Бројот на заразени следните денови експлозивно ќе расте, но не и бројот на хоспитализирани и починати лица, смета епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски. Во изјава за „Нова ТВ“ тој вели дека очекува да се збогуваме со пандемијата напролет.

Останувам на својот став искажан првпат уште на 28 ноември, кога омикрон се ширеше само во Јужна Африка – бројот на заразени експлозивно ќе расте. Но, бројот на хоспитализирани нема да ја следи таа динамика, ниту на починати…Ова ќе биде масовно здобивање со природен имунитет – природна трета или четврта доза на имунитет против коронавирусот. Исходот ќе биде збогување со пандемијата на Ковид во Македонија напролет, вели тој.

Денеска во Македонија беа потврдени 1.197 нови случаи на Ковид-19, што е значителен скок во однос на изминатите денови, а за д-р Даниловски тоа е очекувано.

Воопшто не е за изненадување што се регистрираа и комбинирани инфекции на ковид и грип! Со рестриктивните мерки против Kовид, минатата година, грипот како да беше потиснат. Но, годинава, откако се релаксираа мерките… и вирусот на грипот – секогаш притаено присутен – ја виде својата шанса! Му помогна, во голема мера, драстичниот пад на вакцинацијата против грип! И сега имаме ситуација: „Си го баравте- гледајте!“, вели епидемиологот во својата изјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.