Петар Поп Арсов

Ја прекрдашија! Прекрдашија и рамковен, и попис, и балансер. Прекрдашија со платформи, уставни измени и со постојани барања за нови и нови измени. Кога се фатени во корупција и криминал не паѓа нивниот функционерот, паѓа обвинителот. Нема ниту еден нивни процесоиран. Сите се чисти?! Половина влада се нивни функционери, нивни кадри приучени по тетовските и приштинските вечерни факултети. Половина од директорите се нивни луѓе (не сум ги броел, но така доаѓа зборот). Од борба за човекови права, еднаквост и сожителство дојдовме до апардхејд.
Мисли ли малку онаа блескава премиерска лејка што прави?!

Се палат технички неисправни автобуси, излетуваат од пат, горат болници, гинат луѓе. Луѓе кои речиси сите се нивни гласачи и поддржувачи или се од етничката заедница која што политички ја гетоизираа и ја претставуваат. И никому ништо! Нема виновни, нема одговорни, нема никој притворен или затворен. Сите се исправни?!

Бранко им слугуваше за Рамковниот договор. Бучковски послужи за територијалната поделба (едвај жива глава спаси во Струга). Груевски им се најде за „хашките случаи“. Заев, како највеликодушен од сите, ја реализираше целата Тиранска платформа, двојазичноста и геноцидниот попис. Љубчо кумуваше на сѐ по малку.

А, можеше да биде поинаку!

Можеше да биде поинаку доколку горе набројаниве беа барем малку сложни во однос на клучните прашања од национален интерес и од интерес на македонскиот народ кому Македонија му е матичната држава. Ќе беше поинаку доколку еден на друг си даваа поддрша во клучните моменти. Ќе беше поинаку доколку сите заедно беа свесни за историскиот момент во кој владееа и доколку секој од нив посебно не беше воден од помислата:

„Ќе отстапам јас малку, затоа што другиов ем ќе отстапи повеќе, ем ќе ми ја земе власта“.

Да, ќе беше поинаку! Ќе имаше и сожителство, и човекови права, ќе имаше и јазици и децентрализација, но ќе имаше и закон… и закон и правда за сите.

Сега нема ништо. Ниту закон, ниту правда, ниту етичност и морал.

Принципот на гласање против, само и само заради казнување на власта не ни донесе ништо добро во изминативе триесет години. Не дека народот имаше алтернатива или подобар избор за начинот на изразување на сопствената волја, но изборот по принципот „гласаме против“ создаваше мрзлива опозиција која најчесто играше на картата на истрошеност на тековната влада. Ваквиот начин на гласање во најголем број од случаите на власт ја доведуваше недоволно подготвената опозиција која како по правило стануваше лесен плен на организираниот и невидлив коруптивен мицелиум, кој како габична инфекција наоѓаше свеж домаќин врз кој го продолжуваше својот паразитски живот.

Но, тоа не беше се! Правилото „победник со победник“, кое впрочем никогаш и не стана правило заради исклучоците „победник со поразен“ и „поразен со победник“, како и потребата од „Бадинтер“ ја втурнуваше секоја новопечена влада во прегратките и размавтаните крилја и канџи на „орлите мршојадци“.

Да токму тие, „некорумпираните“, непроцесоираните и „единствено чистите“ се претворија во политичка константа на македонската плурална сцена веќе дваесет години. Токму тие, ДУИ, станаа „јазичето на вагата“ од кое зависи формирањето и опстанокот на секоја македонска влада. Тие се креаторите на една доктрина која ќе стане пример за изучување во политичките науки. Креатори на најефикасната паразитска политика која го исцрпува секој политички партнер и домаќин во владата заменувајќи го со нов. Тоа е политичката доктрина која што систематски ја исцрпува Македонија како држава држејќи ја закована на дното од сите дна.

Така е кога нема слога на другата страна. Така е кога за ниту едно прашање од национален интерес нема усогласеност и консензус кај водечките партии на Македонците.

Сега, кога се подготвува проширување на владината коалиција заради промена на Уставот, не е воопшто случајно тоа што токму ДУИ е носителот на процесот на преговорите со останатите политички партии од албанскиот блок. Фактот што од една страна Ковачевски демантира дека преговара со Таравари, а од друга страна Ахмети потврдува дека на големо се преговара за влез на Алијансата на Албанците во владата со три министерски места, говори за тоа кој го има контролниот пакет и кој е јазичето на вагата. Спротивните и контрадикторни изјави на лидерите на двете најголеми владејачки партии, Ковачевски и Ахмети само потврдуваат дека користењето на лагата во македонската политика е секојдневие кое никого не го зачудува, а што е уште полошо, никого не го ни вознемирува. Тоа е веќе нешто сосема нормално.

Тоа ќе биде влада на сите Албанци и малцинството Македонци. Влада на сите останати против мнозинството Македонци. Не можам да верувам дека идеолошки гласач на СДСМ поддржува ваква политика и затоа ќе си земам за право да кажам дека и тие се во групата на мнозинството Македонци. Тоа ќе биде апартхејд влада во која повеќето од министерските места (според најавите и најобичните математики) ќе ги имаат етничките Албанци само и само за да се смени Уставот на штета на Македонците. Историски момент кој мора да се констатира, запише и биде вечно запаметен. Тоа ќе биде печатот на Ковачевски со кој ќе се вклучи во редот на „великаните“ кои тргувале со интересите на сопствениот народ.
И што ако направат таква влада? Што ако го сменат уставот? Што ако ги вметнат Бугарите или го дополнат со уште некоја придобивка за Албанците?

Кој ќе има корист?

Албанците, кои што постојано се иселуваат додека ДУИ е на власт?! Бугарите, кои и самите не знаат кои се и што се?! Процесот на евроинтеграции, за кој што на пресконференција во македонската влада отворено ни беше кажано дека промената на Уставот не е гаранција за неговото понатамошно продолжување?!

Кој ќе има корист?
Па ќе има Ахмети, Ковачевски, министрите, директорите и сета останата владејачка архитектура, соодветно на позицијата на која што е позиционирана.

Кој ќе има штета?

Штета ќе имаат граѓаните! Штета ќе имаат сите! Македонците во секоја можна комбинација, но и останатите, независно од тоа дали некои ќе бидат вметнати во Уставот или пак другите кои од процент ќе бидат претворени во дропка или децимал. Кај и да е, и како процент, и како дропка, па дури и цел број да станат, со политиката на економското осиромашување што ја водат македонските власти, единствената нивна цел ќе остане иселувањето „у Немачку и Швајцарску“.

Затоа велам дека ја прекрдашија! Ја прекрдашија и со избортот на обвинител за кое што американската амбасадорка бесно реагираше. Тоа не беше само бес туку и демонстрација на немоќ да се справат со балканските курнази, со нивните најверни слуги и соработници, кои доктрината на политичко паразитирање ја доведоа до совршенство. Тоа беше панична изјава со која американската инвестиција во македонскиот правосуден систем беше посочена како промашена. Сега недостасува уште отворена потврда од некој што со разбирлив јазик за сите ќе ја прогласи инвестицијата за умрено.

Гледаме и дека доктрината на политичко паразитирање и играње на картата на јазиче на вагата добива и регионален контекст со поширока геополитичка димензија. На Косово мислам. Во една прилика, некаде во јануари 2014 година за време на мојот амбасадорски мандат во Стразбур, го прашав амбасадорот на Германија дали и понатаму Германија ќе продолжи да притиска Косово да биде примено за член на Советот на Европа на претстојниот министерски состанок во мај. Одговорот беше многу логичен и рационален. Германија досега настојуваше Косово да стане земја членка на Советот на Европа, најдоцна во мај годинава (2014). Но, со оглед на тогашната руска анексија на Крим и војната во Донбас, амбасадорот јасно подвлече дека не сакаат прелевање на конфликтот на Балканот, кое што во тој момент беше руски интерес. Косово ќе стане членка во мај, но не овој мај. Некој мај можеби некогаш ќе стане, беше одговорот на германскиот колега.

Од тогаш до денес мај помина многу пати. Косово сè уште не е членка, а рускиот интерес за отварање на балканскиот вентил за намалување на притисокот во Украина сè уште е истиот. Потезите што последниве месеци ги прави косовскиот премиер Курти не се ништо друго туку класичен политички рекет кон сопствените партнери и поддржувачи, САД и ЕУ. Тоа е класична примена на доктрината на политички паразитизам позајмен директно од ДУИ која го доведе до совршенство, но овој пат примена со поголеми геополитички импликации и димензии. Да не испадне на крајот нашиве марксисти-ленинисти да испаднат поголеми русофили и од Србите, Бугарите и Македонците заедно?!
Тоа е!

Политичкиот промискуитет и менување на партнери по принципот искористи па фрли е повеќе од доволна индикација за менталниот профил на соработникот, макар тој бил на моменти и бескрајно сервилен до ниво на вазал и слуга. Тоа е доволна причина за реакција на американската и европската дипломатија за превенирање на судир меѓу Србија и Косово, но и доволна причина за зачуденост и загриженост за состојбите во Македонија, земја членка на НАТО. Зачуденост и загриженост која на висок тон беше соопштена од новата американска амбасадорка.
Полтроните и слугите секогаш забиваат нож во грбот!

Нема потреба од зачуденост! А, за она второто… треба самите да си знаете, не сте мали!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.