Васко Шутаров

Винтиџот или оновременското кое новото време не само што не го покорило, туку само му додало вредност на добро созреано старо вино, денес станува повторно атрактивно, како неизбежно среќавање на минатото со иднината. Денес станува така фенси да се реиздаваат нови винили од популарни стари грамофонски плочи, да се прават ремикси на музички хитови од 70-тите и 80-тите од минатиот век, да се комбинираат парчиња гардероба од 60-тите со актуелни модни трендови, да се организираат ретрозабави преку кои на сцена повторно се враќа и некогашната атракција, неговото височество-музичкиот џубокс!

На помладите, кои никогаш немале можност да видат со свои очи и да користат музички џубокс, не е баш едноставно да им се пренесат пораките и чувствата кои се емитираа преку блескаво осветлените (најчесто јарко црвени) кутии за исполнување музички желби. Џубоксите, обично го заземаа централното место во просторите за забава, секогаш видливи и лесно достапни за сите гости! За да почне забавата, потребна беше само една или повеќе монети собрани во џеб, неколку допири по тастерот со букви и бројки колку да се избере посакуваната музичка тема – и просторот станува и твој, преку музиката што си ја одбрал за своја душа!

За нас, кои патувавме почесто и изворно можевме да ги вкусиме слободите од некогашниот Запад, џубоксот беше симбол на остварување бројни слободи и среќа! Најнапред преку понудата од џезерска и рок музика, слободата беше  однапред претпоставена тема, а самиот чин на избор и креирање музика за себе и за останатите во истиот простор, беше во суштина живеење на една нова слобода и демократија! Живеевме европски вредности, што би рекле денес ревносните еврофили и тоа во срцето на Европа, бидејќи секое тогашно наше патување на Запад започнуваше или завршуваше со задолжително уфрлување лира, франк или гулден во некоја од блескавите музички кутии наречени џубокси, кои уште толку даваа крилја на патувањата и освојувањата слободи од Западот.

Неминовно, џубоксите кон крајот на 70-тите години стасаа и во нашите познати хотели и одморалишта, додуша, со многу поскромен и построг дизајн и со прилично селектиран избор на музички теми! Ставањето метално динарче во музичката кутија најчесто се сведуваше на избор од тогаш актуелни светски поп хитови или некој далматински или југохит, многу поретко рок-музика, а уште поретко, некој добар македонски шлагер!

Дома, токму тие години станува многу појасно, како преку уредот и симболот на западните слободи можат заводливо да бидат управувани нашите потреби и барања, како лесно може да бидеме подведени на лажна или квази слобода и колку е  важно, не кој фрла паричка во музичкиот уред, туку кој ги собира и кој  управува со колекцијата од музички теми, со кои е наполнет музичкиот џубокс.

……………..

На враќање од одмор пред некој ден од Грција, правам мала пауза во едно погранично село и со кафе-муабет со мои блиски пријатели, со кои се разбирам на македонски јазик, разбирам и дека таму тековно го следат актуелниот притисок за ултимативни промени на македонскиот устав! Ми пуштаат видеоматеријал, во кој познат грчки професор по уставно право објаснува дека најтешка работа на свет би била промена на грчкиот устав и „по нашки“, како на најсвој, ми укажуваат дека „уставот не е музички џубокс (?!) за исполнување туѓи музички желби!“ Се ежам од муабетот! Уште повеќе, разбирајќи дека по Преспа и промената на македонскиот устав, токму на нивните панаѓури, како никогаш порано, сите до еден здушно и во еден глас пееле исклучиво македонските песни! Гледам снимки од месните панаѓури, слушам како се разлеваат: „Отвори порти невесто“, „Стамена“ и „Виена лоза“- и ме обземаат чувства на гордост, посраменост и гнев! Си тргнувам дома, наместо малку одморен од домашната психоделија наречена уставни промени (веднаш и сега!), уште толку гневен на проклетијава што ја следи актуелнава македонска власт!

„Вашта влас мисље оти арно ќи пумине само ако играе как друјзте ù свират, ми Македонија не е музички кутија да свире как кумшијте ќи ù кажат“, ми одѕвонува цел пат до дома, муабетов со моите драги домаќини.

…………………………………………………

Уставен патриотизам или уставен садо-мазохизам

Промените во уставите на државите во процесот на евроинтегрирањето, не се невобичаена, непозната или табу-тема за која македонската наука и академска јавност не знаат, но она за кое молчи актуелната македонска политичка власт и упорно го сокрива од македонската јавност е дека ниту една земја членка на ЕУ, не ги отворала и менувала своите устави пред да започне преговарачкиот процес, како што во Македонија за пет години, се случува веќе вторпат! Скоро сите денешни држави членки своите устави ги дополнувале со уставни амандмани или во процесот на преговори или во финалната фаза од преговорите во кои членството веќе било сосем извесно и загарантирано.

Така направила Бугарија во 2005 година, во една стандардна процедура за уставни промени, како за сите држави-аспиранти за членство. Тоа се стандардни промени поврзани со пренесувањето на дел од суверенитетот на ЕУ институциите и промени што се однесуваат на супрематијата на европското законодавство во однос на домашното. Од истите причини и на ист или сличен начин, пред финалното официјално зачленување во ЕУ, уставите ги менувале покрај Бугарија и Романија, Унгарија, Словенија и Хрватска, а Полска, менувала одредби од својот устав дури по стекнувањето статус на официјална членка на Европската Унија.

За волја на вистината, уставите ги менувале и една Германија и Франција на пример, и тоа од иста причина, да се стави во функција новиот европски правен механизам наречен Европски налог за апсење, а во процесот на преговарање и отворање на поглавјата уставни промени им биле наложувани на Бугарија во 2003 година, да ја унапреди независноста на правосудниот систем (што кобајаги е и направено?!) или подобрувањето на економската и административна независност на Централната Банка Кипар во однос на извршната власт, што е направено со измени на кипарскиот устав во 2002 година.

Во Словенија, од која за волја на вистината не научија нашите политичари речиси ништо, со едно отворање на уставот две години пред нејзиниот официјален прием во ЕУ, се изврши интегрирана промена на сите уставни одредби во процесот на усогласување со европското законодавство! Но и не само тоа! Со истата промена на уставот, со уставен амандман зголемена е улогата на Парламентот и собраниските контролни механизми за сите владини активности поврзани со евроинтегративните процеси, што е вистински начин, на вистинско место, да се гради консензус помеѓу сите релевантни политички чинители. Ваквото градење консензус, што е главен предуслов и основа за владеење на правото, во поновата европска политичко-правна мисла се нарекува уставен патриотизам.

Уставни патриоти имале сите држави во процесот на пристапување кон полноправното европско членство и промените на нивните устави, бидејќи на домашен план успевале да изградат консензус и да дејствуваат монолитно и унисоно во целиот преговарачки процес со бриселската администрација. Такви уставни патриоти во актуелната македонска власт, нема да можете да најдете ни за лек!

За разлика од уставниот патриотизам, за уставен садо-мазохизам зборуваме кога легитимитетот за уставни промени не извира од суверенитетот на граѓаните, туку е наметнат како диктат или ултиматум од некои други влади и други држави, а со снисходливо уживање како своја сопствена агенда го прифаќаат домашни политичари. Македонскиот уставен садо-мазохизам е единствен од таков вид во поновата европска и светска политичка и дипломатска пракса! Поданичкото уживање во прифаќањето туѓи диктати во исполнувањето барања за промена на македонскиот устав, уживањето во суровото спроведување на преземените обврски кон налогодавачите однадвор, непостоењето трошка демократски капацитет за градење консензус со опозицијата, бесчувствителноста кон јасно изразената мнозинска граѓанска волја да престане да се гази по достоинството и најчувствителните идентитетски обележја, тоа се одликите на еден актуелен македонски уставен садо-мазохизам, каков практикува актуелната македонска власт!

Македонскиот уставен садо-мазохизам, направи од Македонија држава на преседани! Ако за сите останати европски држави единствен услов во евроинтегративните процеси беа јасно одредените стандарди со кои се исполнуваат критериумите од Копенхаген (1993), за Македонија беа наметнувани критериуми и стандарди кои немаат свој пандан во современата европска политичка и дипломатска историја, а сите редум (барем досега!) се од корпусот чувствителни идентитетски прашања! Патем, без никаква европска гаранција дека и покрај беспримерната саможртва на еден европски народ, тој барем малку ќе се приближи кон политичкиот, економскиот и културниот простор кон кого природно припаѓа!

Македонија, гледана од ракурсот на 27 европски метрополи, како „земја кандидат со искуство“ (што би рекол Маричиќ) изгледа како заборавен музички џубокс, во предворјето на елитниот хотелски комплекс „Европа“, џубокс, кој се слуша само кога некој од соседите ќе посака да му биде исполнета некоја старо-нова музичка желба!

Македонските практиканти за уставен садо-мазохизам ќе ја премолчуваат и  не за првпат изразената загриженост на хрватскиот премиер Пленковиќ дека македонскиот преседан не смее да се повторува како случај, бидејќи таквата европска пракса е комплетно нефер и се коси со изворните европски вредности и принципи и не ù прави воопшто чест на Европа! А од крикот на незадоволство на српската премиерка Брнабиќ, дека навистина веќе не знае што сака ЕУ од нас: „Еднаш ти велат дојди со подолго здолниште, другпат облечи нешто пократко, трет пат, ракавите ти биле предолги“, само разбираме уште толку, колку модни мани ù наоѓале досега на „момата која требаше богато да ја омажиме“ (според изворот на сите актуелни политички и уставни зла, Зоран Заев).

На сето ова, без трага од дипломатски такт, шарм и знаење, актуелниот македонскиот премиер недоветно ќе дроби вицеви за македонските келнери во Словенија, што го молеле, како знае и умее што поскоро Македонија да ја внесе во ЕУ?!

Избори, веднаш!

Изборниот одговор што мислат граѓаните за досегашните европски практики на актуелната македонска власт е единствен одговор кој може да ù даде насоки на идната македонска влада, како да управува и практикува европски вредности, најпрво дома: во борбата со криминалот и корупцијата вгнезден во секој сегмент од општеството, во создавањето здрави економски предуслови за нормален економски развој и крај на непримерниот левичарски удар врз работничките права, во борбата со демографската чума што ја испразни Македонија, во враќањето на достоинството на граѓаните во поглед на нивните егзистенцијални потреби, нивната здравствена, социјална, пензиска сигурност и спокој, во враќањето на достоинството на граѓанинот и неодржливата понизност пред државните институции и државната бирократија, во враќањето на достоинството на образовно-воспитниот процес, во враќањето кон темелните културни вредности во кои е вткаена сета наша посебност, убавина и привлечност.

Како старата добра македонска песна! Таман ќе помислиш дека времето ја покорило, дека музичките џубокси за исполнување туѓи музички желби од компанијата „Заев-Димитров-Османи-Маричиќ-Груби-Таче“ потполно ја потиснале и избришале, еве ја како најдобро рујно вино, уште толку созреала, уште толку попитка и уште толку попевлива станала! Како винтиџот со најдобрата мода од минатото, како винтиџот со најдобрите грамофонски плочи, како винтиџ-забавите и оние стари добри музички џубокси, кои значеа рокенрол и освојувања на светот од слободи и среќа!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.