Не сме веќе истите луѓе! Ниту како целина, ниту како единки! Веќе ништо не е исто како што некогаш беше! Ниту пак повторно ќе биде! Прегрмевме сериозни потреси, пандемија, преуредување на државата, осиромашување, колективна ментална деградација и …, и тоа не е сè! Трае и трае, сè уште трае!
Се навикнавме на скандали, афери и криминал. Живееме со нив и покрај нив. Тука се, околу нас, како дел од нашето секојдневие. Веќе не нè засегаат, зачудуваат ниту пак предизвикуваат некакво особено внимание поради кое сме подготвени да издвоиме дел од нашето време и да се обидеме барем да упатиме критика, пцовка или клетва, во зависност од афинитетите на секој од нас. Да упатиме, онака јавно, на глас, на цел глас што не држи.
Се навикнавме и на убиства, на војна, на бројки и статистика на загубени животи, разурнати домови, раселени лица. Ги загубивме емпатијата и сочувството, го загубивме чувството на жал. Дури и стравот го загубивме. Ги губиме сите чувства кои едно човечко битие го прават токму тоа што треба да биде, човек.
Една година по завршувањето на пандемијата и една година од почетокот на војната во Украина, светот претрпе сериозна трансформација. Светот трпи забрзана политичка, економска и општествена метаморфоза. Особено нашиот свет, Европа, таму каде што живееме и припаѓаме според сите географски, културни и цивилизациски параметри. Метаморфоза на сите востановени вредности.
Впечаток е дека во моментов доаѓа до општествена и политичка кохезија во Европа, во земјите членки на ЕУ, од една страна, и Русија од друга страна. Кохезија во однос на украинската војна. Двете страни сѐ повеќе ја зацврснуваат монолитноста на сопствените редови, првенствено политичките. Простор за политички плурализам е се помал, а разликите во ставовите и искажаната мисла полека стануваат луксуз на едно минато време. Ова секако дека ќе резултира и со зацврстување на воената компонента на општествената кохезија (веќе резултира), кое неминовно ќе води кон дополнителна ескалација на војната во Украина. Ќе води кон испраќање на нови контигенти на топовско месо од двете страни од фронтот.
Јавно презентираните одлуки на земјите од западната алијанса за испраќање на модерно наоружување, како и неформалните информации дека и жива сила е присутна на фронтот во Украина, говори за тоа дека европските и американските граѓани полека влегуваат во воен „mood“. Нема веќе страв кај актуелните влади од реакција или критика од сопствената јавност кон воинствените потези кои се влечат. Јавноста веќе е подготвена за дополнителна ескалација.
Русија воопшто не заостанува во тој поглед. Напротив, дури е и чекор понапред. Илузиите дека Путин ќе доживее економски колапс, граѓанско незадоволство или некаква нова „Октомвриска револуција“ се распрснаа како меур од сапуница. Руските ешалони се консолидирани. Вистинската „забава“ може да почне!
Тоа е моментот до кој што дојдовме. Моментот на прекршувањето на едно општество, моментот кога јавното мнение ќе преовладее во правец на поддршка на милитантните политики под изговор на економска, воена и животна загрозеност од непријателот. Тука е крајот на секоја логиката. Тука е крајот на разумот. Таму кај што војната настанува, разумот престанува.
За волја на вистината, линијата на геополитичкиот фронт беше одамна дефинирана и јасно видлива со голо око. Но, дефинирањето и утврдувањето на неговата позадина мораше да помине низ период на испитување и дополнителен процес кој веќе е при крај на двете страни, во завршна фаза. Путин го обедини западот, а германскиот леопард ја обедини Русија. Си направија услуга едни на други.
А, како е кај нас? Кој ќе не обедини?
Ние сè уште сме во некој стар филм. Филм на „комити и османлии“, „централисти и врховисти“, „Тито и Хитлер“, „партизани и германци“, „ВМРО и СДСМ“ и нивните странични сојузници, соодветно. Ние меѓусебе сè уште водиме некои стари војни, одамна поминати. „Линиите на фронтот“ (политичкиот фронт) се видливи, но позадината е некако нејасна, неконсолидирана. Не се знае кој е со кого, а кој против кого. Нашите политички партии во моментов немаат јасна идеолошка профилација. „Комитите“, „централистите“, „врховистите“, „партизаните“ и „администраторите“ се насекаде. Внатре во секоја политичка партија. Се е измешано. Секој со секого и секој против секого.
Единствениот заеднички содржател кој не обединува во поделбата е актуелната линија на огнот која што го подели светот. Проруси и проамериканци (проевропејци). Тоа е поделбата која е тука и кај нас. Дефинитивно присутна, но некако расфрлана и дисперзирана низ целиот општествен и политички спектар. Поделба присутна во скоро сите политички партии во Македонија.
Кај сите погоре, под наводници споменати, имаме и проамериканци и проруси. Тука е нашиот проблем. Испреплетени сме како црева. Состојба која е добро опсервирана од надворешните противници на нашите интегративни процеси на кој го подметнаа францускиот предлог со кој не ставија во долга и самоодржлива блокада на самите себе.
Тешко ќе излеземе на прав пат во услови кога сите оние споменати под наводници ќе треба да ги артикулираат сопствените политичките интереси во рамките на истиот политички блок заедно со колегата и сопартиец со кој имаат различни погледи во однос на геополитичката припадност на сопствената земја. Тешко ќе излеземе на крај кога во СДСМ има и „партизани“ и „администратори“ или кога има „централисти“ и „врховисти“, без оглед на тоа што сите се декларираат за демек европејци. Тешко ќе излеземе на прав пат кога членовите и гласачите на ВМРО, „комитите“ и „партизаните“, се делат на проамериканци и проруси. Тешко ќе биде да се обезбеди потребната политичка стабилност која ќе ги дефинира националните интереси како заеднички став на огромното мнозинство на релевантни политички субјекти во државата, дури и после наредните парламентарни избори кога и да се случат.
Веќе е јасно дека огромната гравитациона моќ на геополитичкиот судир ги насочува македонските политички процеси во правец на прегрупирање според геополитичката поделба која што владее во светот, првенствено во Европа. Најекспонираните од групите под наводници ќе мора да бидат ставени на резервна клупа и оставени да причекаат некој нов натпревар на мали голчиња на кој ќе можат да го искажат својот „раскошен политички талент“.
Отворените напади кои што речиси унисоно доаѓаат и од ВМРО и од СДСМ кон Левица, говорат за тоа дека процесот на диференцијација е започнат. Левица е единствената, наизглед јасно профилирана и дефинирана партија во геополитички контекст и единствената партија која откинува гласови од двете најголеми македонски партии. Левица, со својата јасно и јавно искажана геополитичка профилација претставува магнет за незадоволните „комити“ и „партизани“. Тие во времето на Тито сигурно би завршиле на Голи Оток, но тоа не е тема од интерес на оваа колумна. Ударите кои доаѓаат кон Левица и од лево и од десно, дефинитивно не се мотивирани поради идеолошки или геополитички причини. Тие во најголема мера се последица на одронот на гласови кој што го предизвикува оваа партија на двете страни и чувството на загрозеност што се јавува во двата табори. Токму таа недифинираност, непрофилираност и некомпатибилност на волјата на македонските гласачи со позициите на двете најголеми македонски партии, нив ги прави ранливи и парализирани во водењето на политиките од интерес на државата. Никој не сака да загуби гласови, ниту по цена на шлапкање во барата до бескрај.
Дали ваквиот одрон на гласови од двете најмоќни партии ќе ги забрза процесите на политичка профилација на македонското општество и ќе ја транспонира современата геополитичка поделба која што владее во светот на нашиот мал македонски простор? Тоа ќе можеме да видиме во текот на наредната година, година ипол.
Тоа расчистување му е потребно на македонското општество. Поделбата по геополитичка линија веќе е тука. Таа постои. Мора да бидеме искрени пред себе и да си го признаеме тоа. Но, барем да се организираме во сопствената поделба и да се обидеме да извлечеме некоја корист онаму каде што сме со иста мисла и ист став. Што побргу ние се организираме, тоа подобро за нас. Во спротивно, процесите на политичка поделба по геополитичката линија на фронтот некој друг ќе ни ја исфорсира и спроведе онака како нему му одговара.
Секое пролонгирање на моменталната политичка недефинираност во Македонија ќе ја продолжи агонијата на македонските граѓани во недоглед. Таа агонија со години трае, и трае, и никако да заврши. Агонија која мнозинството од нас нè направи безволни, бесчувствителни, рамнодушни и апатични. Агонија која им даде крилја на криминалот, корупцијата и грабежот и го уби чувството на среќа кај секој нас.
Време е да се преброиме и разброиме, да видиме кои сме и што сме, па да си го фатиме патот…заедно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.