Петар Поп-Арсов

Предвремените парламентарни избори кои што неодамна се оддржаа во Франција, ја доведоа земјата во вистинска пат позиција. Тоа беа избори кои донесоа нефункционален парламент без доминантен политички блок кој ќе може да ја формира новата француска власт под надлежност на Националното собрание. Ова е прв ваков случај во поновата француска историја и претставува вистински предизвик за една од водечките земји на Европската унија.

Ако на сето ова ги додадеме несогласувањата меѓу официјален Брисел (ЕУ) и Унгарија (земја претседавач со Унијата), може слободно да кажеме дека Европа навистина ќе има исклучително жешко лето. Жешко, како никогаш до сега во поновата европска историја.

Како би можела Франција да излезе од политичкиот лавиринт која што самата со години го негуваше, онака како што со векови се негуваат и раснат најубавите лавиринти-градини во замоците покрај Лоара и ширум цела Франција?! Како да се излезе од таквата замка која што самите си ја поставија, особено кога тоа што самите го негуваа ја надрасна нивната висина, им го затвори видното поле и ги остави заглавени во неговата внатрешност?!

Едно од решенијата предложено за ставање крај на блокадата е формирање на влада од експерти или „технократи“. Нивната основна надлежност ќе биде да се грижи за функционирање на владиниот кабинет до моментот на формирање на некаква политичка коалиција. Тоа претседателот Макрон веќе го побара од премиерот во заминување Габриел Атал за да ја предводи техничката влада која ќе се занимава со секојдневните работи и која ќе има задача да го преброди периодот на оддржување на Олимписките игри во Париз кои ќе траат од 26 јули до 11 август.

Франција долго време се подготвуваше за Олимпијадата во Париз, настан кој претставува потврда и верификација на моќта, значењето и влијанието на градот и земјата домаќин. Макрон беше толку сигурен во сопствените политики што речиси во целиот тек на 2024 година излегуваше со иницијативи и предлози кои секогаш одеа чекор понапред во однос на останатите европски колеги.

На почетокот на годината, Макрон излезе со предлог да запрат воените дејствија во Украина за време на оддржувањето на Олимпијадата. Предлогот наиде на целосно игнорирање од сите релевантни страни. Набргу потоа, Макрон излезе со радикална промена на сопствениот став и се заложи за испраќање на француски војници на територијата на Украина. Следеше француската дозвола на Украина да го користи оружјето и системите донирани од Франција за да погаѓа цели на територијата на Русија. И покрај тоа што Макрон потенцираше дека оружјето може да се користи исклучително за уништување на воени цели на територијата на Русија, тоа сепак претставуваше поттикнување на војната и нејзино влегување во нов и повисок степен на ескалација.

Следеше поразот на европските избори. Уплашен од овој пораз, Макрон побрза да ги распише предвремените парламентарни избори во Франција со надеж дека ќе ја пресретне и превенира политичката штета која што му се закануваше.

И, еве до каде стигна! Од готово, вересија!

Од самоуверен политичар на кој што не му недостасуваше инцијативност, се доведе до позиција да бара спас во формирање на експертска влада која што ќе се занимава само со „пржински“ активности.

Тоа е тоа, карма!

Кога си активен учесник во наметнувањето на модели на функционирање на другите, кога се служиш со непринципиелни блокади на земји како што е Македонија заради некакви промени и реверзибилности во процесот на преговори со ЕУ, кога се обидуваш сето тоа да го испереш со некаков „француски предлог“ за излез од ќорсокакот на блокираната земја, всушност цело време си го негувал лавиринтот кој во меѓувреме те надраснал и заробил во сопствената замка.
Франција е голема земја, со голем и горд народ! Народ кој што не трпи, се бунтува за секоја недоследност и кој што ја има онаа револуционерна традиција во борбата против неправдата.

Токму тој народ му ја испрати својата порака на сопствениот владетел кој што во неколку претходни наврати се извлекуваше плашејќи ги Французите со Марин Ле Пен и нејзината јасно дефинирана десна политика.

Франција навистина има проблем, но овој пат сериозен!

Што е следното?

Можеби промена на францускиот концепт на државно уредување?! Признавање на различностите кои што реално постојат во оваа земја? Признавање на малцинствата, етничките групи, јазичниот диверзитет и сѐ она што претставува повисок стадиум на едно државно уредување во овој поглед, а кое што е нормирано со актите на Советот на Европа. Можеби и на Франција и требаат уставни промени и внесување на други малцинства и заедници во уставот за да го надрасне сопствениот лавиринтот кој што ја загушува?!

Македонскиот модел, кој што со децении беше моделиран и негуван, меѓудругото и со француско учество, е добар пример и основа за излез од францускиот лавиринт. Македонскиот модел е добар пример и основа и за некои македонски соседи кои го применуваат францускиот модел на државно уредување и кој што како модел создаде сериозни проблеми, блокади и несогласувања на Балканот. Пресуди на Европскиот суд за човекови права, непризнавање на цели малцинства, негирање на нивните јазици и култура, блокади и конфронтации со нивните матични држави, се добро познато секојдневие кое што го живееме на Балканот, особено овде во Македонија која што одамна е заглавена во францускиот лавиринт.

Нескромно би било да ѝ се сугерира на Франција што да прави и како да излезе од политичката криза во која што западна. Но, навистина вреди самата да се обиде да ги согледа резултатите од сопствената внатрешна и надворешна политика, да ја направи потребната евалуација, да му даде оплеменета форма на легендарното француско égalité и да оди чекор повисоко во примената на моделот на државно уредување во кој што ќе се почитуваат сите различности кои што реално се присутни во République française.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.