Периодот од зачнување, од почетокот на бременоста сè до вториот ден на детето се сметаат за неговите први илјада денови. Научно е утврдено дека начинот на кој мајката живее, се храни, дали има сигурност или стрес во секојдневното живеење додека е бремена, но и по породувањето, многу влијае на севкупниот развој и здравје на детето се до возрасни години. Првите 1.000 денови се уште поважни кај предвреме родените бебиња, вели за „Република“ д-р Денис Ал Кхалили, педијатар во оддел за неонатална интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), основач и претседател на организацијата „Лулка“.
Организацијата „Лулка“ веќе 10 години го организира и одбележува Светскиот ден на предвременото породување 17. Ноември во Македонија. Оваа година слоганот гласи „Родителската прегратка: Моќна терапија“.
На што се должи намалувањето, но и одржувањето на ниската стапка на смртност кај најкритичните предвремно родени бебиња?
Ал Кхалили: Во изминатите 5-6 години, континуирано, се подобруваат резултатите од лекување на предвреме родените бебиња на Клиниката за гинекологија и акушерство и во Македонија, особено на оние кои се раѓаат со многу мала тежина (<1500 g) и оние со екстремно мала тежина (<1000 g). Насекаде во светот, развојот на државата, на општеството и на здравствениот систем во целина, меѓудругото се проценува и според смрноста на деца под пет години и процентот на починати новородени бебиња. Со подобрување на лекувањето и негата на предвреме родените бебиња, всушност се направи еден важен чекор кон подобрување на општата слика за Македонија како држава. Промените, според мене, се постигнати и се одржуваат, пред сè, затоа што постои волја да се реши еден горлив проблем и да се одржат добрите резултати. После бројните афери и негативен публицитет во минатото, оваа тема се искачи на ниво на политичко и национално прашање. Со континуирано дополнување на кадарот со нови и млади доктори и сестри, со обновување и дополнување на опремата и апаратите, но и со организациски промени, се постигна резултат кој за многумина е неверојатен. Покрај значајниот резултат во бројки кој е мерлив и недвосмислен, во изминатите години, работејќи со засегнатите семејства во организацијата Лулка, забележуваме и подобрување на комуникацијата и односот со семејствата и зголемување на довербата на родителите кон персоналот кој се грижи за нивните мали предвреме родени бебиња. Овој позитивен однос на доверба, кој се гради секојдневно, е дополнителен мотив и за медицинските професионалци, кој докажано делува позитивно на нивната понатамошната работа, личен и професионален развој.
Какви се податоците за смртноста на предвремено родедни бебиња за оваа година?
Ал Кхалили: Сè уште немаме официјални бројки за последнава година, се надевам ќе ги соопштиме на Светскиот ден на предвременото породување на 17. Ноември. Организацијата Лулка го поздравува секој напор и поддршка да се одбележи овој ден, да се сврти вниманието на јавноста и на медиумите кон оваа тема. Прематуритетот е важен јавноздравствен проблем. Бројот на овие бебиња, односно на бремености кои завршуваат предвреме бележи пораст насекаде во светот, пред сè поради ин-витро процедурите, близначките бремености чиј број расте заедно со процедурите за ин-витро, зголемената возраст на трудниците. Денес имаме и повеќе медицински причини за предвремено породување со царски рез во интерес на мајката и бебето. Лекувањето и негата на овие бебиња е една од најскапите медицински процедури, овие бебиња во болница лежат долго, апаратурата и лековите кои се користат се современи, но многу скапи, персоналот кој е ангажиран е многуброен. Истовремено, со стареење на популацијата и намалување на наталитетот во развиените земји, таканаречената „бела чума“, уште поважно за развојот на државата е секое новородено да преживее, да добие квалитетен третман, да го оствари својот максимален потенцијал и во иднина да може да придонесе за развојот на државата.
„Лулка“ организира Донаторска недела, а средствата кои ќе се соберат се за повеќе намени. Што е приоритет во Македонија?
Ал Кхалили: Кај нас постојат голем број прашања и теми во врска со превенцијата, негата, лекувањето и следењето на овие бебиња кои, се уште, не се адресирани. Во однос на лекувањето и негата и на преживувањето после раѓањето има голем напредок. Сè уште, главна тема останува прашањето за негата со контакт „кожа на кожа“ (популарно наречено кенгурирање) и пристапот на родителите во болниците каде се лекуваат овие бебиња. Тука мислам на сите болници и оддели во државата каде се лекуваат бебиња кои се раѓаат пред 37 гестациска недела, без разлика дали се работи за помали или поголеми предвреме родени бебиња, помали или поголеми болници, јавни или приватни. Сигналите кои доаѓаат од многу различни држави и многуте научно документирани повеќегодишни искуства со кенгурирањето го стеснуваат просторот за одложување на оваа важна интервенција и кај нас.
Важен дел од средствата кои ќе се соберат во рамки на Донаторската недела ќе бидат наменети за опрема, но и за обуки за здравствените професионалци во насока на промоција и спроведување на кенгурирањето, отворање на одделенијата за семејствата, користење на колострум и мајчино млеко, зголемена употреба на неинвазивна вентилација и слично. За да имаме квалитетно лекување важна е и свесноста и информираноста на родителите на малите пациенти, дел од средствата ќе бидат наменети за одржување средби за поддршка на семејствата со ризична бременост и со предвреме родено бебе или дете. На овие средби се разменуваат искуства, родителите добиваат точни конкретни информации за најчестите проблеми, потешкотии, добиваат и психолошка поддршка.
Има ли доволно медицински кадар кај нас кој работи во обласата на гинекологијата и акушерството, педијатријата, неонатологијата и интензивната нега?
Ал Кхалили: Во денешно време и кај нас и во светот постои недостиг на специјализиран кадар, особено доктори, медицински сестри и акушерки. Неонатаната интензивна нега и неонатологијата се области во кои е особено важно да има голем број персонал кој ќе се грижи за пациентите. Една од причините за варијабилниот број на кадар во различни држави и болници е тоа што неонатологијата и неонаталната интензивна нега се релативно нови гранки во медицината, со огромен развој во последните 15-20 години. Друга причина е и тоа што нашите мали пациенти се целосно зависни од мајката, од негувателот, тие се беспомошни, а негата која треба да ја добијат е обемна. Секое бебе, и дома, но и во болница и терминско и предвреме родено, треба секојдневно да се бања, да се менуваат пелени, да се мачкаат креми онаму каде е најосетлива кожата, да се храни често и внимателно, да се обезбеди поддршка за мајката, за семејството. Мајките и татковците со бебе се во многу чувствителна и ранлива состојба и затоа секој убав збор и поддршка долго се паметат, а секој лош збор и лошо искуство остануваат врежани речиси цел живот. Во врска со медицинскиот кадар, важно е во државата да се постават стандарди за минималниот број вработени според бројот на раѓања, според потребната нега и тежината на пациентите кои се лекуваат.
Што е она што им е најпотребно на трудниците со ризична бременост и на родителите кои имаат предвремено родени деца? Споделување искуства, утеха, точна и навремена дијагноза?
Ал Кхалили: Сметам дека она што најмногу им треба е поддршка. Периодот додека жената е дома со ризична бременост, кога мирува, исплашена за безбедноста на своето неродено бебе е многу тежок. Неопходни се вистински информации, разбирливо објаснување за состојбата, за ризиците, информација за тоа што следува, психолошка поддршка за трудницата, за таткото, за семејството, упатства како трудницата да се храни, како да се грижи за себе, како да им објасни што се случува на децата доколку ги има, како да им објасни на роднините и пријателите итн.
За родителите кои имаат предвреме родено бебе или дете, потребите се уште поголеми. Состојбата на бебето може да биде тешка, потребно е следење на развојот и бројни интервенции, како физикална терапија и вежби, дефектолог, логопед. Не смееме да ја занемариме и психолошката состојба на родителите, на постарите браќа и сестри на предвреме родените бебиња. Семејствата во почетокот, после породувањето на предвреме родено бебе, се шокирани од самиот настан. Колку и да се подготвени, секогаш преовладува надежта дека бременоста ќе потрае уште малку, дека бебето ќе биде поголемо и позрело. Првиот контакт со малото, неразвиено бебе, со бројните апарати, кабли, црева, непознати луѓе кои работат во болницата за родителите е шокантно. Родителите имаат чувство на вина, мислат дека се виновни за тоа што не траела бременоста 40 недели, дека се сами, дека се единствени во нивната неповолна ситуација, стравуваат за животот на своето најмило. Средбите за поддршка кои ги организира Лулка нудат утеха, позитивна мисла и надеж, точни информации и едукација, искуства од родителите кои веќе го поминале истиот пат. Тоа за овие родители е драгоцено. Лулка нуди и индивидуална поддршка и обука за нега и хранење на овие бебиња кога ќе си дојдат дома, бидејќи за жал, родителите не ја добиваат потребната обука од болниците каде се лекуваат нивните бебиња.
Министерството за здравство ги укина бесплатните прегледи и породување на неосигураните трудници. Дали и како, во која насока здружението Лулка може да реагира и влијае да се повлече оваа одлука, знаејќи дека сиромаштијата е еден од ризик-факторите за предвремено родени бебиња?
Ал Кхалили: Предвременото породување може да биде поврзано со социјалните услови, сиромаштијата, со економската состојба во семејството, со пристапот до квалитетно лекување и следење во бременоста. Организацијата Лулка уште од основањето се залага за воспоставување систем во државата со кој секоја трудница, покрај задолжителните прегледи во бременоста, ќе добие и доволно информации, психолошка поддршка, бесплатни вежби и психо-физичка подготовка за породување на локално ниво. Целта на современите општества е секое бебе да има еднакви шанси за здрав и квалитетен раст и развој, уште од зачнувањето и понатаму по раѓањето во текот на првите 2 години од животот. Изостанувањето на социјална поддршка за бебињата од социјално загрозени семејства, пред се во форма на основни средства како пелени, гардероба, козметика, дополнително ги дискриминира оние кои се родени во социјален ризик уште од самото раѓање. Тоа придонесува тие да останат во тој круг на сиромаштија и социјална несигурност и тоа може директно да се одрази на развојот, на здравјето и на иднината на овие деца. Сметам дека колку повеќе државата вложува во превенција, во поддршка и обезбедување на поквалитетен развој на децата уште од раѓањето и пред раѓањето, толку подобра иднина ќе имаме сите во Македонија.
Споделивте истражување кое вели дека првите 1000 дена на детето се најважни и го детерминираат неговиот живот. Може ли нешто повеќе да ни кажете?
Ал Кхалили: Овие илјада дена го преставуваат всушност периодот од зачнување, од почетокот на бременоста се до навршување на 2 години на детето. Научно е утврдено дека начинот на кој мајката живее, се храни, дали има сигурност или стрес во секојдневното живеење додека е бремена, но и по породувањето, многу влијае на севкупниот развој и здравје на детето се до возрасни години. Ако бебето по раѓањето е згрижено, има мирна и грижлива средина, ако се храни со мајчино млеко, добива внимание и емоционална поддршка од мајката и семејството, тоа има многу подобри шанси да израсне во физички и психички здрава индиувидуа која понатаму ќе придонесе во општетсвото. Токму затоа низ годините на работа со организацијата „Лулка“, сам по себе се наметна изразот „Позитивно родителско искуство“. Родителите кои имаат поддршка, кои не се исплашени, кои имаат каде да се обратат за соодветни и точни информации за нега на бебето, за доење, за исхрана, за психолошките потешкотии, секако имаат и поголема веројатност да бидат подобри родители и секако полесно ќе се решат да имаат и второ или трето дете. Една од целите на организацијата Лулка е да обезбедиме колку што е можно повеќе родители да имаат „позитивно родителско искуство“.
Првите 1.000 дена се уште поважни кај предвреме родените бебиња. За предвреме родените бебиња е интересно дека бременоста прекинува порано, но нивниот развој не смее да се занемари и задолжително треба да им се овозможи поволна средина за развој на мозокот во следните месеци по раѓањето. Овие бебиња се изложени на бројни надворешни стимулации кои не би ги имало доколку бременоста трае 40 недели. Утврдено е дека најповолна средина за развој на мозокот на предвреме роденото бебе е доколку тоа се храни со мајчино млеко, доколку престојува голем дел од времето после раѓањето на мајчините гради (кенгурирање), доколку средината во која престојува е тивка, затемнета, доколку има непрекинат сон кој овозможува раст и развој на мозокот. Кенгурирањето и негата на бебето од страна на мајката во интензивната нега се смета за концепт кој е најповолен за развојот на овие бебиња. Тоа е таканаречената Развојна нега, нега која го поддржува развојот, нега насочена кон семејството како целина, нега која го штити и промовира правилниот невролошки развој на бебето.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.