Петар Поп-Арсов

Во повеќе наврати беше коментирано, а тоа стана и општа констатација дека 2024 година е изборна година во речиси целиот свет или барем во најголемиот дел од земјите кои што нешто значат на оваа планета. Ги видовме претседателските избори во Русија, изборите во земјите на ЕУ за пратеници во Европскиот парламент, ги очекуваме оние во САД, со внимание ги следиме промените во Британија и го очекуваме исходот од неделните избори во Франција. Секако дека и ние како земја и регион сме дел од ова друштво. Дел од земјите во кои со особено внимание се следат и најситните политички придвижувања. Како и не би биле кога кај нас изборите сè уште се на ниво на прашање од животно и егзистенцијално значење.

Сепак, да се вратиме на она што ни доаѓа како новина од светот. Има сериозни промени во Британија, засега неизвесен исход во Франција и интересна кампања во САД. Состојбите кај нас нема кај да ни избегаат и ќе има доволно простор да се анализираат и коментираат во наредниот период.

Особено се интересни промените во Обединетото кралство, кои доаѓаат после четиринаесет години континуирана власт на Конзервативната партија. Во една од претходните колумни за падот на Лабуристите во 2010 година напишавме:

„Колку и да танцуваш наоколу низ рингот, во еден момент ќе дојдеш на дометот на цврста тупаница! И, знаеш што? Ќе бидеш спружен на подот и изнесен надвор од рингот!“

Ова е парафраза и некој вид на слободен превод на констатациите и заклучоците содржани во книгата “The End of the Party: The Rise and Fall of New Labour” од Andrew Rawnsley од 2010 година. Оваа симболична констатација и заклучоци се однесуваа на падот Лабуристите кои претходно долго време владееа со островот. После четиринаесет години улогите се сменети, а заклучоците се исти. Ништо страшно! Тоа е нешто сосема нормално за секоја демократија.

И така, Конзервативците заминаа во опозиција. Запрепастувачки е односот на освоени гласови и освоени мандати на политичките партии, особено ако гледаме низ призма на нашиот изборен модел. Имено, Лабуристите победија со освоени 33,7% од гласовите при што добија 412 од вкупно 650 места во парламентот. Со една третина од вкупниот број на гласови освоија речиси двотретинско мнозинство во парламнетот. За разлика од нив, Конзервативците со освоени 23,7% од гласовите се стекнаа со само 121 место на зелените клупи во the House of Commons. Или во превод, со само десет процентни поени помалку или со само една третина помалку освоени гласови од Лабуристите, тие освоија скоро три пати помалку места во долниот дом британскиот парламент. Тоа е тој принцип, The winner takes it all.

Ваквите резултати навистина изгледаат надреално, особено ако ги споредиме со резултатите од последните избори во Македонија и нивното пресликување во бројот на пратенички мандати. На пример, да се случеа изборни резултати во Британија онакви какви што беа во Македонија (тука се мисли само на односот на силите меѓу двете најголеми македонски политички партии), тогаш победникот во Британија сигурно ќе имаше 650 од 650 пратенички мандати, а поразениот 0. И обратно, доколку во Македонија се применуваше британскиот мнозински изборен модел, тогаш СДСМ ќе имаше 0, а ВМРО оклолу 90 мандати. Ова е сосема логичен заклучок од причина што СДСМ загуби во речиси сите избирачки места во државата.

Кај нас не важи принципот „Победникот добива се“. Дали тоа е добро или лошо и како влијае на стабилноста на македонските влади и севкупните демократски процеси е прашање за опсежна анализа, но ако го следиме примерот на една од најстарите демократии во светот и начинот на уредување на нејзиниот парламентараен систем, навистина треба да се замислиме дали нешто треба да се менува кај нас.
Владеењето на Конзервативците од 2010 година па до сега го карактеризираат повеќе елементи, но, да речеме три моменти се највпечатливи и со изразена историска димензија.

Првиот момент, секако е самата победа на харизматичниот Камерон. Тој после тринаесетгодишна доминација на Лабуристите на Тони Блер и Гордон Браун успева да ги врати Конзервативците повторно на власт. Тоа е политичарот кој ги направи првите чекори во модернизација на британските конзервативци во смисла на омекнување на оној класичен конзервативан имиџ карактеристичен за Британија. Всушност првата влада на Камерон и Конзервативната партија беше коалициона влада заедно со британските либерали кое што навистина претставуваше чекор во правец на омекнување на строгиот британски конзервативизам. Всушност и немаа поинаков избор доколку сакаа да влезат во Downing Street 10. Камерон и конзервативците во тоа време беа далеку од комоцијата која што сега ја имаат Лабуристите благодарение на огромната победа.

Вториот момент кој има историска димензија, не само за Британија туку и за Европа и светот, е британското напуштање на Европската унија преку оној комплексен процес кој популарно го знаеме како Brexit. Овој процес, кој започна со иницијатива и кампања за напуштање на ЕУ, оддржување на референдум во 2016 година, преку долготрајни и мачни преговори меѓу Лондон и Брисел, па се до неговото финализирање во јануари 2020 година. Овој процес предизвика сериозни турбуленции и промени на премиерската позиција во британската влада.

Камерон, како застапник на политиката за останување на Британија во ЕУ, мораше да поднесе оставка веднаш по референдумот. Неговата наследничка Тереза Меј беше премиерот кој ги започна и водеше долгите и во нејзиниот мандат неуспешни преговори со ЕУ за условите за нивното финално раздружување. Конечното британско излегување се случи во мандатот на Борис Џонсон кој беше најрештелниот и најревносениот поддржувач на британското напуштање на ЕУ. Тој релативно брзо успеа да стави крај на овој процес и да се фокусира на новото поглавје пред кое беше исправен светот, претстојната војна во Украина.

Токму Борис Џонсон се покажа и како најголем поддржувач на военото решавање на конфликтот во Украина и важи за човек кој влијаеше на рушењето на сите обиди за мирно решавање на оваа закана по целиот свет. Но, како и сите „борци“, и тој налета на цврста тупаница, беше спружен на подот и изнесен надвор од рингот. Тој навистина беше изнесен, но останаа резултатите од неговите политики и правците во кои што се движи светот и кои сведочат за неговото големо влијание и печат кој што го остави како политичка фигура. Позитивно или негативно влијание, историјата ќе цени… во зависност од победниците кои што ќе ја пишуваат.
Џонсон беше заменет од Лиз Трас која не успеа да се заддржи на премиерската позиција ниту два месеци. Тука доаѓаме до третиот карактеристичен момент од владеењето на конзервативците за кој што слободно може да кажеме дека ќе претставува историска одредница. Имено, за премиер на Обединетото кралство беше избран Риши Сунак, британскиот Барак Обама, или некој што ќе асоцира на такво нешто. Неговиот избор ќе го затвори кругот на процесот на либерализација на британските конзервативци започнат од Дејвид Камерон.

Можеби во некои други времиња ваквиот кастинг на главните улоги ќе беше незамислив и неприменлив, но во денешно време сето тоа е сосема нормално и проаѓа, барем на експериментално ниво. Впрочем и фудбалските репрезнтации на европските земји не се повеќе онолку бели како што беа до пред 30 години. Светот се менува, глобализира и дозволува пробив на квалитетот без елементи на изразена дискриминација.

Сосема друго е прашањето (можеби и прво) како конзервативците поминаа на изборите. Видовме, 412 спрема 121. Кои се вистинските причини за тоа, треба да ги прашаме добрите познавачи на состојбите во Британија. Но, факт е дека свое влијание врз актуелното расположение на британските гласачи имаат многу фактори. Можеби се политиките кон Украина и Блискиот исток или пак односите со ЕУ. Можеби се внатрешните состојби во земјата, животот на граѓаните, или пак понудата на политичари кои се ставаат на избор пред гласачите. Веројатно од сè по нешто беше пресудно британските гласачи да донесат одлука за промена на власта во сопствената земја. А, нивната одлука нема само локален карактер и домашно влијание. Напротив, таа има глобално влијание, сакале тие или не.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.