Откако вчера во Србија се објавија нови снимки од пантерот кој за кратко време пристигнал од Апатин, на унгарско-српската граница, до Фекетиќ оддалечен осумдесетина километри, загрижени граѓани на страниците на српските портали прашуваат која ќе биде неговата следна дестинација. Многумина се уверени дека животното ги следи своите инстинкти и самото ќе си го најде патот до потоплите краишта.

Србија, Македонија, па Грција? Во природата му е да се движи кон југ – коментираат граѓани на социјалните мрежи.

Ненад Тешиќ од еколошкото здружение „Движење за сите нас“ за српските медиуми изјави дека е очигледно како животното се движи на југ, односно од Војводина кон Централна Србија и апелираше луѓето да ја сфатат сериозноста на ситуацијата.

Ситуацијата сериозно е сфатена во општината Врбас. Откако опасниот црн пантер, по кого во Србија се трага веќе 17 дена, повторно е забележан во Срборбан кај Врбас, Општинскиот штаб на Врбас за вонредни ситуации одржа специјална седница.

По вестите дека пантерот за само неколку дена поминал 80 километри и се движи кон потоплите краишта, при што следната дестинација можеби е Македонија, вечерва седница одржа и Кризниот штаб на општина Куманово. Како што објави Плусинфо на седницата присуствуваа сите надлежни служби, вклучувајќи и претставници на Здружението на ловџиите.

По седницата, градоначалникот Максим Димитриевски даде куса изјава за медиумите:

Во рамките на проектот „Отворен Балкан“, ние сме постојаната комуникација со нашите колеги од Врбас. Од Ветеринарниот факултет во Скопје добивме известување дека црниот пантер навистина во принцип се движи кон потоплите краишта. Очекуваме Србија, како и за време на пандемијата и во енергетската криза, да ни пружи помош, на тој начин што братските српски општини ќе се фатат во костец со опасниот пантер пред тој да стаса на нашата северна граница. Но, дури и да стаса, нема простор за паника. Иако централната власт на чело со СДСМ веќе подолго време покажува неспособност да се справи со вакви кризни ситуации, ве уверувам дека Куманово и јас сме спремни да се соочиме со големиот предизвик – рече тој.

 

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.