Јасмина Јовчевска

,,Свечено се обврзувам пред Бога и присутните овде, дека ќе го поминам својот живот во морална чистота и дека верно ќе и служам на својата професија. Јас ќе се воздржам од било каков неконтролиран пристап со болниот и никогаш нема да применам свесно било каков лек кој би можел да му наштети. Се што е во моја моќ ќе направам да го подобрам нивото на мојата професија и ќе ги држам во тајност сите лични информации кои ќе ги дознаам во извршувањето на мојата професија. Со полна лојалност, до крај ќе му помогнам на лекарот во неговата работа околу болните луѓе.”

Ова е сестринската заклетва која секоја сестра ја положува пред да стане сестра.

На Медицинскиот факултет нè учеа за вредностите на сестрата, нејзините одговорности, начинот на извршување на дадените задачи како и нејзината улога и значење во здравствениот процес. И се тоа на хартија звучи прекрасно. Колку е се толку убаво и совршено и колку ценета професија е. Да во светот да, меѓутоа во нашава Македонија за жал не. Медицинската сестра во изминативе пет години е обезвреднета, обезправена и изманипулирана од луѓе кој немаат визија и јасен поглед код иднината. За жал самата професија е подценета. Каде се хероите на пандемијата? Каде е ветувањето за 30 000 ден плата? Каде е новиот закон за сестрите? Каде е комората на сестри?

Се само ветер и магла, празни ветувања и ништо повеќе.

Дали значењето на сестрата се почитува? Каде се сестринските здруженија да го слушнат крикот и незадоволството на сестрите? За жал никој нема ни слух ни време. Сестринските здруженија се тие кој треба да реагираат и да критикуваат. Самите здруженија се формирани од сестри кој работат во јавниот здравствен сектор. Здруженијата служат да се слушне гласот на сестрите а не за сликање и одење по конференции и семинари. Уште не ми е јасно какви се тие награди за најхумана сестра. Самата професија е хумана. Сите сестри што работата во јавното здравство се најхумани сестри, несмее да има никаква дискриминација. Не ми треба некоја квази плаката која пишува најхумана сестра, мене тоа ништо не ми значи. Ми значи почита, мотивацијата и авторитетот кој го доживувам на самото работно место. Затоа наместо да се занимаваат со доделување на плакати може малку да се позанимаваат и со решавање на некој проблем. Додека имаме одлив на искусни медицински сестри и емигрирање од јавно во приватно здравство не ни треба никаква церемонија. Седнете и засукајте ракави. Поработете малку. Мотивирајте ги медицинските сестри да останат во Јавните здравствени институции, а знаете како се прави тоа.

Да не го заборавам и Синдикатот. Посебно внимание ќе обрнам на него.

Во однос на колективниот договор медицинските сестри се деградирани. Синдикатот кој треба да ги знае правата и да се заложува за нивно почитување и спроведување, тој стагнира. Затоа се соочуваме со нерегулирање во колективните договори на работните позиции и коефициенти во поглед на нашата стручна надградба, непризнавање на високото образование и специјализации, каде не се признаени од страна на менаџерите, па работиме за минимална плата и спротивно на европските пракси, уште немаме закон за медицински сестри. Ехе моја Македонијо што дочекавме. Додека претседателот на Синдикат со  гордост се слика и фали како успеале да потпишат договор за покачување на фамозни 3000 ден бруто за сестрите и 2000 ден бруто за останатиот здравствен и помошно-технички персонал белиот мантил е понижен. Нели бевме херои? Херојството се наградува со минимум. Да излезете јавно барем да се соочите со некоја сестра и да објасните на целата здравствена фела како успеавте да издејствувате толкаво „покачување“.  И така само за сликање служите, бидејќи никаква друга корист немаме од вас. Отстапете му го местото на некој што има идеи. Не држете позиција залудо. За среќа во јавното здравство уште има останато луѓе кој имаат визии и одлични лидерски способности. Доста се бламирате.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.