Рекордни два милиона луѓе во Велика Британија страдаат од Ковид на долг рок, објави Канцеларијата за национална статистика (ОНС).

Околу 3,1 отсто од британското население има симптоми кои траат повеќе од четири недели по инфекцијата со Ковид-19, покажуваат новите проценки на ОНС.

Околу 376.000 луѓе кои биле меѓу првите заразени со коронавирус на почетокот на пандемијата пријавиле симптоми кои траат најмалку две години, а 826.000 луѓе имале симптоми најмалку една година. Приближно 1,4 милиони имале долгорочни симптоми најмалку три месеци по инфекцијата.

Најчести симптоми се замор, отежнато дишење, кашлица и болки во мускулите. Едно од пет лица со долгорочен Ковид вели дека способноста да вршат секојдневни активности е „многу ограничена“ поради постојаните симптоми.

ОНС соопшти дека долгорочниот Ковид-19 е почест кај жените на возраст од 35 до 69 години, луѓето кои живеат во посиромашните области, оние кои работат во образованието или здравствената заштита, оние со други болести и лицата со попреченост.

Бројките се засноваат на самопроценка на долгиот Ковид од репрезентативен примерок на луѓе во приватни домаќинства, собиран во текот на четири недели, до 1 мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.