Разговорите за постигнување глобален договор за подобра борба против пандемиите ќе бидат завршени до 2025 година или порано, доколку тоа биде можно, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Договорот, што треба да ја подобри соработката пред и за време на пандемиите, по признаените неуспеси за време на пандемијата на Ковид-19, цели две години го преговараа 194 земји-членки на СЗО.
Организацијата првично имаше намера да постигне договор оваа недела, но разговорите беа одложени поради длабоките поделби меѓу богатите и посиромашните земји околу прашања како што се споделувањето вакцини и подготвеноста.
Но, земјите успеаја да се договорат за паралелен договор со кој се ажурираат постојните законски обврзувачки здравствени правила, познати како Меѓународни здравствени регулативи (IHR), кои вклучуваат нова категорија на „пандемични итни случаи“ за најважните и глобално загрозувачки здравствени кризи.
-Историските одлуки донесени денес ја покажуваат заедничката желба на земјите-членки да го заштитат своето и светското население од заедничкиот ризик од кризи во јавното здравје и идни пандемии, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Промените на глобалните здравствени правила се насочени кон зајакнување на светската одбрана од новите патогени откако Ковид-19 уби повеќе од седум милиони луѓе, според податоците на СЗО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.