичките и на воените игри!
Чудно е како светото блажено незнаење, сѐ уште, не повикало да се забрани еден од најпрочуените филмови на сите времиња, рускиот филм „Крстосувачот Потемкин“ од Сергеј Ејзенштајн, со антологиските сцени за бомбардирањето на Одеса и за тркалањето на бебешката количка по Потемкиновите скали… или само прашање на ден е, кога ќе се посака на купче да бидат забранети и Копола и Бертолучи и Чимино, како и Ејзенштајн, Тарковски или Михалков?! Пардон, Никита Михалков деновиве го доживеа тоа: веќе е распишана меѓународна потерница по него и е осуден во отсуство, затоа што „влегол и го загрозил украинскиот територијален интегритет“, веројатно, со намера со камера в рака да ги овековечи стравотиите на крвавите пресметки во Руско-украинската војна?!
Дали светото блажено незнаење некогаш ќе разбере дека, иако музите молчат под татнежот на бомбите, само културата и само спортот можат да бидат амбасадори на мирот и на добрата волја?! Дали само поради таква игра од свето незнаење Меѓународниот олимписки комитет препорачува исклучување на сите руски федерации и на сите руски спортисти, без исклучок, од големото олимписко семејство, сосе забраната за учество и на руските параолимпијци на Зимските игри во Пекинг? Ајде свети блажени поедноставувачи на нештата, поделете го и спортскиот свет на црно и бело, на правично и на неправично, допингувано и недопингувано, добро и лошо, и спијте си после со блажен сон на праведници?!
На овој свет и во овој век постојат само две сили, а тоа се мечот и духот. На долги патеки, духот секогаш го победува мечот. Врвниот спортски дух и врвниот дух на културата, кои се неодвојлив дел од светското културно и спортско наследство, со самите забрани веќе го поразија мечот. Мечот, со кого, во моментов, најмногу сечат оние на кои умот најмалку им сече!
Владимир против Володимир.
Ако денес спортот и културата се во толкава мера во канџите на политиката, што да се каже тогаш за медиумите и за сферата на информирањето?!
Прва жртва на секоја војна е вистината, а освен во ловот и при изборите, нели во војна најмногу се лаже? Војната, тој идеален амбиент, на светото блажено незнаење да му се додаде уште еден тон лаги и нешто петпарачки сентименти, за полесно да се одбере страна?! Колку убаво звучеше она познатото, „да се освојат срцата и умовите на луѓето“, ама со врвна култура и уметност, со славење на слободата и со освојување на среќата, а не со лаги, паралаги и инстант-емпатии, кои набрзина треба да создадат приврзаници за одредена посакувана вистина. За жал, вистината во војна издлабена во најдлабока емоција ќе ја почувствуваат најмногу мајките од двете страни на фронтот и татковците кои ќе ги погребуваат своите синови однесени од безумиево на веков.
Војната бара дезориентирани, заведени и збунети луѓе, блокирани од страв и бомбардирани од контроверзни емоции. Затоа не зачудува креирањето на лажни или полувистинити вести, не зачудува што од 100 емитирани вести во еден ден, 99 се полувистинити или лажни. Војната од фронтот си има свој пандан во војната за информативно-пропагандниот простор, каде што е тренд да се забрануваат емитувањата на телевизии, да се забрануваат интернет-платформите и социјалните мрежи. Туку, зошто забраната дојде дури сега, а не додека траеше општата хистерија, хушкањето и обложувањето, кога и како ќе започне војната?!
Со долгите подготовки и нападот на Украина, Владимир Путин ѝ ја одзеде сцената на светската јавност и стана убедливо најгледан лик во средствата за јавно информирање. Каков трагичен биланс за силно вложените милијарди долари во мас-медиумите на западните демократии?! Но, сепак сцената за многу бргу му ја „одзеде“ Володимир Зеленски, роден и докажан актер, кој преку ноќ мораше да ги освои срцата и умовите на сите луѓе на светов, час повикувајќи на отпор за одбрана на Татковината, час повикувајќи го НАТО да ја бомбардира и да ѝ го одземе небото на Русија, час од бункер, час на улица, час во прегратка со својата прекрасна сопруга. Комплетно холивудски и тотално филмски, како од најдобрите времиња на епските филмски улоги на Мерил Стрип и Роберт де Ниро, заедно! Па нели и „Ловецот на елени“ почнуваше со сцени за една идилична руско-американска заедница од едно гратче во близината на Питсбург? Или, можеби, Украинци беа тоа, ама тогаш тоа и не беше толку важно?!
Политиката е во суштина умешност на залажување на луѓето, а војната умешност за уништување на луѓето, велеше Ганди, „Таткото на отпорот“ во борбата за слободите и за правата на индискиот народ, само по мирен и ненасилен пат. Не постои такво нешто што се нарекува неизбежна војна, а ако до неа веќе дошло, некаде затаила мудроста. Има една мисла што му се припишува (барем, по волјата на едно филмско сценарио) на Александар Македонски, а која вели: „Никој на овој свет не успеа да ме покори, освен јас самиот себеси!“ Владимир Путин и Володимир Зеленски, за жал, се покорени не од силата на сопствената мудрост и не од милоста на своите души словенски, туку од други лични пориви и геостратешки мотиви кои го доведоа светот до неизбежна и беспоштедна војна и до два светски непомирливи табора, чиј ритам и темпо денес го диктира немилосрдното свето блажено незнаење.
„Разорувањата само уште толку ќе ги осиромашат сиромашните, уште толку ќе ги збогатат богатите, а моќните ќе ги направат уште помоќни“ ̶ Жан-Пол Сартр
Никогаш немало добра војна и лош мир и како и секоја, така и оваа, ќе заврши некој ден, со некаков мир. На некоја зелена маса, тивко и далеку од очите на белосветското свето незнаење, таму каде што седнуваат политичарите, дипломатите и вистинските „патријарси на моќта и на вистината“, оние најбогатите откога ќе ги пребројат сиромашните кои изгинале во нивно име и за нивна слава. Ако се покаже дека една војна не била доволна (а нели војната е најголем и најсигурен потрошувач!), токму од некоја таква зелена преговарачка маса, ќе се притисне некое следно копче на кое чекаат и сред ноќ се будат, некои нови лидери, родени актери за воено-мелодрамски реалити филмови.
А дотогаш, светото блажено незнаење тивко ќе си го чека својот ред во долгите колони за баснословно скапи горива, ќе се исчудува и ќе се крсти на астрономските цени на прехранбените продукти, ќе мрмори тивко пред ограничувањата на правата и на слободите на мислата и јавното изразување (поради прегласното таборско-племенско навивање?!) и ќе се моли побожно, токму на оние зелени маси на кои, покрај две режења и служења првокласно телешко, се крои судбината на народите во светот, да не им дојде бргу редот, во некоја следна тура од правење нов ред и поредок во актуелниов глобален неред.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.