Васко Шутаров

Нема поголема животна заводница од илузијата! Прва се појавува во нашите животи уште во колевка, бдеејќи над нашите глави и низ животот подоцна, никогаш не престанува да лебди околу нас и да нè следи низ сите наши животни патеки! И кога воопшто не ја забележуваме и кога потполно забораваме на неа, таа е сеприсутна и не нè остава никогаш сами! Илузијата е многу повеќе присутна во нашите животи, отколку ние можеме да претпоставиме, да замислиме и да си признаеме!

Веројатно не постои човек кој е вакциниран од илузии и секој од нас си има некоја своја илузија: дека е добар, дека е паметен, дека е убав и привлечен, дека е сакан, дека е самостоен или дека е силен! Илузијата совршено си го отвора патот кон секој човек, негувајќи ја неговата потреба да верува во себе, да верува во некои свои идеи и цели, да им верува на другите луѓе, како да се совршени, иако животот непрестано дели лекции  дека таквите совршенства или се сосем ретки или воопшто ги нема! Но, потребата од тоа совршенство е посилна од сè!

Во светот без илузии, човекот е странец“ – така пишуваше Албер Ками! Томас Елиот  подучуваше дека „човекот како суштество не поднесува многу реалност!“ И Волтер се прашуваше, „што ако на човек му ги одземеме илузиите-какво задоволство тогаш би му оставиле?“ 

Да, затоа илузиите нè следат и остануваат за цел живот наши верни следбеници (потрајни и поверни од оние кои тековно не следат на социјалните мрежи!) нè заведуваат и нè освојуваат, за да можеме полесно да се носиме, како со нашата сопствена несовршеност, така и со несовршенствата на светот што нè опкружува. Убавината на привидот од излузијата ни дозволува поубаво и полесно да живееме, а нејзината улога во однос на нашите реални животи и нашата реална стварност е првенствено корективна. И, секако- разубавувачка!

Во средината на 80-те години од минатиот век кога започнував да студирам политика, учевме дека политиката е уметност (умешност, вештина) за остварување на можното! Оваа позната мисла од Ото фон Бизмарк, која оригинално гласи: „Политиката е уметност на можното, на достижното-уметност на следното  најдобро“ во тие години беше најшироко прифатена како доминантна дефиниција за политиката, како од светската, така и од тогашната југословенска политичка наука.

Оваа дефиниција за политиката беше сеопшто прифатена во еден геополитички контекст во кој доминираше реалполитиката- меѓународна политика ослободена од секакви морални, вредносни и идеолошки скрупули,  заради остварување на најдобрите можности и предности за себе,  во одреден простор и време!  Бизмарк, германскиот обединител и нејзин прв канцелар бил несомнено и прв, кој реално во пракса, ја остварил своевидната уметност на постигнување на можното и од неа создал дефиниција-парадигма за многу следни генерации политиколози и политичари.

(Само да знаел колку лесно на неа ќе се налепат и цела армија политиканти,  децении потоа?!)

Но, уметноста или умешноста во остварувањето на достижното можно во оригиналната бизмаркова мисла има и свој втор дел, со кој заокружува целина, а тоа е уметноста во остварувањето на следното најдобро-она од пределите на невозможното! Во студентските превирања од крајот на 60-те во Париз, а во југословенските нешто подоцна, паролата која раздвижуваше стотици илјади студенти гласеше: „Да бидеме реални, да го бараме неможнотo!“, инспирирана токму од најсуштинското во бизмарковата дефиниција на политиката.

Во тие години на студентско учење за политиката, предметот Основи на политиката“ покрај познатиот проф. Јово Марјановиќ, почна да го предава и тогаш младиот проф. Драган Симеуновиќ, а бизмарковата дефиниција за политиката и тој ја имаше за свое научно кредо- со сите сечива на критичната мисла кои тогашната политичка мисла можеше да ги поседува, а да биде признаена! Денес проф. Симеуновиќ е академик и прво име на српската политиколошка мисла,  а  за  политиката зборува од еден сосем друг агол на гледање! Дефиницијата за политиката која последниве неколку години тој ја промовира, гласи: политиката како уметност на илузијата! Интригантно како за интелектуалец кој во науката и во политичката мисла и пракса, поминал скоро сè, или народски кажано-и сито и решето!

Благодарејќи на илузијата, уметноста и политиката, кои имаат малку заеднички допирни точки, се наоѓаат во ист тек на мисли и во ист ред на дефинирање – колку и неприродно да изгледа тоа! Како велеше славниот нигериски поет, нобеловецот Воле Сојинка:  Политиката демонизира културата хуманизира!

Со илузиите или со пределите на неможното се занимаваат и уметностите и политичките науки и пракси, иако реално само една професија можеме да ја наречеме вистински илузионистичка ! Магионичарите за разлика од политичарите, со многу суптилност,  внимание и посветеност ги изведуваат своите илузионистички трикови и претстави и нивните аплаузи никогаш не се изнудени на сила!

Човекот сака илузии и сака да верува во чуда, посебно кога тие изгледаат стварно и кога се поврзани со реалноста! Таа длабоко вкоренета човекова потреба за разубавување на стварноста со илузии е родното место каде се создаваат и уметноста и политиката, иако во својата природа и суштина двете, имаат различни цели и исходи.

Допирот од Микеланџело, насмевката  од Леонардо, развратот на куртизаните од Тулуз Лотрек, сјајот на ѕвезденото небо од Ван Гог, создаваат илузија на вечност, а во потрага по слична таква илузија се наоѓа и политиката, за да ги направи своите потези и акции, исто така трајни и вечни! Проф. Симеуновиќ во своите размисли за политиката како уметност на илузијата ќе каже: „како што на уметноста илузионизмот и претставува суштинска потреба, така и на политиката повеќе важна и е илузијата отколку реалноста, но од сосем други причини-политичарите само илузијата може во потполност да ја поседуваат и со неа да манипулираат, бидејќи реалноста најчесто им бега од раце!“

Додека уметноста само нуди и ненаметливо заведува, за да ни го разубави или облагороди животот и прави да се чувствуваме добро и убаво, политиката со помош на илузијата, наметливо се нуди да ги исполни нашите животи со добрина и убавина, но во голема мера мислејќи прво на себе! Илузијата во политиката, најчесто се остварува како привид или како измама! Ако политичарите ветуваат големи добра и секакви чуда и во тоа вистински веруваат, а зад тоа не се крие првенствено личен интерес, кога не ги остваруваат ветувањата за подобро и поубаво, велиме дека илузијата добила форма на привид! Ако зад ветувањата и креирањата илузии се крие само корист и личен интерес, таквата илузија добива формат, кој на сите светски јазици се нарекува-измама! Историјата нè учи, дека политиката многу повеќе ја користела уметноста на илузијата како измама, отколку како привид!

Неспорно е дека за освојувањето и доживувањето на среќата, како личната, така и колективната, потребно е одредено отсуство на разум! (разум разбран, како рацио). И секоја илузија бара одредено отсуство на разум и тогаш, заедно со таквата среќа, создаваат еден прилично складен пар!

Илузијата и потрагата по среќата се нешто што нè придружува цел живот, нешто што ни е потребно во секое животно доба, бидејќи така полесно ја поднесуваме несовршеноста во нашите животи. Имено, живееме во несовршен свет и упорно бараме совршенство, убавина, добрина, радости, возбуди, спокојства!  Оттука, копнеејќи по таквите добра, човекот е склон да користи разни илузии, за да го надомести она што го нема!

(како што духот не е во Јас и Ти, туку струи меѓу мене и тебе, според Мартин Бубер, така исто е и со илузиите, тие стануваат помоќни кога се општоприфатени, кога струјат меѓу нас и вас- и кога стануваат колективни!)

И затоа, една од најтешките и најнеблагодарни работи на овој свет е дезилузионизмот-критичкото препознавање и отргнување од личните и колективни илузии, посебно оние кои ги генерира политиката во сите животни полиња-и како привид  и како измама!  Среќа е кога и преку политичката мисла, таквите илузии се разобличуват и се отргнуваат што подалеку од себе, посебно кога носат мноштво лични и колективни трауми и несреќи!

………………………………………………………………………………………………………………………………..

Како што ќе ја отргнеме што подалеку од себе и за многу бргу, илузијата која создаде убедливо најмногу лични и колективни трауми и несреќи во поновата македонска историја- дека имаме власт која работи во интерес на македонските граѓани, а притоа уште и промовира илузија дека е единствена опција која се бори за европски вредности и принципи на работа?!

Или кога ќе се отргнеме од илузијата и привидот, дека воопшто имаме пилот и стручен екипаж во авионот, што нè вози наваму-натаму, како политичка власт?!

Или илузијата и измамата дека уште имаме нормална воздушна контрола на летање?!

Или илузијата со која под превезот на декларативните заложби за Европа без граници и Отворен Балкан, ни се случува тешка измама, со која половина од македонското население принудно е затворено во државен притвор- без преседан во Европа и модерниов свет!

Или измамата со која под превезот на илузијата за уставната норма дека сме социјална држава која се стреми кон благосостојба за секого, најмалку половина од населението стана делумно или целосно осиромашено?!

Или измамата дека сè уште некој ги штити и ги негува уставно гарантираните особености, историското и културното наследство на македонскиот народ и дека ги штити правата и интересите на нашите државјани кои живеат или престојуваат во странство- така, како што за нив се грижат актуелната министерка за култура, министерот за надворешни работи или неговиот амбасадор во Италија, на пример?!

Или илузијата и измамата дека сè уште имаме држава и власт, (унитарна и унисона!), кога се во прашање грижата за потребите и интересите на граѓаните или кога се во прашање врвните национални и државни интереси?

Или илузијата дека Уставен суд е надлежен за уставно гарантираното право за слобода на движење на граѓаните или дека кој било суд, некогаш или за нешто, може да казни некој политичар, функционер или обичен партиски член на партијата ДУИ, ако се огрешил од македонското законодавство?!

Или илузијата и измамата, дека под превезот на перманентна грижа за потребите и интересите на граѓаните, првенствено се врши постојано дисциплинарање, ограничувања на слободите и правата, како и понижувања од секаков вид-од кои се позачестеното понижување на мнозинскиот народ да се чувствува како гостин или граѓанин од втор ред во сопствената држава, кое претставува една од најтешките измами од „фабриката за илузии“ на оваа власт, на заминување?!

Ако може да се зборува за среќа во сеприсутната илузија со која политиката ги исполни во потполност нашите животи, тоа се оние мали моменти на среќа во кои ја разобличуваме и и ја игнорираме фаталната привлечност на политичката илузија која ни носи само трауми, несреќи и мизерија!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.