Зголемен е бројот на деца заболени од варичела или познато како овчи сипаници во Куманово, информираа денеска епидемиолози од Центарот за јавно здравје.

Лекарите од јавната здравствена установа велат дека трендот на зголемување на бројката на заболени, пред сè деца, почнал од октомври, годинава.

Станува збор за акутно заболување, карактеристично за детска возраст. Речиси 80 проценти од заболените во Куманово се деца од предучилишна и училишна возраст од нула до 14 години, има и новороденчиња, но и возрасни членови на семејствата на заболените дечиња, изјави доктор Јадранка Стаменковска од Центарот за јавно здравје Куманово.

Таа појаснува дека станува збор за капкова инфекција, што се пренесува преку кашлање, кивање, говор и преку непосреден допир. Педијатрите ги пријавуваат заболените. Болеста се манифестира со појава на осип што започнува од главата. Лекувањето во најголем дел е во домашни услови бидејќи најчесто, заболените деца поминуваат со лесна клиничка слика, но, има и случаи со воспаление на белите дробови при намален имунитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.