Петар Поп-Арсов

Бујар Османи, министер за надворешни работи. Во својство на дежурен ученик, додека другарчињата од владата му се на голем одмор, го зел сунгерот и кредата и ете го на таблата за да ја подготви за следниот час. Ставил и камера, да се објави на социјалните мрежи, да собере прегледи, лајкови, коментари. Си црта Бујар, си брише, објаснува, предава, како вистински учител кога ги учи децата од прво одделение.

Ни објаснува Бујар за ЕУ, за преговарачката рамка, за општиот и посебениот дел, за поглавјата, одредниците, извештаите и гласањата. Не уверува дека ќе имаме непопречуван интегративен процес и дека сè ќе биде добро. Без вета и блокади. Ни нацрта триесет и пет скалила кои ги сиболизираат триесет и петте поглавја кои ќе бидат предмет на преговори со Брисел. Ни рече дека никаде нема да имаме проблем, освен… евентуално… „само“ при гласањето за отворање и затворање на секое од споменатите поглавја. Ништо страшно, само седумдесетина гласања на кои може да добиеме само седумдесетина вета… и еве не во ЕУ.

Единственото нешто кое што треба да го завршиме сега е промената на Уставот, и тоа е тоа. Толку, нема повеќе, нема да боли! Бугарија и Грција, земјите кои до сега го блокираа евроинтегративниот процес на Македонија, ќе си бркаат своја работа, нема да се занимаваат со нас. Така вели Бујар! Нема ни на крај на памет да им падне некоја идеја да побараат нешто од нас во текот на тие триесет и пет поглавја или деценија-две преговори.

Не знам што му стана на министерот? Го оставија да биде дежурен забавувач за време на годишните одмори и тој навистина најде одличен начин да го привлече нашето внимание. Некои ги налути, некои ги насмеа, а веројатно има и такви кои ги воодушеви со својата инвентивност и умешност во цртање и бришење на таблата со сув сунгер. Спремен дечко, нема што!
Но, дали е баш така како што беседеше Османи?

Наместо да ни држи предавања за формалната страна на процесот на преговори, кои и онака се само гола теорија, тој требаше да говори за суштината на евроинтегративниот процес. Наместо да ни црта за тоа како само вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде доволно за непопречуван процес на евроинтеграции, тој требаше да ги нацрта постигнувањата на оваа влада и исполнетите критериуми. Да ги видиме барем на цртеж. Тој требаше со особено внимание да говори за промашувањата и дупките кои што ги направија во текот на нивниот мандат, а кои уредно се нотирани во неодамна публикуваниот Скрининг извештај за Македонија. Дупки и обврски кои што не очекуваат на патот кон ЕУ.

Османи требаше да каже збор два за состојбата во судството, кое веќе е добро апсолвирана тема за секој македонски граѓанин. Требаше да каже дека и Европската комисија во Скрининг извештајот дава оценка дека состојбите во македонското судство се далеку под нивото на европските стандарди. Да биде искрен и да признае дека постојаното политичко мешетарење со уставот и бугарските уцени се одличен параван зад кој се крие неспособноста, неажурноста и неефикасноста на оваа власт. Да потврди дека проблемот кој што ни го наметна Бугарија предизвика реверзибилен процес во однос на супстанцијалното приближување кон ЕУ, создавајќи им простор на функционерите на власта да се занимаваат со активности кои се далеку зад границите на стандардите, вредностите и законите.

Бујар требаше да не информира дека Европската комисија оценува дека е потребно Македонија да ја зајакне независноста на судиите и обвинителите, а не да ги остави да бидат жртва на притисоци или пак самите да бидат актери во организирана форма на злоупотреба на судството, спротивни на правото и правдата. Требаше да каже дека и во Брисел слушнале за циркусот во Судскиот совет. Да каже дека Брисел и сугерира на државата дека Судскиот совет треба да ја зајакне својата посветеност кон целосното почитување на принципот на независност на судството и да ја зголеми транспарентноста во работата. Особено треба да ја зајакне сопствената улога на чувар на независноста и непристрасноста на судиите.

Зарем Брисел ќе пишуваше вакви извештаии за своите „миленици“ во владата доколку навистина не е дојден ножот до коска?! Зарем Европската комисија немаше да се воздржи да каже дека треба да се осигура ефективна заштита на судството од каков било ризик или перцепција за несоодветно мешање… политичко, коруптивно или какво и да е, доколку перцепцијата за судството и довербата кон него од страна на македонските граѓани не беше падната на „нула“ проценти?!

И тоа не е сè!

Бујар можеше да говори и за оценките на Европската комисија во однос на реформите во администрацијата и начинот на нејзиното управување и функционирање. На пример, за тоа дека „Балансерот“ на вработените во јавниот сектор повеќе не ја исполнува својата цел, односно не го одразува вистинскиот процент на резидентното население во формулата за правичната застапеност во администрацијата. Зошто министерот Османи немаше никаков коментар во однос на ваквиот заклучок на Европската комисија¬?

Немаше коментар ниту во однос на забелешките на Комисијата дека паралелните процедури за регрутирање на стручни кадри, кои беа воспоставени заради зголемување на вработеноста на малцинствата во јавниот сектор, можат да го поткопаат мерит системот при вработување и напредување во кариерата.

Според она што бајковито ни го презентираше Османи, испаѓа дека е доволно да се спроведат уставните измени и во истиот момент ќе исчезнат сите недостатоци и слабости кои уредно се нотирани од Европската комисија.

На пример, Османи не убедува дека со уставните измени ќе се елиминира неодговорноста во јавната администрација, немањето на соодветна координација меѓу владините ресори и сродните институции, дуплирањето на надлежностите или пак недоволниот пристап до информации во јавниот сектор.

Сето ова е уредно запишано во Скрининг извештајот на ЕК, согласно скрининг процесот со кој оваа власт особено се гордее. Отпочнувањето на скрининг процесот, без притоа да имаме конкретен датум за почеток на преговори, владата го претстави како големо достигнување на формалниот аспект на евроинтегративниот процес. Во исто време, владата целосно ја занемари суштината на скринингот и можноста преку таквиот процес ЕУ во потполност да ги види сите наши недостатоци.

А, не се малку!

Видоа дека корупцијата е распространета во многу области од јавниот и деловниот живот и истата останува прашање на сериозна загриженост. Заклучија и оценија дека досието на успешни истраги, обвиненија и судски постапки и понатаму е прилично ограничено, особено во однос на справувањето со корупцијата на високо ниво. Укажуваат дека треба да се зајакне борбата против корупцијата, особено во областа на правдата и внатрешните работи или поедноставно кажано, во судството и полицијата.

Кога сме кај корупцијата во судството и полицијата Европската комисија „безобразно“ ни вели дека „Македонија треба да го подобри капацитетот на механизмот за надворешен надзор кој гарантира независна истрага за справување со неказнивоста на полицијата. Постоечките ризици од корупција во однос на службените лица кои го спроведуваат законот во судството и полицијата, вклучително и на границите и за време на кривичните истраги, треба соодветно да се проценат и да се решат“.

Значи, ЕУ гледа ризици од корупција, а Бујар си црта скали и не убедува дека сè си е супер… освен Уставот.

Има уште многу нешта кои што се забележани во овој извештај кој се однесува само на еден сегмент од пристапниот процес, на еден кластер, на неколку поглавја. Во извештајот читаме и за слабостите во борбата против организираниот криминал и за анемичните постигнувања во областа на економијата и за други области кои се дел од овој кластер. Што ли ќе биде нотирано за останатите поглавја или сликовито кажано триесет и петте скалила што ни ги нацрта Османи, може само да претпоставуваме?

Факт е дека ние ја живееме реалноста од извештајот, реалност која најдобро ја чувствуваме и немаме никаква потреба да ги читаме собраните дела на бриселската бирократија. Напротив, ние можеме да им диктираме и набројуваме што да напишат во било кој извештај, што е тоа што не чини во оваа наша земја под власт на „европејциве“.

Процесот на уставни измени формално е започнат. Предлогот е во Собранието. Тоа засега е единствениот услов за официјален почеток на преговорите со ЕУ, исто како што некогаш беше промената на името. Но, го нема потребното мнозинство и сега шлајфуваме во место. Тоа што владата ја обвинува опозицијата за неуспехот на исполнувањето на превземената обврска за промена на уставот е класична инверзија на тези. Тоа што владата обвинува дека друг е виновен што земјата е ставена во состојба на самоблокада, е класично префрлање на сопствената одговорност на друг.

Да се потсетиме, власта самата влезе во процесот на дефинирање и прифаќање на преговарачката рамка со ЕУ под бугарски диктат. Власта во тоа време целосно ја исклучи и изолираше опозицијата од процесот. Тоа беше сосема спротивен пристап од оној во Бугарија каде што и најлутите политички противници, кои и после неколку неуспешни изборни циклуси и обиди да формираат влада, во однос на преговарачката рамка за Македонија покажаа невидено единство и консензус.

Одговорноста за неможноста да се спроведат уставните измени е кај тие кои што без национален консензус прифатија таква обврска. Одговорноста за самоблокадата е кај тие кои играа сами кога требаше да играат заедно.

Затоа, предавањето на Бујар Османи го гледам како една добра забава, како класично глупирање на дежурниот министер за да се исполни периодот на летните одмори со нешто кое што ќе не држи во кондиција. Суштинските проблеми кои не мачат, ќе си ги решаваме самите. Ако сме деконцентрирани и дефокусирани за тоа од каде да почнеме и каде да завршиме, ене го Скрининг извештајот на ЕУ, ќе ни се најде како потсетник или список за во продавница.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.