Веќе влегуваме во фаза на соживот со вирусот, истакна министерот за здравство на Грција Танос Плеврис на денешната прес конференција за ситуацијата со Ковид-19 во земјата, додавајќи дека тие не веруваат во логиката и политиката „zero covid“, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис истакна дека „по две години пандемија, веќе се наоѓаме во друга фаза во управувањето со пандемијата“, објаснувајќи дека сега, „имаме различен вид на вирус со висока преносливост, но е низок процентот на хоспитализирани“, а земјата веќе е во европскиот просек во однос на имунизацијата со вакцинирани 75 отсто од општата популација, 85 проценти од полнолетното население и над 90 отсто кај ранливите групи над 60 години.
Влегуваме во нова фаза од пандемијата, како што прават сите европски земји, бидејќи сметаме дека веќе влегуваме во фаза на соживот со вирусот. Мерките постојат, без да бидат задолжителни, бидејќи имаме различна епидемиолошка слика. Не веруваме во логиката „zero covid“, во политиката „zero covid“ како што гледаме на пример во Кина, истакна Плеврис.
Претседателот на Националната организација за јавно здравје Теоклис Заутис рече дека во изминатите две седмици е регистрирано значително намалување на дневниот број на случаи, со што има и значително намалување на вкупниот број на хоспитализации, на бројот на интубирани пациенти, како и на бројот на смртни случаи.
Поради горенаведеното, како и поради високата имунизациска покриеност, поради отсуството на нова варијанта и поради климатските услови во летниот период кои не помагаат во ширењето на коронавирусот, беше донесена одлуката делумно олабавување на мерките ( суспензија на covid-pass), објасни Заутис.
Од 1 мај во Грција, привремено ќе се укине сертификатот за вакцинација или прележан Ковид-19, како и задолжителниот тест за невакцинираните што важат за влез во сите простори во внатрешноста на Грција, а за правилата за патување во земјата, дополнително ќе се донесе одлука.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.