Околу 20 проценти од средношколците немаат основни познавања за заштита на сексуалното и репродуктивното здравје, а користењето на современите методи на контрацепција во Македонија наидува на стигми и предрасуди.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) во соработка со невладината организација Хера и студентските домови во Скопје одржа конференцијата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје во пресрет на Светската недела на сексуално и репродуктивно здравје.
Меѓу другото беше истакнато и дека е забележано чувство на срам при купување контрацептивни средства.
Од аспект на користење контрацепција имаме најголеми предрасуди и табуа во користењето и Македонија како земја во однос на користење модерна контрацепција и помеѓу младите, но и помеѓу паровите е на незавидно ниво. Апсолутно во тој дел сè уште постојат предрасуди и стереотипи околу модерната контрацепција и тука треба да се работи многу повеќе и да се споделуваат информации кои се релевантни за да можеме да ги надминеме овие предрасуди и да имаме здрава младина, вели програмската раководителка на Хера, Весна Матевска.
Таа посочи дека истражувањето кое го правеле пред неколку години покажува дека сè уште постои срам кога станува збор за овие прашања.
Овој срам и табуата се надминуваат онаму каде што се забележува дека има информација и едукација, но сè уште заради тоа што и самото поднебје ни е такво, постојат прашања кога ќе влезете во аптека или чудни погледи додека младите бараат кондоми, вели Матевска.
Доктор Глигор Тофоски појасни дека со цел добивање здрава младина, треба да се работи превентивно на спречување на настанување на последиците. Тој додаде дека младите треба да сфатат дека незаштитеноста и неинформираноста може со себе да донесе големи последици.
Колку повеќе партнери, колку повеќе незаштитени односи, толку е поголема шансата и од сексуално преносливи инфекции и несакана бременост. Доволен е и еден незаштитен однос и тој да резултира со несакана бременост и инфекција, и затоа треба при секој однос да се внимава. Треба како што прават младите во западниот свет – се тестираат двајцата дали се носители на сексуално преносливи инфекции, за да знаат како понатаму да постапуваат, појасни Тофоски.
Според него, сеопфатното сексуално образование е клучно младите луѓе преку образовниот систем да дојдат до адекватни информации.
Нормално тоа надополнето со искрен разговор со родителите. Но, не секогаш родителите имаат одговор на сите прашања, затоа треба да се бараат одговори и од стручни лица, односно професионалци, објасни тој.
Како што информира Тофоски, младите многу рано стапуваат во сексуални односи, но како што рече, постои голема дискрапанца во одговорите.
Кампања пред сè е ориентирана кон младите луѓе со цел споделување информации од самиот начин кога да отпочнат со сексуални односи, како да се заштитат од инфекции и несакана бременост и кои методи на контрацепција постојат и како да ги применат.
Кампањата во наредните денови ќе продолжи и во останатите студентски домови во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.