Додека во соседството расте бројот на заразени со Ковид-19, кај нас ситуацијата е поинаква и бројот на позитивни случаи на Ковид бележи тренд на опаѓање- информира Злате Мехмедовиќ од комисијата за заразни болести.
Според него, ако бројот на заразени во октомври бил околу 530, во месец ноември тој бил преполовен односно пријавени биле 229 случаи. Најмногу заболени има во Скопје и Охрид, а Мехмедовиќ потенцира дека најзафатена од вирусот е старосната група над 65 години. Од таа причина тој апелира оваа група на граѓани да се вакцинира или да ја прими дополниителната бустер доза. Во однос на хоспитализираните случаи, Мехмедовиќ вели дека тие се со полесни симптоми.
-Не гледаме како порано луѓе коишто често завршуваат на респиратори и вентилација, напротив поголем дел од нив се без кислородна поддршка или со многу мало количество на кислородна поддршка која што е потребна за оддржување во живот. Празни се практично одделенијата на инфективните клиники. Во земјата нема преполнување на болничките капацитети – вели Злате Мехмедовиќ за Канал 5
Од друга страна, расте бројот на заболени со грип или заболувања слични на грип. Според податоците на Комисијата за заразни болести во последната недела од 2023 година, во земјава биле пријавени 403 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, односно за 96,6% повеќе во однос на претпоследната недела од годината. Според податоците најбрзо ширење на грипот има кај децата од 0 до 4 години. Мехмедовиќ објаснува дека најголемиот број од случаите е со заболувањата слични на грип, додека регистрирани случаи на грип имало само 5, што според него е бројка сосема нормална за овој период од годината.
-Иако зборуваме за тоа дека се работи за голем број заболени од грип, всушност се работи за голем број заболени кои што имаат симптоми на грип, меѓутоа причинителот не е вирусот на инфлуенца. Пикот се очекува да биде кон крајот на февруари и почетокот на март, зборуваме на оние кои точно ќе бидат дијагностицирани со грип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.