Васко Шутаров

Кратка историја на пеколот

Кога сакаме да си го претставиме пеколот, најчесто се повикуваме на веќе длабоко врежани записи и слики кои религијата, културата и уметноста ги оставиле во меморијата како трајно наследство. Тоа се најчесто страшни прикази во кои луѓе без душа (и без внатрешна светлост, според Данте!), горат во вечни огнови или се изложени на огнени дождови или се фрлени меѓу диви ѕверови или се принудени низ жива кал да ги влечат своите вреќи со богатства, или, како најголемите грешници меѓу сите грешници,  предавниците (исто според Данте), завршуваат со давење во ледено езеро!

Според античките и легендите од време на Ренесансата, големите умови на тие епохи – Хомер, Аристотел и Данте, пејзажите на пеколот ги препознавале од другата страна на идеалите за доброто, убавото и вистинитото – идеали за кои тогаш вредело и да се умре! Претставите за пеколот биле одраз на тогашните доминантни мислења за девијантното во општествените односи, а замислените прикази од пеколот биле замислени според раскажувања за мистериозни места во природата кои предизвикувале љубопитство и страв, како што се подземните јами и пештери. Урбани легенди кои и денес се раскажуваат, велат дека Данте, најстрашните призори од пеколот ги опеал во својата „Божествена комедија“ според реални, а фантазмагорични призори од Шкоцијанската Јама во Словенија.

(Денес, овој простор Словенците го промовираат како првокласна  туристичка атракција заштитена од УНЕСКО и го рекламираат како место во кое може да се доживее светот од „Пеколот“ на Данте и светот на „Господарот на прстените“. Подземната река понорница, подземното мочуриште, монументалниот кањон и подземните водопади, големите подземни комори со секакви застрашувачки карстни форми, со неверојатна автентичност се опишани од Данте и насликани од големите италијански уметници Сандро Ботичели и Густав Доре.)

Исклучително сликовити описи за пеколот среќаваме во доцниот среден век, векот на стравот и гревот, кога овие чувства играат клучна улога, како во интимниот живот на човекот, така и во поширокиот општествен контекст. Систематското создавање и негување на чувството на вина во Европа од 14 до 18 век, постојаното преобмислување на гревот и поттикнувањето на стравот од пеколни маки, тогаш биле најмоќни оружја за поширока општествена контрола.

Француски и италијански проповедници меѓу необразованиот свет живо демонстрирале какви сè маки ги очекуваат луѓето во пеколот, ако грешат:  од пеколен оган кој пржи, а не согорува до крај; преку темни и студени комори (rigor frigoris) кои смрзнуваат, а не заледуваат; до глад којa збеснува и докрај не уништува! На бројни фрески, како и во делото „Триумф на смртта“ од Питер Бројгел, можат да се видат такви прикази од замислениот пекол, каков што тогаш го замислувале Св. Августин, преку схоластичарите, до најпознатите проповедници на пеколот, Жерар и Сењери.

Но, она што е константа во скоро сите претстави за пеколот е третирањето на предавството како најголем грев од сите гревови! Сместен најдолу на дното, како во наопаку завртена инка (или пирамида завртена со врвот надолу), леденото дно во претставите за пеколот е секогаш наменето за предавниците на својот род, за предавниците на татковината, за предавниците на пријателите (и гостите!) и за предавниците на Бога.

………………………….

Луѓе без совест

Науката денес, 700 години по смртта на големиот ренесансен поет, се обидува (но не секогаш и успева!), да понуди одговори, каков психолошки профил имаат личностите за кои е наменет 9-от, најстрашниот круг од пеколот, според Данте и неговите почитувачи!

Во една исклучително популарна книга од канадскиот професор Роберт Хер, со наслов „Луѓе без совест“, се фрла малку повеќе светло на луѓето кои живеат меѓу нас како најнормални луѓе, апсолутно добро вклопени и прифатени како семејни луѓе, како примерни граѓани, како успешни бизнисмени, познати политичари, добри лекари и уважувани професори, сè до моментот кога совршената мимикрија за посакувано однесување не биде разбиена, а тие соголени во својата вистинска природа, насилничка и бездушна! Овој тип на луѓе, со ваков крупен недостаток во нивната психолошка конституција, Роберт Хер ги нарекува, луѓе без совест!

Долгогодишните истражувања на доктор Хер, со сигурност потврдуваат дека најмалку 10% од луѓето го имаат во себе оваа скриено девијантно однесување, овој вид патологија која порано или подоцна избива на површината, во некои повеќе или помалку драматични животни околности и ситуации.

Да се биде човек без совест не е само лесна и фина метафора за одредено нестандардно однесување, кое, и онака во нормални околности и регуларни ситуации, не секогаш лесно се забележува! Да се биде човек без совест, значи да се живее како предатор меѓу останатиот нормален човечки род! Тоа е потаен, паралелен живот кој не сочувствува со другите, не гради односи засновани на емпатија, туку, секогаш прикриено демне како секоја животна или работна ситуација да се искористи само за себе и за своја лична корист! Тоа е тој вид на прикриен однос што претставува вистинска темпирана бомба за средината во која луѓето без совест живеат и работат, тоа е таа жива опасност за семејството, непосредната блиска околина, пријателите, или ако сакате, за целиот политички и општествен систем.

Луѓето без совест, бескрупулозни и безобзирни во нивната вистинска природа лесно градат успешни политички или бизнис  кариери, бидејќи нивното искачување до тие нивни замислени врвови се одвива без запирање и без милост кон никого! А кога ќе заседнат на тие врвови, посебно на политичките и на бизнис врвовите, тогаш целиот политички и економски систем стануваат окупирани и корумпирани токму од тој тип патологија.

Криминална психопатска политика се случува кога мноштво такви безобзирни луѓе без совест, во даден момент и на дадено место, се наоѓаат, се здружуваат и својата лична патологија ја наметнуваат врз сите, како доминантен морален образец за однесување! Животот без совест станува посакуван модел на живеење, а процентот на луѓето без совест почнува прогресивно да расте! Останатиот нормален свет, кој ни во крајна нужда не е подготвен да ја продаде својата совест на пазарот за подобра живеачка, обично е обвинуван за сè што не чини! На обичните граѓани им се наметнува чувство и на индивидуална и на колективна вина, дека општеството или државата не одат напред и не се развиваат, токму поради нив самите, во услови кога сè е веќе доведено до рабовите на морална, економска и политичка катаклизма, до рабовите на жив пекол!

Таквите луѓе без совест, луѓето од многу модерни политички, бизнис и академски елити, во сите претстави во човековото колективно поимање на пеколот, се сместени во неговите последни и најстрашни кругови! Тоа е тој профил на луѓе, без грам совест, кој е подготвен да продаде и да предаде и свето и профано, во секое време и на секое место, само за свој личен успех и богатење! Без грам чувство на одговорност!

Македонскиот  9-ти круг од пеколот!

Низ какви цивилизациски, културни и морални кругови се вртат и светот и векот, а Македонија посебно, ако она што требаше да претставува пекол за најтешките грешници на оној свет, денес, станува сурова реалност и секојдневна голгота за мноштво невини, чесни и пред сè, совесни луѓе?!

Македонија, денес, е на другата страна од толку посакуваните животни концепти за добрина, убавина и вистина, поточно, најдалеку можно од тие вечни животни идеали на генерации и генерации луѓе со свест за подобро, поубаво и повистинито и генерации луѓе со совест да се стаса заеднички до тие цели!

Македонија, денес, е предадена комплетно во рацете на луѓе без совест! И тоа на оној бескрупулозен тип на луѓе кои можат со невидена леснотија и без грам совест, да го предадат и родот свој и својата татковина и своите пријатели и гости (во домот или институциите во кои работат)-а, ако затреба и својот Бог!

Македонија денес, за жал, е повеќе од она коешто ингениозните умови кои креирале слики, прикази или претстави за пеколот во минатото, можеле воопшто да го замислат и претпостават како можен призор од пеколот !

Превртениот автобус кај село Ласкарци и 16-те жртви на дотогаш најтешката сообраќајна катастрофа во поновата историја на Македонија! Изгорениот автобус  на „Беса Транс“ во кој, во Бугарија, загинаа 45 лица, повеќето жени и деца! Запалената модуларна болница во Тетово во која животите ги изгубија 14 луѓе! (И за едниот и за другиот најстрашен чин на умирање, сè уште е тешко гласно да се изусти, дека жртвите живи гореа!)

…и десетиците тажни погледи на дечиња и млади од апелите за помош за лекување во странство, стотиците така лесно изгубени животи, во најбруталната можна смрт предизвикана од коронавирусот, армијата пациенти од ретки болести, пациенти со цистична фиброза, пациенти на инсулинска терапија кои потрагата по лек за своето здравје  се принудени да ја бараат на улица, неброената армија луѓе заболени од најтешката болест, канцерот, кои покрај пеколот што самата болест го носи, се принудени да ги изодат сите кругови од пеколот, предизвикан од оние на кои им ја довериле грижата за нивното лекување и здравје…

Ова ли требаше да биде Македонија, денес?! Земја, препуштена да ја водат луѓе без грам совест и луѓе без грам чувство за одговорност?!

…………………………………………………………

Според Данте, „како изгледате, ќе зависи од тоа што гледате“! Ајде, тогаш, барем за момент, да престанеме да се гледаме само како добри, убави, среќни и задоволни луѓе, да престанеме, барем за момент да купуваме мирна совест и мирен сон со повремени изрази на солидарност, преку давање милостина на улица, раскрсница, во црква, во џамија или прилегнати удобно, преку донирање со смс-пораки! Да го ослушнеме, барем за момент, биењето на вчерашните и камбаните денес, оти утре некои други нема да ги слушаат камбаните кога ќе бијат за нас или за нашите блиски! Да се сетиме (и кога заборавањето совршено спасува!), колку наши блиски и познати сме испратиле со најголема надеж на некакво лекување, а сега разбираме дека сме ги испраќале до болнички врати, на кои, некој со невидлив ракопис испишал (како на вратите од пеколот) – овде заборавете на секоја надеж!

Да се освестиме овде и веднаш, дека „најжешките катчиња во пеколот се резервирани за оние кои во времето на најголемите морални потреси остануваат неутрални“ (повторно според Данте!), дека, ако луѓето без совест кои владеат со нашите животи и животни судбини, не ги совладаме и не ги испратиме таму каде што им е местото, стануваме нивни тивки поддржувачи или нивни сојузници!

Од еден ист, 9-ти круг на пеколот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.