Понекогаш и начинот на консумирањето на оброците придонесува за создавање романтична атмосфера.

Отсекогаш се сметало дека одредени видови храна или состојки имаат влијание врз љубовниот живот. Биолошки активните состојки во храната често можат да ја поттикнат синтезата на половите хормони, но и да помогнат во опуштање на организмот, подобрување на расположението и на циркулацијата.

Тешко е со сигурност да кажеме кои состојки во храната би можеле да ги наречеме афродизијаци, бидејќи постојат многу малку истражувања на таа тема. Многу од видовите храна имаат плацебо-ефект кај оној што ги консумира, но сепак би можеле да издвоиме некои намирници со афродизијачко дејство, иако ефектот често е индивидуален и зависи од самата личност.

ЧОКОЛАДО

Отсекогаш се смета за намирница на љубовта. Причината за тоа е составот, поточно теоброминот, кој ја засилува синтезата на ендорфин. Ендорфинот е познат како хормон на среќа. Храната богата со кофеин, како што се кафе, чај и чоколадо, ја подобрува издржливоста во сексот. Сепак, не треба да се претерува поради диуретичкото својство на кофеинот.

ЉУБОВНИ ЗАЧИНИ

Некои од најпознатите зачини за сексуалниот живот се ванила, црн пипер, цимет и други. Токму затоа се развиваат додатоци во исхраната врз база на овие билки, а не е случајно ни тоа што се додаваат во парфемите. Слична е и ситуацијата со некои лековити билки, како што се маточина и нане. Овие билки ја подобруваат циркулацијата и ја зголемуваат сексуалната желба. Иако има доста непријатен мирис, лукот содржи алицин, кој исто така ја подобрува циркулацијата.

Медот е богат со шеќери, а еден од нив е и фруктозата, која ги храни сперматозоидите и ја подобрува нивната подвижност. Меѓу најистражуваните билки е азискиот гинсенг, кој се користи за лекување сексуални дисфункции. Тој дејствува и врз нервниот систем и врз гениталното ткиво, а истражувањата покажаа дека придонесува за подобар крвоток на половите органи, дека ја зголемува активноста на невротрансмитерите и на хормоните што се одговорни за сексуалното однесување. Сепак, треба да се внимава бидејќи може да манифестира и негативни ефекти – дијареја и хипертензија.

МОРСКИ ПЛОДОВИ И РИБА

Морските плодови, особено школките, одамна се сметаат за афродизијак. Содржат многу јод и фосфор, кои ја поттикнуваат вагиналната секреција. Богати се со цинк, минерал што ја заштитува сексуалноста на мажот. Се смета дека остригите поттикнуваат синтеза на тестостерон и со тоа го зголемуваат либидото кај мажот. Храната богата со омега-3 масни киселини придонесува за подобра функционалност кај двата пола.

Добри извори се семки, риби од Северно Море, јаткасти плодови. Авокадото е една од најпознатите намирници богати со омега-3 масни киселини со афродизијачко дејство. Во краевите во кои расте, поради обликот што потсетува на машки тестис, се смета за машки афродизијак, а всушност ја подобрува циркулацијата и на тој начин го подобрува сексуалниот живот.

ВИТАМИНИ

Од витамините треба да го спомнеме витаминот Е, која ја подобрува сексуалната издржливост, а има и голема улога во создавањето сперма и сексуални хормони. Важни минерали што придонесуваат за зачувување на сексуалното здравје на мажите се цинк и селен, кои се содржани во семки, но и во бадеми. Токму затоа, бадемите и бадемовото млеко се препорачуваат за зголемување на либидото. Цинкот и селенот се антиоксиданти што го одржуваат здравјето на простатата, па со тоа го продолжуваат сексуалниот живот во постара доба.

АЛКОХОЛ

Иако придонесува за релаксација на организмот, во големи количества има сосема спротивен ефект. По неколку чаши вино, другата личност обично ви изгледа попривлечно. Токму затоа одредени видови вино се сметаат за афродизијак. Тоа се најчесто разни пенливи и слатки сиви вина. Со шампањско често одат и јагоди, кои се богати со витамини од Б-комплекс, особено со фолна киселина, која ја подобрува плодноста на жената и го зголемува бројот на сперматозоиди кај мажот.

Од овошките, да ги споменеме и смоквите, кои се важни за штитењето на кардиоваскуларниот систем. Богатството од влакна во нивниот состав придонесува за регулирање на цревната флора, со што се намалува подуеноста и се зголемува доброто расположение. Да не ги занемариме и цитрусите – лимон, портокал, грејпфрут – кои се богати со витамин Ц и ја подобруваат енергијата.

Пишува: доц. д-р Маризела Шабановиќ, нутриционистка

Храна што го подобрува сексуалниот живот:

Јагоди
Банани
Зелен зеленчук
Остриги
Црно чоколадо
Бадем

Храна со негативно влијание врз сексуалниот живот:

Премногу алкохол
Пржена храна богата со заситени масти
Газирани напивки (ја зголемуваат подуеноста)
Енергетски пијалаци



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.