Васко Шутаров

Уште од древниот Египет, земјите ги користеле животните како подароци со кои сакале да покажат почит, наклонетост, лојалност и престиж! Две, сè уште живи легендарни приказни, нè потсетуваат дека прочуената египетска владетелка Клеопатра му подарила жирафа на Гај Јулије Цезар, додека пак, багдадскиот калиф Харун ал Рашид му испратил азиски слон на големиот франкиски крал Карло Велики.

Средновековната дипломатија вклучувала редовна размена на подароци помеѓу владетелите или нивните официјални делегации. Вообичаено било да се подаруваат скапи рачно изработени ткаенини, накит, оружје, предмети за секојдневна употреба од благородни метали, богато украсени ракописни книги, мошти.Посебен знак на внимание и на пријателска наклонетост, било подарувањето на добро одгледувани и дресирани животни за лов или за војна: коњи, кучиња и соколи, но често се подарувале и ретки и егзотични животни: слонови, жирафи и тигри.

Дипломатската традиција на подарување животни во 20 век и во 21 век, сè уште е не само жива, туку важи и за една од најдобрите и најуспешни дипломатски практики! „Дипломатијата во крзно”, умее и железни порти да отвори, па денес се смета за една од најсуптилните и една од најсилните алатки на меката моќ во дипломатијата.

Во овој контекст, можеме со леснотија да се сетиме на некогашниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, кој важеше за еден од најголемите колекционери на егзотични животни меѓу државниците од 20 век. Цела една зоолошка градина беше изградена во 1978 година, специјално за него и за неговите гости, во неговата летна резиденција на Бриони, полна со зебри, лами, антилопи, подарени од државници од Африка и Азија, но и со пар индиски слонови, добиени како подарок од Индира Ганди.

Од нашето непосредно соседство и од поновата дипломатска пракса, можеме да се сетиме на исклучителното медиумско внимание што го привлекоа кученцата наменети за Владимир Путин, а подарени од бугарскиот премиер Борис Борисов и од српскиот претседател Александар Вучиќ! Неодамна, по потпишувањето на стратешкиот договор за меѓусебна помош и соработка меѓу Русија и Северна Кореја и Ким Џонг Ун му подари на Путин пар кученца од расата пунгсан, а на тој чин му претходеше еден специјален руски подарок од 30 расни сиви коњи, наменети лично за севернокорејскиот лидер. И Путин би можел да отвори, кога ќе посака, раскошна фарма од подарени расни кучиња!

Од актуелната „крзнена дипломатија” вреди да се издвои австралиската дипломатска пракса кога добрите меѓународни, а посебно трговските договори кои Австралија ги склучува со други земји, се проследени со подарување коали, додека индонезиската дипломатија тоа го прави со подарување комодо-змејови, тајландската со подарување слонови, а малезиската со подарување орангутани. Но, ниту една друга држава, барем од втората половина на минатиот век до денес, не го прави тоа така умешно и толку успешно, како кинеската дипломатија со подарувањето панди!

Иако во долгата кинеска историја постојат докази за подарување панди и во времињата на поранешните кинески династии, поимот панда-дипломатија е од понов датум и се поврзува со признавањето на Н.Р. Кина од страна на САД во 1979 година, во време на администрацијата на претседателот Ричард Никсон, со што завршува едно долго поглавје на студена војна меѓу двете држави. Имено, тогашниот генерален секретар на Кинеската комунистичка партија Денг Сијаопинг, го забележал воодушевувањето на сопругата на американскиот претседател при посетата на зоолошка градина во Пекинг и нејзината прва средба со големите кинески панди, при што одлучува, во нејзина чест, да испрати еден пар панди во САД.

И пандите вистински почнуваат да ги одмрзнуваат, дотогаш замрзнатите американско-кинески односи, најпрво со менувањето на традиционалната перцепција на Американците за Кина, но и воопшто, перцепцијата на американското општество за комунистичките држави од истокот! Само првата година по доаѓањето на американската почва, преку милион посетители дошле да ги видат необично кротките и мили кинески панди, додека безгрижно се занимаваат со купишта бамбус околу нив!

Тоа е време на пикот на Студената војна помеѓу Западот и Истокот, кога перцепцијата за големите комунистички држави, но пред сè, за Русија во западните општества, е сведена на страшна голема мечка, која ги пушта своите канџи кон помалите земји и претставува најголема опасност за западните интереси. Стравот од руската мечка е стар британски дипломатски трик од 19 век, во кој апетитите на империјална Русија за проширување, преку ослободување или освојување други земји, биле претставени како голема и страшна мечка која напаѓа незаштитени луѓе и запоседнува туѓи територии!

За време на Студената војна, на Москва како да ѝ одговара западната перцепција за опасна и агресивна голема мечка, па не возвраќа со соодветен одговор на тоа, сè додека раководството во Кремљ не заклучува дека тој евтин трик, не им носи никаква полза и дека мораат да поработат на стекнување симпатии и наклонетост меѓу западната јавност. Страшната руска мечка од претставата за Русите помеѓу милиони Американци, Британци, Французи и Германци, почнува преку фини културно-дипломатски акции да се трансформира и да се облагородува и веќе во 70-тите години се популаризира „Мечето Ушко“ (од една и кај нас многу популарна полска цртана серија за деца), па слаткото мече Миша (или Мишко), претставено како маскота на Летните Олимписки игри одржани во Москва во 1980 година, но најмногу последниве години, преку убедливо најуспешната културно-дипломатска акција на руската дипломатија, планетарно популарната анимирана серија „Маша и Медо“, која има милијарди прегледи на интернет и е прикажувана на телевизиите на скоро сите светски меридијани.

Кинезите, со нивната позната темелност и трпеливост во дипломатијата, токму во годините на големото кинеско трговско и економско отворање кон светот и токму преку своите најпознати мечки, се обидуваат да стекнат наклонетост и симпатии на општествата ширум светот, но најмногу во државите од нивен најголем економски и политички интерес! Кина многу добро знае дека на растот на нивната економска и воена моќ ќе се гледа како на голема закана, особено од американските власти, кои и таква слика за Кина ќе проектираат во американското општество – како заканувачка опасност што доаѓа од азискиот исток! Кинезите, исто така добро знаат дека голем дел од влијанието на Америка во светот доаѓа од маркетингот на културните производи, без разлика дали се работи за Холивуд, НБА или „Мекдоналдс“. Кинеската дипломатска игра со прекрасните панди, како и промоцијата на кинескиот олимпизам во спортот (подеднаков број освоени златни медали имаат и САД и Кина на последните ЛОИ во Париз!), се дел од нивната борба да развијат такво влијание во светот и засега тоа го прават совршено добро, по најдобрата американска формула за успех на тој план.

Наместо приказната за застрашувачкиот хегемон кој ги загрозува западните вредности и продукти од азискиот исток, Кинезите на Американците и на светот, им ја продаваат својата приказна за пандите, како добродушни, мили, само за гушкање и за сакање создадени животни, преку кои Кина се обидува да му се претстави на светот како едно големо мирно семејство полно со солидарност, дисциплина и сигурност! Затоа се вели дека пандата е „сребрениот куршум“ на кинеската мека моќ, со кој успешно го совладува отпорот на западните општества кон сето она што како продукт доаѓа од Кина!

Од своето основање во 1949 година, Народна Република Кина ја користи дипломатијата на пандите за да го подобри својот меѓународен имиџ, со подарување или позајмување панди на странски зоолошки градини – со пандите како своевидни амбасадори на добра волја. Поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг во 1957 година ја подарува пандата Пинг Пинг на тогашниот Советски Сојуз, во рамките на одбележувањето на 40-годишнината од Октомвриската револуција, апотребата од дополнително зајакнување на врските со тогашните социјалистички сојузниција тера Кина да испрати уште една панда во Советскиот Сојуз во 1959 година и уште пет во Северна Кореја, меѓу 1965 и 1980 година.

Во 1972 година, Пекинг им ги подари пандите Линг Линг и Хсинг Хсинг на САД, по историската посета на претседателот Ричард Никсон, како знак за нормализирање на односите меѓу САД и Кина и означувањето на пресвртница во кинеската надворешна политика. Оттогаш и други земји, вклучувајќи ги Јапонија, Франција, Велика Британија, Шпанија, Малезија, Финска, Русија, Австралија и Катар, исто така добиваа панди, во зависност од поволностите што кинеската економија ги добива од овие држави.

Кинезите преку „панда диломатијата“ се обидуваат секогаш „да испратат многу јасни сигнали“! Ако одлучат да ги вратат пандите назад од одредена држава, тоа е сигурен знак дека постојат преголем број „жешки точки“ во нивните меѓусебни односи! Таков е случајот со САД последниве години, каде во моментов има само неколку панди во Атланта, кои до крајот на годината треба да и бидат вратени на Кина, а тоа најмногу заради затегнатите кинеско-американски дипломатски односи: санкциите наметнати од американската влада врз истакнати кинески граѓани и функционери; ограничувањата за увоз на кинески полупроводници; обвинувањата дека кинеското производство на „фентанил“ (опиоиден аналгетик) ги преплавува американските градови; сомнежите за кинеската сопственост на платформата TikTok и „метежот“ кој беше настанал на почетокот на минатата година, поради кинескиот балон што лебдеше над Америка.

Но, во ноември минатата година, на маргините на Самитот за азиско-пацифичка економска соработка во Сан Франциско, кинескиот претседател Си Џинпинг изрази надеж дека неговата земја повторно ќе почне да испраќа панди во САД, откако тој и американскиот претседател Џозеф Бајден се сретнаа во Калифорнија, за прв пат по една годинаи ветија дека ќе се обидат да ги намалат тензиите. На свечената вечера со американските бизнис лидери, Си ги нарече овие прекрасни животни од семејството на мечки (со впечатливи црни кругови околу очите и обожувани ширум светот), „амбасадори на пријателството меѓу кинескиот и американскиот народ!“. Подарувањето и позајмувањето на пандитеникогаш не било случајно и по правило секогаш било придружено со склучување економски договори, меѓународни договори и поволни дипломатски ноти за Кина, посебно во однос на Тајван и Тибет.

Во науката што се занимава со поимот панда-дипломатија се наведува дека пандата е национален симбол чиј карактер се рефлектира во „мирната“ надворешна политика на Кина, па така благодарејќи на пандите, Кина ќе може, истовремено, мирно да дефилира со својата моќна воена флота (веќе подеднакво моќна како американската!) покрај Алеутските острови, најблиску можно до блиските води на САД, но и да испраќа две џиновски панди кон Калифорнија, кон домот на Силиконската долина и Сан Франциско, моментално светски центри за развој на вештачката интелигенција.

(Знае Кина точно каде треба, со помош на пандите, да се освојуваат срцата и умовите, и патем, да се отвораат железни порти за кинеската економија!)

За да стане светски лидер во вештачката интелигенција до 2030 година, како што планира, на Кина ѝ требаат и таленти, но најмногу технолошко знаење, а зацртаните проекции на темелната и трпелива кинеска надворешна политика во блиска иднина, содржат и амбиции, Кина до 2035 година да стане најголем извозник на култура и да стане најголема спортска нација во светот.

А до тогаш, уште многу панди ќе го обиколуваат светот, освојувајќи ги едноставно и лесно срцата и умовите на милиони луѓе, ширум светот! А најмногу, онаму, каде што Кина го посакува тоа!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.