Во болниците во Македонија моментално 63 пациенти се лекуваат од коронавирус, што е 11,3% отсто помалку во споредба со претходна недела. Од нив 25 се на кислородна поддршка (7,4% помалку во споредба со претходна недела). Нема пријавено лица на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација, во споредба со претходна недела, кога беа пријавени пет лица, пишува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува на период од 4 до 10 април годинава.

Во последните три недели се забележува стабилизирање на бројот на заболени од ковид-19, а во последнава недела значително намалување од 31 процент. Според Извештајот, тестирани се вкупно 14.434 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 3,% во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 1.106 нови позитивни случаи од 33 градови во државата, со намалување од 31 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (56,2%). Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (29,7%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (4,1%).

Во однос на претходната недела, се регистрира намалување кај сите возрасни групи, а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група 50-59 (38,1%).

Пријавени се 10 смртни случаи во 4 градови со датум на смрт во текот на изминатата недела за 23,1% помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив се од Скопје (6). Во однос на возраста, регистрирани се 9 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50-59 години.

Заклучно со 10 април годинава  регистрирани се вкупно 12.149 (3,9%) реинфекции. Од реинфекциите, 20 завршиле со смртен исход.

До 6 април годинава вакцинирани се вкупно 873.332 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 853.786 лица, а со трета доза се вакцинирани 155.817 лица.

Со една доза на вакцина против ковид-19, во државата и странство, вакцинирани се 59,4% од населението над 18 годишна возраст, односно 55,0% од население над 12-годишна возраст, додека од вкупното население вакцинирани се 47,5%.

Опфатот со две дози на вакцина против ковид-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 58 %, односно 53,8% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 46,5%.

Бројот на аплицирани дози измината недела изнесува вкупно 1.312, од тоа 97 е прва доза, 161 како втора доза и 1.054 аплицирани како трета доза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.