Долги и топли беа летата на нашите родители. И како деца и како млади се обидувавме да не им долеваме и разгоруваме масло на долгите изгор-лета и се трудевме и преку сите можни летни предизвици (најчесто и од петни жили), да останеме во рамките на нивните очекувања, за добри деца или млади исправени пред добри животни патишта.

И тој премолчан договор помеѓу родителите и нас, тогашните деца и млади, денес се преточува во еден тивок, но траен и топол спомен, кој и на денешниве сосем поразлични лета им дава и некаков спокој и одредена топлина и сјај.

Генерацијата на нашите родители, од раните 60-ти години од минатиот век, беше подготвувана за живот малку поразличен од претешкиот живот на нивните родители, од времињата на војни, преселби, сиромаштија и секакви одрекувања.

Родени во преголема скромност и постојана егзистенцијална несигурност, секое мало освојување нови слободи и нови радости го доживуваа како непроценливо животно богатство.

Нашите родители за разлика од сите генерации родени пред нив, имаа можност, конечно и да летуваат и да уживаат во благодетите на долгите и топли македонски лета. Во еден таков животен пејзаж е снимен и долго потоа прикажуван, македонскиот црно-бел филм „Мирно лето“.

„Мирно лето“, историски гледано е осмиот македонски филм, но и прва македонска филмска комедија, како и прв филм кој го работел македонски режисер, Димитрие Османли, а актерската екипа во филмот е составена од тогаш комплетниот крем на македонското глумиште. Со години подоцна, скоро секое лето, барем еднаш репризно одеше филмот на малите екрани, а ние, преку него, уште како деца разбиравме какви биле некогаш летата на нашите родители и какви всушност биле тие, како млади! Во овој контекст, иако непретенциозен во својата содржина, „Мирно лето“ има статус на култен филм за генерации и генерации Македонци, од сите возрасти.

Сижето на филмот и денес кога се раскажува, просто се визуелизира и доживува како полн со летни слатки нешта послужавник, понуден под ладна шарена сенка. Младиот брачен пар, научниот работник Заре и костимографката Мира живеат во Скопје, во тогаш типични потстанарски услови и под секојдневната пресија на љубопитната газдарица и непосредното соседство.

Сосем неочекувано, Заре добива можност за тримесечен престој во Охрид, а младиот брачен пар – шанса за три опуштени и спокојни летни месеци далеку од скопскиот потстанарски хаос. Местото каде Заре мора и преку летото да работи, станува посакувана Мека за сите знајни и незнајни, роднини, колеги, пријатели.

Најпрво, нивната летна оаза на мирот изненадно ја нарушува колешката на Мира, Дара Љубина, која бега кај нив, во Охрид, да ги лечи љубовните јадoви од скоро раскинатата љубовна врска.

По Дара, еве им го на врата и некогашниот професор на Заре, кој на пропатување за Атина доаѓа да одмори во нивната несудена оаза на спокојот и мирот.

И братот на Мира со своето друштво ќе намине да одмори кај нив, па стрината и стрикото на Заре, па семејството Поп-Коцеви кои имаат проблем со сместувањето, па и тие се сместуваат кај младите Заре и Мира.

И да биде комедијата потполна и врвна, сево ова се случува во идниот Етнографски музеј во Охрид, кој токму младиот научник Заре треба професионално да го среди и подготви за скорешниот есенски Меѓунарен етнолошки конгрес!

(„Ова се клучевите од нашиот сон, драга“, ќе ù рече Заре на својата сакана, покажувајќи ù ги клучевите од собите во куќата во Охрид – куќа која требаше да биде преуредена во иден Етнографски музеј, а во меѓувреме, со невидена леснотија, стана привремено сместувалиште за сите блиски роднини, пријатели и колеги на Заре и Мира)

Така сонуваше и живееше сонувајќи една младост, а тоа беа соништата и животите на нашите родители!

Во тие рани 60-ти години од минатиот век, младите во нашата тогашна држава имаа можност да сонуваат и да исполнуваат дел од своите соништа, во својата земја! „Мирно лето“ беше само најава дека државата ќе се погрижи: старата охридска калдрма допрва да заживува и привлекува туристи; ќе се погрижи Охрид да стане атрактивна дестинација и за странски туристи (атрактивниот Фиат Балила од филмот и сцената кога од него излегува тогаш младата актерка Анче Џамбазова, денес е антологиска филмска сцена); па држава која ќе се погрижи младите да можат да се реализираат во својата средина; да заработуваат; да се облекуваат по последна европска мода и да пеат и танцуваат како на странски, така и на домашни шлагери и држава, која подеднакво ќе се грижи како за историските корени и културното наследство, така и за иднината на своите граѓани.

Клучевите од Етнографскиот музеј од филмот ја симболизираат токму таа приказна од сонот на нашите родители и нивниот сон за нас самите-клучевите се и „кваката“ преку која се отклучуваат, се препознаваат, комуницираат и се надополнуваат нашето минато и нашата иднина?!

Денес, кога се потсетуваме на првата македонска филмска комедија со еден толку копнежлив наслов, „Мирно лето“, во времињава на жешки и немирни лета, ризикот паралелава да прозвучи подбивно, иронично или малициозно е исклучително висок.

Но, надвор од контекстот на црно-белиот филм спакуван како филмска комедија, факт е дека токму во годините во кои се снима и се прикажува филмот „Мирно лето“, се раѓаат и реализираат идеи кои Македонија ја ставаат на светската културна мапа како неодминлив и исклучително важен дел – Охридското лето и Струшките вечери на поезијата!

Тие години се основа Македонско научно друштво во Битола, Атина Бојаџи го освојува Охридскиот маратон и станува хероината Делфина за бројни генерации Македонци, само неколку години подоцна започнува со работа Телевизија Скопје, се основа Музејот на современа уметност, се основа МАНУ,  блеснува сцената на Скопскиот фестивал, а севкупната македонска култура, македонскиот јазик и македонската наука се поттикнуваат најсериозно да се занимаваат со македонското културно и духовно наследство.

Народознаењето – тоа е другото име за етнографијата и за етнологијата, или она што во филмот е зачнато како тема, во контекст на клучевите од Етнографскиот музеј во Охрид, но и како дилема за науката која треба постојано да го отклучува и да бдее над нашето минато, и како наука која треба да учествува во креирањето на нашата иднина. Клучевите и кваката на сите наши актуелни теми и дилеми, се кријат токму во науката наречена, народознаење!

Наравоучение?!

Што остана од сонот на нашите родители и колку чини раскрчмувањето на тој сон за нас и за државата во која треба да живееме?! И ако „Мирното лето“ условно го категоризираме како црно-бела филмска комедија, како ли да го именуваме времево од седум лета по ред, во кое се изгубија и радоста и веселбата и смеата, се изгубија најдрагоцените вредности и се растопија соновите на еден народ и на една држава во една непрестана кошмарна серија од преименувања и преиначувања, која приличи на современа филмска трагедија, во 50 нијанси светло-сиво?!

Ова лето, како и претходните, од 2017 година наваму, ќе бидат запамети како лета во кои се растопуваа, под вжештениов летен лонец за топење, најмногу нашите и соновите на нашите родители!

Соновите дека оваа држава може да биде место за пристоен живот за сите нејзини граѓани, место за нивна себереализација, за добра работа и за солидна заработка, место за добра забава, како и сонот за држава која требаше да нуди добра здравствена грижа, солидно образование и постојано образовно надградување, требаше да нуди и да гарантира безбедност и сигурност на своите граѓани од криминал и корупција, држава која требаше да вложува во сопственото земјоделство и која можеше и мораше во секоја прилика да обезбедува домашна храна за населението, држава која требаше да поттикнува наука, култура и спорт и држава која мораше да вложува во народознаењето и негувањето на сопствениот културен идентитет и токму нив да ги смета за исклучително важен предуслов во градењето перспективна и спокојна иднина во секаков меѓународен контекст, со сите други држави и народи во светот, на рамноправна основа! Никогаш не сме биле подалеку од тој сон за нас самите и за нашата држава, како во циклусов од немирни, долги и кошмарни лета,  2017-2023!

Народознаењето и народопаметењето ќе ја следат како ноќна мора оваа власт до крај, до нејзините последни манифестации на ова што едвај приличи на владеење и власт – и ќе бидат нејзин кошмарен сон и кога ќе престанат да бидат власт! Оваа власт ќе се плаши и ќе бега од сопственото народознаење и народопаметење, ќе бега од сопствените корени и од своето најдлабоко и најмоќно чувство на припадност – и културолошко и идентитетско!

Оваа власт, само повремено ќе умее да реагира и тоа ќе го прави секогаш така неубедливо-анемично и толку анационално и тоа најмногу и најчесто затоа што е притисната од проактивната национална агенда на македонската опозиција.

Во немирново и кошмарно седмолетие, колку пофренетично се разгоруваат разногласијата и разијдувањата околу  постигнувањето национален и државен консензус во исцртувањето јасни црвени линии преку кои не смее да помине ниту еден домашен или странски политичар, толку полесно се исцртуваат графикони во кои етничката припадност во матичната книга на родените ќе станува облигаторна и тоа со Упатство на министер за правда, што е не само врвен антиевропски преседан, туку на кој со потсмев ќе не гледаат сериозни држави и сериозни народи, со сериозни влади.

Кога власта не само што не вложува, не ја поттикнува и не ја познава воошто науката за себе(с)познавањето-етнологијата и етнографијата, само до овде можевме да стасаме – да чекаме да ни го признаваат или да ни го негираат нашиот сопствен идентитет некои други народни претставници, во нечии туѓи парламенти, а ние само од тоа да живееме?!

Колку чини дораскрчмувањето на нашиот сон и сонот на нашите родители и и колку ќе не чини кошмарново седумлетие од жешки, долги и немирни лета, допрва ќе разбираме и допрва ќе пресметуваме, пребројувајќи се во меѓувреме и колкумина останавме од недосонуваниот и незавршен сон на нашите родители, кој требаше само тивко и спокојно да го пренесеме како на утрински послужавник, со топло домашно пециво и со свежо исцеден домашен сок, на новите поколенија!

И патем, само да го досонуваа и да го дореализираа истиот.

 

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.