Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Јован Деспотовски, од матичната месна организација „Владо Тасевски“ во Карпош, ја продолжи кампањата за партиските лидерски избори. Деспотовски пред сопартијците ја претстави програмата Нов почеток, нов СДСМ која се темели на враќање на силата на членството и нуди конкретни реформи за иднината на партијата. Дел од клучните реформи е професионализација на партијата, воведување на директен избор на носители на функции во партијата, градоначалници и пратеници, како и влијание на носење одлуки на сите партиски членови и структури.

Нема повеќе сервирање готови решенија. Уште пред три години најавив воведување на директен избор на претседатели на општинска организација, кандидати за градоначалници, пратеници и повисоки партиски функции преку непосредно гласање на членовите. Веќе на следните локални избори, кандидатите за градоначалник на СДСМ, па и носителите на листи за советници ќе бидат гласани од членовите во секоја општинска организација. Нема да ги определува централата во Скопје, како досега. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето, а не кон централата во Скопје – рече Деспотовски.

Тој посочи дека оваа програма е отворена за предлози и идеи.

Учиме лекции од минатото, кога функционерите се отуѓуваа од луѓето. Затоа одговорноста сега се врти надолу кон членството и граѓаните, а не нагоре кон лидерот. Нема простор за импровизации, нема „криење“ од јавноста, пријателите, соседите. Мора да бидеме достапни и транспарентни и да комуницираме за сите отворени прашања – рече Деспотовски.

За Деспотовски, клучно во оваа фаза од изборите е да се обезбеди поголема регистрација на членовите за гласање. Регистрацијата се олеснува за сите оние што од различни причини ги немаат членските картички. Веќе е отворена можноста за регистрација само со матичен број.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.