Зајакнете ги мускулите на карличното дно, спречете појава на инконтиненција и болки во долниот дел на грбот, и подобрете го сексуалниот живот!

Ако се занимавате со пилатес, јога или со вежби на балетска прачка, инструкторот веројатно често ве потсетува да ги активирате и мускулите на карличното дно, иако вам можеби и не ви е јасно за што станува збор. Карличното дно е збир на мускули и сврзно ткиво што ја обложуваат основата (дното) на карлицата и се протегаат (напред-назад) од пубичната до тртната коска, како и од едната до другата страна, меѓу седалните коски.

Без овие мускули не би можеле да ги задржиме урината и столицата, не би можеле да раѓаме, ниту да доживееме оргазам. Овој мускулен систем е мошне важен, бидејќи ги држи органите на своето место во овој дел на телото. Иако мускулите на дното на карлицата може да се стегаат и опуштаат како и другите мускули во телото, за одржување на нивното здравје не се неопходни вежби за зајакнување, велат експертите. Тие треба да ја вршат својата примарна улога во рамките на општата функционалност на телото.

Меѓутоа, голем број жени развиваат некаков облик на дисфункција на карличното дно за време на животот. Најчест проблем, особено кај жените по 40-та година, е појава на уринарна инконтиненција. Условени сме да веруваме дека неволното испуштање помало количество урина кога се смееме или киваме е неизбежна појава на одредена возраст. Но тоа воопшто не е нормална појава со која треба да се помириме, согласни се гинеколозите.

Всушност, што се случува „таму долу“?

Освен уринарна инконтиненција, дисфункционалноста на мускулите на дното на карлицата може да се манифестира и со болни сексуални односи, фекална инконтиненција или со болки во долниот дел од грбот. Најтежок облик на карлична дисфункција е пролапс на карличниот орган – состојба во која мускулите веќе не даваат поткрепа во карличната празнина, па бабулето или матката се спуштаат во вагиналниот канал, што е доста честа појава во подоцнежните години од животот. Ако почнете да чувствувате тежина во пределот на карлицата или имате чувство на недоволно празнење на бабулето или на дебелото црево, закажете преглед кај гинеколог.

За овие тегоби обично ни е непријатно да разговараме, а кога конечно ќе му ги посочиме на лекарот се случува да добиеме одговор дека треба да бидеме трпеливи и да почекаме тегобите сами да се повлечат. Таквиот коментар е одраз на неоправдано омаловажување на пациентот поради проблемот што го има, кој не води до утврдување на вистинскиот причинител. Најчеста причина за карличните проблеми се бременоста и породувањето, како по природен пат, така и со царски рез. Зголемувањето на тежината на бебето во комбинација со хормонално нарушување претставува големо оптоварување за карличното дно.

Вагиналното породување, за кое е потребно овие мускули да се контрахираат, може да биде дополнително оптоварување; сврзното ткиво што се појавува по царскиот рез, исто така, може да го засили проблемот. Тоа значи дека оштетувањата што настанале за време на породувањето можат да бидат фактор за појава на проблемот што го чувствувате сега. Жените денес се изложени на голем притисок да го вратат изгледот што го имале пред бременоста. Но поголемиот број фитнес-програми за таа намена не вклучуваат соодветни вежби за карличните мускули, а таа мускулатура мора да ја закрепнете пред да почнете со трчање или со вежбање на справи. За да изградите куќа, треба да имате добри темели.

Исто така, и жените што не се породувале може да искусат проблеми со карличното дно, предизвикани од носење товар, дебелина, голем напор при празнење на цревата, повреда на лумбалниот дел на ‘рбетот…

Какви решенија ни се достапни

Веројатно имате слушнато дека Кегеловите вежби се многу корисни, но само под услов правилно да ги изведувате. Едукацијата за Кегеловите вежби би требало да се воведе за време на редовниот гинеколошки преглед, сметаат голем број гинеколози. Значи, за правилно изведување, почнете со длабоко вдишување и издишување, со целосно опуштање на стомачните мускули. Истовремено, замислувајте дека тртната коска се подига, а седалните коски се шират. На овој начин карличните мускули се релаксираат, што е клучен дел кој повеќето жени го пропуштаат. Жените се склони премногу да ги затегнуваат карличните мускули, во обидот да го вовлечат стомакот или да спречат истекување на урината.

Меѓутоа, ако мускулите се постојано згрчени, тоа ја зголемува нивната напнатост, но не и снагата. Следен чекор е да издишете и да ги ангажирате мускулите на карлицата – така што ќе си замислите дека се обидувате да спречите ослободување гасови. Изведувајте ја вежбата на овој начин петпати во текот на денот и резултатите нема да отсуствуваат.

Редовни Кегелови вежби

Секојдневното изведување Кегелови вежби ќе ја зајакне карличната мускулатура и ќе го намали проблемот со уринарна инконтиненција. Но не грижете се ако не можете со цела сила да ги стегате споменатите мускули секојпат кога вежбате. Тоа е исто како кога почнувате со вежби со тегови – мала е веројатноста дека веднаш ќе издржите тренинг со најтешките тегови.

Вложете 50 или 60% снага, така што да можете повеќепати да ја повторите вежбата, како и целосно да се релаксирате меѓу две повторувања. Тоа е особено важно ако инконтиненцијата кај вас се манифестира како честа потреба за уринирање, а не како повремено неволно испуштање урина.

Тогаш е знак на претерана затегнатост и хиперактивност на карличните мускули, како што е во случај на спазам на вратните мускули. Обидите за дополнително стегање и мускулните напори ќе ја влошат ситуацијата. Морате повеќе да се насочите на релаксација на мускулите. Ако не помагаат вежбите дома, тогаш најдобро е да му се обратите на специјалист за овој облик вежби, со истовремена примена на масажа, релаксирачки техники или психотерапија – всушност, применете сè што може да ви помогне во ублажувањето на мускулната тензија.

ДАЛИ СЕ НАВИСТИНА ПОТРЕБНИ СПЕЦИЈАЛНИ ПОМАГАЛА?

Мислењата на експертите за тоа дали се неопходни специјални помагала за рехабилитација на карличното дно се поделени, освен ако не се пропишани од страна на специјалист. Општа препорака е да се избегнува носење тешки тегови. Еден облик на модерна технологија сепак може да помогне – гаџетите „фем-тек“ со детално и прецизно објаснување за изведување на Кегеловите вежби се одличен начин да го совладате и примените методот што ќе ве ослободи од овие проблеми.

Зајакнувањето на карличната мускулатура за ублажување на болките или на инконтиненцијата бара време и доследност. Но освен редукција на симптомите, тврдат експертите, ќе остварите и други придобивки – подобар сексуален живот (поинтензивни оргазми), како и постабилен централен дел на телото. Голем број жени ги трпат карличните проблеми поради срам или непријатност да побараат помош, убедувајќи се дека станува збор за минлив проблем или за нешто со кое мора да живеат. Меѓутоа, воопшто не е така.

Преземено од Убавина и здравје


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.