Васко Шутаров
Еден скорешен разговор со мој близок пријател ме поттикнува да се навратам на еден од најистакнатите умови на денешницата, а според „Тајмс“ тоа е американско-либанскиот економист, публицист и универзитетски професор, Насим Николас Талеб. Признавам, бев затекнат од разговорот кој финално доби една сосем талебовска конотација, бидејќи не паметам кога последно во македонскиот јавен простор бил споменуван Талеб. Тоа и не зачудува, бидејќи еден од најголемите и највлијателни умови на денешницата, не е воопшто преведуван на македонски јазик, па оние кои сакаат да бидат барем малку дел од новото и храбро во современата светска мисла, ќе го читаат Талеб на англиски или на некој од соседските јазици – во Бугарија и Србија неговите светски бестселери доживуваат и по неколку изданија!
Зошто Македонија и зошто македонскиот јазик не го комуницираат најновото и највлијателното во модерната светска мисла?! Тоа ми е маката, која сакам да ја споделам во малиов простор одвоен за колумна.
Колумната е навистина премал простор да се спомене од какви важни дебати и научни концепции што го раздвижуваат и го менуваат светот, се откажуваме, со невклучувањето на нашиот мајчин јазик во нив! Талеб и неговите тези и размисли од: „Прокрустовата постела“, „Црниот лебед“ или „Антикревкото“ денес создаваат еден посебен јазик со кој лесно комуницираат и меѓусебно се разбираат оние кои Талеб го читале и го разбрале! Тој јазик за нас Македонците, за жал, останува арго-јазик, таен и неразбирлив, бидејќи ние со Талеб не се занимаваме, не го преведуваме, а со тоа и не комуницираме со новото, слободното и храброто што го носи модерната мисла! И со тоа сами се затвораме во некои наши, никогаш незавршени, а толку бесполезни монолози и дијалози!
Не е тешко да се замисли една многу веројатна ситуација во која наши политичари, бизнисмени или експерти во своите области, на некои важни меѓународни средби ќе слушнат дека руско-украинската војна ниту еден момент не била „Црн лебед“, или дека македонското членство во ЕУ не смее да биде „Прокрустова постела“ за Македонците -па да се исчудуваат, дали добиваат непристојна понуда за во кревет или покана за балет?! Но, нека биде тоа и најмалиот можен грев, бидејќи поголем грев е тоа што ние меѓусебно не сме отворени кон талебовите категории и концепции за ново критичко размислување, кое може да биде „квака“ преку која би ги преосмислувале и одредувале нашите лични животи во сопствената земја и би комуницирале тековно со современиов свет, вградувајќи се и на овој начин како дел од него!
Најстрашна патологија на нашето време е губењето контакт со реалноста
„Никогаш нема да бидеме спремни за драстични случувања кои ќе ја протресат нашата слика за светот, но ако учиме повеќе и стекнуваме нови вештини, ќе ги прошириме границите на нашето знаење и ќе ги подобриме нашите шанси за преживување! Седењето со скрстени раце, само ќе создаде болки во зглобовите и ништо друго!“, ќе каже Талеб во една од своите базични тези и теории преку кои укажува, колку е значајно и вредно да излеземе надвор од своите стандардни шеми на размислување во кои сме така сигурни и безбедни, но и крајно опасно зачаурени.
„Платоновиот набор“ е една од метафорите на Талеб која означува линија каде платонскиот начин за размислување доаѓа во допир со хаотичната реалност и каде јазот помеѓу она што го знаеме и она што наводно го знаеме станува опасен по нашите животи и нашето преживување, и сето тоа во свет којшто е многукратно повеќе непредвидлив отколку што би сакале да биде!
Втората важна теза што го прославува Талеб е поврзана со метафората „Прокрустова постела“. Во истоимената книга со афоризми, преку легендата за митолошкиот лик Дамаст од Атика, познат како Прокруст, Талеб се занимава со лимитите на човековото знаење и со грешките и предрасудите кога човек толкува работи кои не е во состојба директно да ги види и да ги согледа. „Бидејќи нашите умови функционираат по принципот на редукција на информациите“, вели Талеб, „склони сме новиот непознат феномен да го стеснеме за да го сместиме во нашата Прокрустова постела од јасни и познати категории, ампутирајќи го непознатото и неосознаеното, наместо за момент да се ослободиме од нашите стандардни обрасци на размислување и непознатото да го направиме опипливо!
Според легендите, така Прокруст, прво ги гоштевал, а потоа ги канел своите гости да одморат во железни кревети, помалите по раст сместувајќи ги во огромни кревети, а покрупите во мали креветчиња-на првите им истегнувал и раце и нозе, а на вториве им отсекувал дел по дел од рацете и нозете за да се сообразат со креветите! Во митот се менува телесниот интегритет, наместо да се менува креветот, впрочем, како што во нашите животи, го жртвуваме нашиот ментален интегритет, бидејќи не сакаме да се откажеме од нашите познати категории и начини на размислување, осакатувајќи се и себеси и стварноста за нејзино потполно разбирање, а со тоа и сопственото себеразбирање. Прокруст е совршена метафора и критички став за многу нуспојави на модерново време: кога се обвинува реалноста дека не се вклопува во одредени економски модели; кога се измислуваат болести за да се продаваат одредени лекови; кога во големата политичка слика не може да ја собере нашата мала домашна политичка кујна!
Можеби најпозната од талебовите тези е поврзана со „Црниот лебед“, што претставува метафора за неверојатни и неочекувани појави и настани, кои имаат огромно влијание врз сите и кои несоодветно се рационализираат и објаснуваат и тоа не перспективно, туку отпосле, ретроспективно! Талеб оваа метафора ја извлекува од цврстото убедување на луѓето во Европа до крајот на 17 век, дека постојат само бели лебеди, што во тогашно време служело како пример за аксиом, сè додека во 1697 година во Австралија не е забележан првиот црн лебед! Ако никогаш не сме виделе црн лебед, тоа не значи дека тој не постои, исто како што ако педесет пати фрлиме паричка во воздух и падне „писмо“, тоа не значи дека педесет и првиот пат нема да падне „глава“?! Така бидува и со нашето знаење, кога потполно неподготвени и без трошка претпоставка или интуиција, ни се случуваат настани за кои дури подоцна смогнуваме сила да резонираме и логички расудуваме: Првата светска војна, падот на Советскиот сојуз, падот на Кулите- близначки во терористички акт во Њујорк, Талеб смета дека може да се наречат црни лебеди, но не и пандемијата со коронавирусот, за која меѓу другото и тој предупредувал, неколку години порано.
„Антикревкоста“ е можеби најпознатото и најцитирано дело на Насим Талеб, во кое централна тема не е само преживувањето на современиот човек сред ветрометот од стресови, ризици, неизвесности и случајности, туку и надминувањето на неговата кревкост, не просто во една робусна крепкост туку и повеќе од тоа, во антикревкост, што е нешто повеќе од обичен отпор! Отпорниот или крепкиот ги издржува шоковите и повеќе или помалку останува истиот, но антикревкиот ги надминува, станува посилен, поприлагодлив и подобар!
„Не бегајте од стресовите, тие и онака ќе ве стасаат, каде и да сте, туку уживајте во нив, бидејќи токму тогаш стекнувате и нови вештини! И секогаш собирајте дополнителни информации и вежбајте логичко размислување, а не само моментална свесност за стресната или вонредна ситуација!“, ќе напише Талеб во „Антикревкоста“.
Во последната од низата нови и храбри критички тези за размислување во модерниов век, секако спаѓа и „Кожата во игра“, како што е насловено и последното издадено книжевно дело, во кое Талеб нуди еден поглед на свет применлив за сите аспекти на нашите животи. „Кожата во игра“ е метафора која значи дека не треба да обрнуваме внимание на тоа што луѓето зборуваат, туку само на она што тие го работат, колку согоруваат и колку се подготвени да ја ризикуваат и сопствената кожа за она што го работат! Талеб овде го поткрепува мислењето, дека, адекватни одлуки можат да носат само оние личности кои ја ризикуваат сопствената кожа и дека не треба да им се верува на политичари чиј личен ризик во носењето одлуки е рамен на нула – и со одговорност рамна на нула! Според Талеб, посебно важна е симетријата во поделбата на ризикот како гарант за социјална правда, за разлика од остварувањето на корист и профит со пренесување на ризикот на други, како што прават банкарите и големите корпорации.
Талеб е убеден дека само 4 % од светското население одлучува како сите останати ќе живеат, а токму тие кои ги диктираат општествените и културните ставови, како и доминантните светски наративи, тој ги нарекува „непомирливо малцинство“.
…………………………………………………………………………………..
Ова не беше реклама за Насим Николас Талеб, бидејќи таква реклама на актуелно највлијателниот научник и автор кој продава милиони примероци од своите книги – и не му треба! Ова погоре е антиреклама за нас самите! За нас, заробени во службените наративи на владејачката класа, заробени во службените наративи наметнати однадвор, заробени секој во своите монолози на патот од кревкоста до крепкоста, заробени од сеприсутната инквизиција на слободната и храбра мисла- и така оставени на маргините на сите модерни светски текови!
Не комуницирајќи со модерната наука, публицистика, политичка, филозофска, економска и секоја друга академска мисла, го оставаме и сопствениот мајчин јазик (во кој сите нешто многу се колнеме, посебно во годиниве на засилено атакување врз него), најчесто на ниво на крепкост- и се храбриме со тоа! Не соочувајќи го мајчиниот јазик со светски важечките и доминантни поими и трендови, остануваме и ние и нашиот јазик пократки за многу сознанија, за многу неоткриени слободи, пократки во стекнувањето многу нови вештини! Остануваме пократки за осознавање на сопствената антикревкост во суровото соочување со реалноста! Остануваме пократки во препознавањето „црни лебеди“ кои неминовно си доаѓаат, прават дар-мар од нашите животи и си одат, најчесто оставајќи не пократки за сопствените раце и нозе, или со истегнати раце и нозе!
(…и останува така, да се крстиме во Роден, последниот од синовите на Велика од „Пиреј“, останува да се крстиме дека и ние ќе бидеме пиреј ако затреба, да се крстиме во нашите сонародници надвор од границите на нашата држава, дека ќе бидат крепки и ќе го зачуваат она што дома го направивме најкревко – јазикот, културата, традицијата… и останува да ја надминеме сопствената кревкост и крепкост и најодговорно, со сопствената кожа во игра да им се исправиме решително на сите предизвици и ризици кои модерниот свет ни ги сервира на трпезата на животот! Барем, како од рекламите за книгите на Талеб!)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.