Осум пациенти со цистична фиброза ќе го добијат лекот „трикафта“, стремежот е да се набави лек за 30 пациенти до крајот на годината, кажа денеска министерот за здравство Беким Сали, кој имаше средба во министерството за финансии.

Министерството за здравство, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување најавуваат дека ќе бидат во постојана меѓусебна и комуникација со производителот околу набавката на лекот „трикафта“ за пациентите со цистична фиброза.

Болните од цистична фиброза за утре, на 4 февруари, во 12 часот закажаа протест пред Владата барајќи да им биде обезбеден лекот.

Министрите за здравство Беким Сали и за финансии Фатмир Бесими денеска одржаа состанок за обезбедувањето финансиски средства за набавка на лекот. Терапијата, како што информираа, е првично за осум пациенти во потешка состојба, а стремежите се набавка на лек за 30 пациенти во текот на оваа година.

Сали по средбата изјави оти се надева дека во најскоро време со сите потребни измени на Законот за јавни набавки и други закони поврзани со набавка на лекови, и со обезбедување финансиски средства, ќе се обезбеди терапија за овие пациенти.

Ќе иницира измени во текот на следната недела и се надева дека ќе бидат поддржани во Собранието.

Во делот на цената сè уште нема конкретна финална цена. Имаме првични информации за цената на еден третман за еден пациент на годишно ниво, меѓутоа останува финалната цена да ја добиеме од производителот, изјави Сали.

Министерот Бесими рече дека ќе се најде решение за да се набави овој лек директно од производителот бидејќи е скап.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.