Васко Шутаров

Пораките што ги емитираме преку нашиот говор или со нашиот молк, преку физиономијата на лицето, со положбата на рацете и на телото, со фризурата или облеката што ја носиме, зборуваат за нас, за нашата ментална, физичка и емоционална состојба, за акумулацијата на радости и болки, подеми и падови, за акумулираното знаење и незнаење, за нашите наивности и животни мудрости, за вредностите што ги поседуваме и кон кои стремиме, за нашите животни достигнувања и способности, но, пред сè, за нашата природа и за нашиот идентитет. Сето тоа заедно создава претстава за нас, која ја проектираме пред другите, создавајќи сопствен имиџ во светот со кој сме опкружени.

Како на личен, така и на ниво на колективен, национален или државен план, пораките што ги емитираме зборуваат за нашиот идентитет, за нашите вредности, за стремежите, достигнувањата, нашите посебности и природни специфики! И така, колку свесно, толку и несвесно, се создава имиџот за државата и за нејзините граѓани во меѓународната јавност, кој се рефлектира во одредено ниво на видливост, препознатливост и уважување, што заедно создава одреден потенцијал кој може да носи и политички и економски користи и успеси.

Државите со подобар имиџ, то ест подобрите и поумешните комуникатори во меѓународите односи, полесно доаѓаат до инвестиции, до туристи, до образована и трудољубива работна сила од странство, до поголема почит на меѓународната политичка сцена. Ако не сме субјект и ако не ја раскажуваме и емитираме сопствената приказна, стануваме објект со кого се занимаваат другите ─ и тогаш, токму другите ја раскажуваат нашата приказна, од која попрво би се срамеле, отколку гордееле!  Односот кон приказните за државите и народите, подеднакво важи и за поединците, индивидуалците ─ и личностите!

Најлесно е, без никаков труд и интерес, да се остане на ниво на објект на кој други му го креираат имиџот и статусот: во држави како нашава, типично балканска, каде што најважната споредна работа е негативната селекција, зачинета со пикантерии од вообичаенит каталог со измислени таблиодни приказни ─ тоа станува и стандардна животна приказна, па оттука секогаш е потежок патот кон посакуваното позиционирање, како во личното непосредно опкружување на поединците, така и во глобален или регионален контекст на државите што ги создаваме и ги претставуваме!

Добриот издржан имиџ, најпрво значи солидно разбирање на општествениот и културолошкиот контекст во кој актуелно живееме, значи: наше пронаоѓање и позиционирање во точно одреден контекст (во кој можеме да го изразиме и да го дадеме најдоброто од себе!); многу работа на себе;  многу умеење во комуникациите; постојано емитирање шарм и харизма (дури и кога не ни е дојдено до никакво емитирање!); достоинствено одење низ личните и професионални животни падови и подеми,  промени и предизвици; стил на живеење кој ни прилега и од кој во ниту еден момент не би се посрамотиле пред другите! И кој, во секој момент би можеле да го оправдаме пред самите себеси! И секако, сакале да си признаеме или не (иако нели „костумот не го прави човекот!“), добриот и складен избор на соодветна гардероба во сите тие животни прилики, неприлики и предизвици е исто така исклучително важен во креирањето на добриот и издржан имиџ!

И добрите стари и моќни модерни држави, почесто се преоблекувале во ново руво и се преобликувале менувајќи го својот имиџ, и тоа многукратно, некогаш за да ја надминат старата и веќе не толку посакувана перцепција за себе, a некогаш да ја поправат лошата репутација за себе (Франција е извонреден пример за тоа, со перфектно креирано ребрендирање по секоја поголема општествена или политичка промена, a Шпанија,  исто така, e успешна ребрендирана приказна, кога по режимот на Франко, го одбра „Сонцето“ на Хуан Миро како симбол за слободна земја, сончева туристичка оаза, отворена за цел свет).

Денес имиџот и идентитетот, во корелација со интегритетот, стануваат своевидни економски категории. Познатиот американски научник и дипломат Џозеф Неј, уште на крајот од минатиот век, луцидно предвиде дека во 21 век веќе нема да доминираат држави со големи територии и со најбројно население, ниту држави со економска или воената моќ, туку првенствено држави (дури и оние најмалите) кои ќе умеат да емитираат шарм и харизма! За државата која во извесна мера има способност да го шармира светот и која во одредени области и подрачја може да стане посакуван пример што другите сакаат да го следат, ─ велиме дека успеала да раскаже успешна национална приказна, која, пак, од своја страна станува и еден вид нејзина највредна валута!

Меѓу нашиот личен имиџ и имиџот на државата, поврзаноста ниту е праволиниска, ниту е директна и непосредна, па ставањето во ист контекст може да изгледа несоодветно, па дури и несмасно! Но, дали е баш така?!

Имиџот на државата го создаваат нејзините граѓани, нејзината природа и нејзиното културно наследство, меѓутоа, првенствено знаењето, креативноста и инвентивноста на граѓаните најдобро го одразуваат духот на таа држава. Природата сме ја затекнале со нашето доселување на одреден географски простор, културното наследство сме го наследиле од нашето предци, но само знаењето за нашата припадност кон наследеното богатство и само сегашната креативност и иновативност ја поттикнуваат нашата конкурентска моќ, меѓу мноштвото држави и народи, ние да бидеме препознаени, прифатени и допадливи со она што го создавме како бренд од себе и од сопствената држава! И сето тоа заедно ─ нашиот животен стил и животни навики, природните убавини и природната разноликост, грижата за природното и културното наследство, општествената одговорност,  креативноста и иновативноста, го чинат корпусот на мека моќ на една држава, според која се одредува и нејзиното регионално и глобално рангирање и влијание.

И кога зборуваме за глобалното влијание на една Македонија, на Хрватска, на Црна Гора, на Шведска или на Франција и нивната мека моќ, тогаш слободно можеме да исчитаме дека таа моќ ја создаваат токму Македонците, Хрватите, Црногорците, Швеѓаните и Французите, т.е. граѓаните на тие држави!

Еве еден пример! Според истражувањата на „Форбс“ последниве 5 години, Шведска е најугледна земја во светот! Зошто баш Шведска? Затоа што најголем број луѓе од сите делови на светот, изразиле  подготвеност  да живеат и да работат во Шведска, почитувајќи ја како земја со висок животен стандард, со одлично образование и со солиден здравствен систем, со високи социјални и работнички права. Најголем број луѓе сметале дека Шведска им создава можности на креативните и инвентивните луѓе да дојдат до израз. Се разбира, ништо од тоа не е случајно! Шведска од 2007 година само за истражување и развој издвојува 3,8 % од својот БДП и за само неколку години се вброи меѓу петте најиновативни држави во светот.

Истото важи и за Данска, која на оваа листа, исто така, со години високо котира и успешно се брендира; или за Јужна Кореја која својот бренд го гради преку поп-културата, посебно преку К-попoт и К-филмот; или за Словенија која исклучително поволно е перципирана токму поради односот на нејзините граѓани кон животната средина, но и поради односот на државата кон безбедноста на граѓаните; или за исклучително добро позиционираната Хрватска поради уникатната туристичка понуда, а велат ─ и поради своите претседатели! (Доволно да се потсетиме на еуфоричната радост на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ на СП во фудбал во Русија, 2018 година, кога Хрватска играше финале со Франција.)

Хрватска, на пример, исклучително внимание му придава на секое и најмало поместување на скалата за глобална мека моќ, според респектабилниот индекс на моќ, наречен Бренд фајнанс (Brand Finance). Хрватска е регионална и европска туристичка сила, па падот на перцепциите во светот за нејзината гостољубивост, отвореност, инвентивност и креативност, толерантност, срдечност или подготвеност на нејзините граѓани да помогнат во незгоди, сериозно може да ја загрижат целокупната хрватска јавност.

Хрватска имаше десетина ребрендирања од осамостојувањето на државата, од 1991 година  до денес,  од кои неколку беа стратешки добро осмислени потфати, кои се случија токму за време на претседателскиот мандат на Колинда Грабар-Китаровиќ. „Земја по мера на секој човек“ беше бренд-мотото од стратешкиот документ кој тогаш беше донесен, а на кој работеа 44 најголеми хрватски експерти за брендирање на државата и на нацијата. „Многу важно е како ве доживуваат другите, но уште толку важно е како ние се доживуваме себеси“ ─ ќе произлезе како заклучок од ова стратешко ребрендирање на Хрватска во 2018 година.

Но, нели на Балканот, сите работи започнуваат од почеток со смената на политичките гарнитури, па и во Хрватска, веќе следните години се носени нови стратешки документи за ребрендирање на државата, првиот пат за време на претседателството со Советот на ЕУ, а вториот за време на корона-кризата. Голем број глобални и локални неповолни околности и природни непогоди, ја оддалечија Хрватска од посакуваната перцепција и бренд што сакаше да го креира за себе, па нејзината слава во меѓувреме ја спасуваа туристичките работници и електричните автомобили „римац невера“, кои станаа најбаран хрватски извозен продукт. И така, сè до неодамна… кога едно младо, скромно, трудољубиво и бескрајно креативно момче од Умаг во Истра, заедно со својата свршеница, братот и најблискиот круг пријатели, создаде таква еуфорија, најнапред на хрватскиот избор за евровизиски претставник „Дора“, а потоа и на „Евросонг“ каде што го освои второто место и стана морален победник и миленик на публиката низ цела Европа и светот! Бејби Лазања е уметничкото име на 28-годишниот Марко Пуришиќ, типично момче од соседството, кое верува во Бога и е „до зла Бога“ нормален, искрен и скромен и со него може да се поистоветат голем број млади луѓе зад кои не стои никој, никаков политички или бизнис-моќник, никаква медиумска или шоу-бизнис машинерија! Но, Бејби Лазања кој со својот мал креативен тим и со „Рим Тим Таги Дим“-ритамот, ги покори и цела Европа и целиот свет и влезе меѓу петте највирални песни на Спотифај (Spotify), успеа да ја обедини во радост и гордост цела Хрватска, на ист начин како што го правеа тоа порано  хрватските фудбалери.

Бејби Лазања успеа преку својата уметност да направи таков хармоничен спој меѓу хрватската традиција, напуштените истарски села, плетените шустикли и везовите на истарските жени со моќната комбинација од рап, метал и дигиталното во музиката која сам ја создава, и патем, толку моќно да ја ребрендира и да ја направи својата земја толку видлива и толку допадлива, како никој друг пред него (вклучително и најдобрите ПР-агенции и сите хрватски експерти за брендирање, заедно!). И уште успеа да направи првокласен моден хит, а имено ─ плетените шустикли, наследени од бабите и прабабите, кои некогаш беа главен украс во домовите, повторно да бидат извадени од старите креденци и да бидат аплицирани како неизбежен моден детал за ова лето.

…………………………………………………………………………………………………..

А ние? Со полните креденци со исти такви шустикли и уште поубави везови, со заборавените села и со заборавените млади и креативни луѓе оставени сами на себе?! Ние, кои седум полни години ниту еден ден не станавме субјект кој сам си ја раскажува сопствената национална приказна?!

Ќе се кренеме ли, ќе ја ослободиме ли конечно инвентивноста и креативноста, ќе го поттикнеме ли знаењето и вештините кои денес најмногу ги вреднува светот ─ и ќе се обединиме ли околу, барем, еден единствен сопствен бренд, кој ќе нѐ направи ─ и горди и среќни!

(Барем три од новоформираните министерства имаат извонредна можност, конечно да го направат тоа! Да им дадеме шанса!)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.