Ракот на грлото на матката може да се превенира доколку навреме се открие. „Еден преглед спасува живот, прегледај се -заштити се!“ е мотото под кое се спроведува кампањата за превенција и рано откривање рак на грлото на матката, информира на својата фејсбук страница Министерството за здравство.
Освен во јануари, месец кој традиционално е посветен за подигнување на свесноста за борба со цервикалниот карционом, Министерството за здравство, како што се посочува, преку низа активности цела оваа година ја посветува на унапредување на женското здравје, а во завршна фаза е и изработката на посебен модул за пријавување пациентки за зголемување на опфатот на жени и приближување на оваа здравствена услуга до женската популација.
Со поддршка на УНФПА веќе се во функција мобилните гинеколошки клиники, каде се вршат прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката, кои веќе посетија неколку општини низ државата. Целта е да се зголеми бројот на жени и девојки кои ќе направат бесплатен ПАП тест, да се зголеми инклузивноста на женската популација од ранливите групи кои живеат во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли, потенцираат од Министерството.
Во мобилната гинеколошка амбуланта, како што се истакнува, се достапни и совети за родово базирано насилство и за планирање на семејството. Прегледите за гинеколошката амбуланта се бесплатни, пријавувањето се одвива преку матичните лекари.
Кампањата се одвива со емитување промотивен видео спот на националните ТВ, објавување документарни содржини за мобилните клиники на социјалните мрежи, дистрибуција на печатени едукативни материјали, како и совети од гинеколози за важноста на редовните прегледи.
Сите овие активности се реализираат преку Комисијата за скрининг на рак на грлото на матката при Министерството за здравство во соработка со УНФПА, СЗО, УНИЦЕФ и лекарските здруженија, информираат од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.