Петар Поп Арсов
Предвремени избори?! Тема која што постојано е присутна речиси цела година од локалните избори па навака. Нешто кое што е присутно како залепена сенка за Ковачевски од самиот почетокот на неговиот октроиран мандат или можеби од крајот на мандатот на Заев, кој како милува да гледана нештата. Дилема која што се наметна како последица од резултатите на нивното владеење, јасно оценето од граѓаните на споменатите локани избори, оние големите од лани и овие на мали голчиња од неделава што помина.
И пак истите прашања!
Потребни ли се избори? Што ќе се реши со нив? Ќе има ли промени во власта кои што ќе донесат суштински подобрувања на политичко, економско и општествено ниво во сите сегменти? Ќе се стави ли крај на ерозијата на националната супстанца на македонскиот народ, на економската деградација на државата и граѓаните или можеби на аномалиите во правосудството, здравството, образованието и… нека не ми „замерат“ останатите кои што не ги спомнав.
Епизода 1 – Евроинтеграции
Избори се потребни заради деблокирање на ЕУ перспективата на Македонија. Политиките на актуелната влада во однос на македонските евроинтеграции не се компатибилни со односот на политичките сили во македонското собрание. Обврската што ни ја натоварија на врат на сите нас за уставни измени очигледно не наидува на поддршка од потребните две третини пратенички гласови во актуелниот собраниски состав. Таквата ситуација е неодржлива од причина што државата е ставена во состојба на парализа со самоблокиран евроинтегративен процес кој што според желбите на власта треба да трае минимум до редовните избори во 2024 година.
Што до тогаш?
Ќе си крадеме и лажеме?!
Која е поентата на останување на власт уште цели две години на оваа гарнитура која првенствено доби мандат да го започне процесот на преговори со ЕУ во услови кога тој процес е блокиран? Изборите се потребни да се легитимираат или делигитимираат владините политики на отстапки кон Бугарија со оправдување заради нашето зачленување во ЕУ. Доколку актуелнава власт собере две третини, нека им е со среќа. Ако пак легитимитетот на избори го добие актуелната политика на актуелната опозиција, тогаш барем ќе знаеме на што сме. Ќе знаеме дека треба да тргнеме во процес на попрецизна нивелација на пријателските односи со Бугарија (кои во последниве неколку години се најлоши во историјата на двете земји) и за промена малку поцврсто да почнеме да преговараме и се договараме врз основа на рамноправност, меѓусебно почитување и реципроцитет.
Па, ако биде, нека биде. Вака како што тргнало со актуелнава власт во ЕУ ќе влеземе како Бугари или пак со недефиниран идентитет или можеби ќе останеме под постојана самоблокада.
Тоа е суштинската цел на Бугарија! Оставање на Македонија надвор од ЕУ заради остварување на тесни национални интереси. Се додека Македонија е надвор од ЕУ ќе продолжи да се спроведува политиката на бугаризација на Македонците преку политиката на двојно држајанство и бугарските пасоши. Нашите сонародници кои досега земаа бугарски пасоши, повеќето од нив заради економски причини, веќе се граѓани на ЕУ, но веќе се и декларирани Бугари. Блокадата која самите си ја наметнавме преку прифаќањето на францускиот предлог е најголемата стратешка победа на Бугарија која всушност е и најголемиот противник на македонските евроинтеграции од веќе образложените причини. Бугарија со сопствената политика кон Македонија успеја толку да го зголеми нивото на евроскептицизам што дури и оние кои во суштина се поддржувачи на европските вредности и стандарди себеси отворено се декларираат како анти ЕУ само поради отпорот кон процесот на демакедонизација. Бугарската политика не е европска политика, како што ни политиката на Ковачевски ниту е европска, ниту македонска!
Аналогно на кажаното, логиката вели дека секој противник на македонските евроинтеграции е противник на Македонците. Дури е противник и на она што некои непотребно или бесрамно го нарекуваат македонизам, деградирајќи ја македонската национална супстанца на ниво на идеологија. Членството во ЕУ ни треба не заради тоа што ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми, туку заради тоа што ќе ја сопре потребата од земање бугарски пасоши и ќе ја запре континуираната тивка бугаризација на Македонците.
Тоа е поентата! Оваа влада и власт не водат по тој пат. Или бугаризација на Македонците на долг рок или инстант бугаризација на македонската држава.
Тоа е првата причина зошто се потребни избори. Ако ја добијат довербата за ваквите политики, не е до нив, до нас е.
Епизода 2 – Криза, кризна состојба, поскапувања, економија, криминал
Од први септември стартува новата кризна состојба во државава. Овој пат во енергетиката. Веќе ни стана навика да живееме во кризи и кризни состојби и затоа нема некои посериозни и отворени изблици на незадоволство, освен можеби зборување со најблиските или уште полошо, самите со себе. Отепани од кризи, ковиди, поскапувањата и компромитираното право на протест, македонските граѓани по се изгледа повеќе се насочени кон зачувување на сопственото ментално здравје отколку влегување во нови и нови судири со власта на конто на сопствениот материјален статус. Тој синдром на варена жаба и состојба на затапени рефлекси, до која сме доведени ѝ овозможува на власта непречено да ги троши деновите од својот мандат не испорачувајќи никакви опипливи резултати кои ќе овозможат подобар квалитет на животот или барем чувство за подобра перспектива.
Кризите во светот, војната во Европа и глобалната економска нестабилност и инфлација некако им дојдоа на владите на Ковачевски и претходно на Заев како најпосакуваниот изговор за нивната неподготвеност и неспособност да се носат со економските предизвици. Затоа поскапувањата се така кротко примени од народот со надеж дека тука некаде ќе застане овој бран. Но надежта нема да ни помогне, ниту пак смешните препораки за штедење од типот туширање со тенок млаз или работа на дневна светлина. Потребни се навремени мерки кои активно ќе ги пресретнуваат сите предизвици, а не реактивни проформа алиби мерки кои имаат единствена цел, оправдување на грешките кои што се прават во континуитет.
Затоа треба избори! Ако ништо друго барем некој на време да ја подготвува државата за кризите кои што надоаѓаат како што тоа можеме да видиме како го прават во некои од земјите од најблиското соседство.
Епиозода 3 – Вилма и Арафат
Како на арапски се нарекува ловец на папагали?
Арафат!
Веројатно повеќето ја имаат слушнато досетката која претставува игра на зборови мотивирана од папагалот од видот Ара, зборот фаќа и поранешниот палестински лидер Јасер Арафат.
Во нашава приказна улогите некако се измешаа. Обвинителката Вилма според природата на позицијата на која се наоѓа е предатор по функција, и тоа платена од државата за лов на крупен плен. Таа тргна да го лови „ловецот на папагали“ и види циркус, Арафат ја улови Вилма. Не сакам да алудирам дека Вилма е папагал кој до вчера во јавноста само ги повторувал зборовите на сопствениот газда кои ги слушнала во домашна атмосфера. Не сакам да алудирам и на тоа дека Вилма е папагал на кој газдата му го кине вратот само заради тоа што во јавноста изнесува непријатен „валкан веш“ од дома. Но, алузиите се наметнуваат сами по себе кога пред сопствените очи ни се случува пресврт и ловецот станува плен.
Ќе беше ова еден убав виц или анегдота доколку ова не беа највисоките државни функционери, ловци задолжени да се борат и да не штитат од општиот, финансискиот и организираниот криминал. Какво е чувството на сигурност и доверба во македонското правосудство и останат органи на прогон кај секој од нас кога функционерите за борбата против криминалот, власта самата ги става во редот на осомничени и потенцијални криминалци?
Зарем не треба избори и поради ваквиот циркус?
Како заклучок
Предвремени избори да!
Што ќе се реши со нив?
Како прво, ќе се легитимира или делигитимира политиката која што ја води Ковачевски. Ќе знаеме дали народот ги поддржува неговите ставови ли не. Тој и така слета на премиерското столче без избори и тоа е можеби првата и основна причина поради која самиот треба да побара доверба на избори доколку држи до себе и доколку ги почитува начелата на демократијата.
Како второ, изборите ќе дадат можност граѓаните самите да одлучат за тоа кој ќе се грижи за македонската економија. Незадоволството од бранот на поскапувања и осиромашување најдобро е да се артикулира преку гласачките кутии, а не преку мирни или помалку мирни протести. Изборите ќе го прекинат или барем забават галопирачкиот раст на корупција и криминал во владините, министерските и директорските кабинети кој што очигледно навлегол во поодмината метастаза.
Како трето, изборите се потребни како средство за дератизација на македонскиот правосуден систем за кој што последниве неколку години се докажа дека е алатка на поединци и групи од извршната власт кои како моќни узурпатори ја нарушуваат посебноста на трите власти, законодавната, извршната и судската. Избори се потребни заради враќање на довербата во правото, правната сигурност и правдата.
Изборите се потребни заради сите нас кои што живееме тука!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.