Петар Поп-Арсов
Малку ни беа нашите домашни проблеми кои што постојано си ги имаме со нас самите, па уште добивме и дополнителни скандали увезени од странство. Увоз на свежи проблеми од најблиското соседство кои на прв поглед изгледаа како недоразбирање, недостаток на координација и комуникација меѓу надлежните служби, за да во најекстремната варијанта на толкување изгледаат како дипломатски скандал. Реакции, телефонски повици и протестни ноти. Да се работеше само за недоразбирање, дури и за повреда на процедурите од македонските служби, ајде да кажеме, ќе беа разбирливи реакциите на засегнатата страна која во својство на висок државен функционер не добила онаков третман како што сметала и замислувала дека треба да добие на скопскиот аеродром.
Но, за жал инцидентот не остана само на пропусти на службите задолжени за функционирањето на македонските и косовските институции. Инцидентот доби сериозна политичка димензија со продолжено дејство во рамки на македонската политичка сцена.
Постојат канали на комуникација, процедури и меѓународно воспоставени постапки по кои може да се изрази протест за сѐ она за кое една држава смета дека и биле нарушени правата, достоинството и инегритетот на таа држава и личностите кои што претставуваат нејзини репрезенти. Во нормални околности ќе беа искористени овие алатки со цел случајот да биде расчистен, решен, а штетите кои би настанале меѓу двете држави да бидат сведени на минимум, со можност за целосно нормализирање на односите.
Така би требало да биде во нормални услови. Во тој правец треба да се одвива постапката без да се скандализира јавноста и да се насочува вниманието кон теми кои што се сосема непродуктивни за граѓаните на едната и на другата земја.
Случајот со косовската претседателка и инцидентот кој што се случи на скопскиот аеродром е класичен пример за тоа како се сфаќа и доживува власта од поедини балкански политичари. „Јас сум претседателот и ми се може сѐ што ќе посакам“. Така некако, во само една реченица може да се опише начинот на кој поедини политичари ја доживуваат добиената доверба од сопствените граѓани.
За жал, овој случај не се сведе само на недоразбирање, недостаток на комуникација или на дипломатски скандал. Случајот создаде сериозни политички импликации во Македонија при што беше испровоцирана првата постапка за интерпелација во новиот собраниски состав на само два месеца од неговото конституирање. Токму оној, кој по принципот „повикај пријател“ бил вовлечен во случајот ќе биде првиот функционер на новата власт од кој што ќе се бара одговорност на отворена сцена.
Така е тоа во животот, некои „пријателства“ и телефонски повици можат да бидат непријатни и штетни.
Од тие причини е особено важно да се внимава на секоја постапка, на рамката на сопствените надлежности и да се почитуваат процедурите и протоколите на однесување без оглед на кое ниво е функционерот, овластеното лице или државниот службеник. Почитувањето на процедурите ќе ја минимизира опасноста од непријатности, скандали и прекршување на законите на било кое ниво.
Јавноста сѐ уште не знае каква била мисијата на косовската претседателка на нејзиното пропатување низ Македонија. Нема информација за тоа дали службите на косовската претседателка ја известиле македонската страна за нејзиниот транзит низ државата. Немаме информации за тоа дали е побарана соодветна асистенција од македонските служби за безбедност за време на нејзиниот престој на територијата на Македонија. На крајот од денот, се работи за претседател на држава сосед за кој Македонија треба да обезбеди непречен транзит и да гарантира за неговата или нејзината безбедност. Решавање на недоразбирањата според принципот „повикај пријател“ се надвор од нормалниот начин на функционирање на бил кој висок функционер на една сериозна држава.
Односот на косовската претседателка во однос на овој случај, најблаго кажано е дискутабилен, а доколку немало соодветно известување за нејзиниот престој во Македонија, однесувањето е скандалозно и претставува чин на непочитување на македонската држава. Доколку Вјоса Османи во Македонија се чувствува како „во своја куќа“, при што сметала дека немало потреба од формалности кои ќе го забележат нејзинит транзит низ државата, токму со таквите импровизации предизвика скандал со политички импликации во Македонија. Да постоело службено известување за патувањето на Вјоса Османи ниту ќе имаше скандал на скопскиот аеродром, ниту ќе беше предизвикана политичка конфронтација во Македонија која доаѓа како увозен продукт од Косово.
Истрагата за случајот, кој веќе десетина дена го привлекува вниманието на јавноста, ќе покаже како стојат работите, односно дали имало официјално известување до македонските власти за нејзиниот транзит или не. Токму таа истрага ќе покаже чија е политичката и службената одговорност за случајот.
Доколку немало известување и доколку патувањето на косовската претседателка било организирано на начин на кој тие сметале дека треба да биде, македонската страна нема никаква одговорност. Нема одговорност ниту за случувањата на македонскиот аеродром за кој Османи смета дека и се повредени правата и привилегиите.
Скопскиот аеродром е меѓународен аеродром на кој што важат и меѓународните правила. Сите што патувале знаат дека најпрвин патникот прави check in на кој се проверува дали тој/таа поседува билет за конкретниот лет. Во тој момент се остава поголемиот багаж, кој во соодветна постапка понатаму поминува низ безбедносна проверка, без патникот притоа да биде инволвиран, присутен или деаранжиран со процесот. Патникот потоа се упатува на пасошка контрола после која теоретски ја напушта територијата под надлежност на македонските власти и влегува аеродромскиот простор под надлежност на аеродромските власти. Потоа се упатува на финална безбедносна проверка на кабинскиот багаж и останатите лични работи кои што со себе ги внесува во авионот. После сите овие процедури следи финалниот boarding после кој патникот влегува во авионот.
Целата оваа постапка е присутна и во ВИП салонот, но истата е многу пософистицирана, подискретна и со поголемо внимание и почит кон патниците. Но, тоа не значи дека поради укажаното внимание и почит треба да се избегнува првиот чекор на службеното лице да провери дали патникот има билет за конкретниот лет. Укажаното внимание не значи дека нема да биде направена редовната пасошка контрола при излез од државата. ВИП статусот не предвидува избегнување на безбедносните проверки за кои аеродромските власти се должни да ги спроведат и за тоа соодветно да го информираат капетанот на авионот.
ВИП статусот или статусот претседател на држава не значи дека Македонија е одговорна и може да му нареди на капетанот/пилотот на авионот кој управува со авион на некоја трета земја (колку што знаеме Македонија нема своја авиокомпанија) да прими патник кој не поминал низ безбедносни процедури. Тука целата власт и одговорност ја има токму капетанот на авионот и токму тој одлучува дали ќе прими таков патник на летот. Македонските органи тука немаат ниту власт ниту одговорност во однос на понатамошната процедура по завршувањето на пасошката контрола и теоретското напуштање на македонската територија.
Можеби Вјоса Османи имала поинакво искуство на некој од европските аеродроми чии што земји имаат сопствени авиокомпании и комуникацијата меѓу домашните власти и капетанот на авионот има поинаква димензија. Но, во Македонија состојбата е таква. Ингеренциите на државните власти, аеродромските власти и екипажите на авионите се јасно поделени и дефинирани.
Од тие причини, претседателката на Косово треба уште еднаш да ја преиспита целокупната постапка водена од нејзините служби, да дефинира во кој момент и се нарушени правата и привилегиите и да ја лоцира точката на одговорност со цел прецизно да ја адресира својата протестна нота. Сето останато е гола импровизација која за жал во Македонија предизвика бесмислени и непродуктивни политички потреси кои немаат никаква смисла и немаат никаков бенефит за македонските граѓани.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.