Според вчерашната ковид – статистика, забележан е рекорден број на новозаразени лица со коронавирусот, речиси 1.400 за само 24 часа. Заклучно со вчерашната евиденција на Институтот за јавно здравје, во Македонија од почетокот на пандемијата со ковид-19, починале точно 8 илјади лица. Брзиот раст на бројките на позитивни на ковид-19 се должи на влезот на омикрон сојот во земјава. Оваа зимска сезона и грипот се активира, па веќе се регистрирани и првите случаи на флурона – истовремена инфекција со грип и со ковид-19.
Нови 1.375 случаи на ковид-19, двајца починати и 217 оздравени пациенти се регистрирани во вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје по направени 7.188 тестирања. Омикрон варијантата на вирусот е детектирана кај 33 пациенти, што изнесува 59 отсто од позитивните примероци. Во државава се детектирани и првите случаи на флурон (комбинација на грип и ковид-19).
Од изработени 56 примероци позитивни на SARS CoV2, 33 се позитивни на омикрон варијантата на вирусот. Оваа варијанта е детектирана кај 16 пациенти од Скопје, 10 од Охрид, четворица од Тетово, двајца од Кавадарци и еден од Кочани. Кај тројца пациенти од Скопје истовремено е детектирана комбинација од двата вируса Influenza A i SARS CoV 2“, соопшти вчера Министерството за здравство.
Оттаму претходно објавија дека кај 26-годишен пациент од Општина Зајас е исто така детектирана комбинирана инфекција со вирусот на грип и ковид-19. Според епидемиолошката анкета, пациентот со коинфекција ковид-19/Инфлуенца А, непосредно пред 31.12.2021 година се вратил од САД и според неговите кажувања таму примил вакцина за ковид-19, односно се ревакцинирал неколку дена пред да пристигне во државава. Пациентот е упатен на домашно лекување, бидејќи засега нема тешка клиничка слика, информираат од Министерството.
Според надлежните, вакцинацијата против ковид-19 останува единствен излез од пандемијата. Во моментов во државата има 6.818 активни ковид случаи.
Директорката на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ вчера изјави дека големиот број новоинфицирани со ковид-19 посебно меѓу младата популација е последица на прилично неодговорно однесување, континуирано, а посебно во периодот на предновогодишни и новогодишни прослави.
Таа нагласува дека би биле среќни кога граѓаните што сакаат поголема сигурност се вакцинираат редовно и според препораките се во поголем број. Третата доза вакцина, додава, е неопходна за потенцирање и зголемување на имунитетот и заштитата од ковид-19.
Ниту пак прележаните за кои некои мислеа дека се повеќе заштитени, денеска гледаме дека не се. Омикронот има далеку поголема моќ за реинфекција што деновиве ја констатираме по нашите амбуланти. Што се однесува до заштита на вакцините никогаш ниту една вакцина не обезбедила 100 процента заштита. Нивната заштитна моќ ќе биде различна зависно од мутациите на одредени соеви на вирус. Но, од секоја една од нив очекуваме далечна заштитна моќ зависно од мутациите на одредени соеви од вирус, од секоја очекуваме далеку полесна болест“, рече Стевановиќ.
Интензитетот на амбулантски прегледи, информира таа, сериозно е зголемен на Клиниката за инфективни болести и затоа апелира пациентите прво да се обратат кај своите матичните лекари за првични инструкции и третман со цел да овозможат време и простор за секој еден потежок пациент да добие соодветно внимание.
И покрај очекувањата инфекцијата со омикрон е лесна секако дека и голем број на инфицирани случаи ќе имаат потреба и од болничко лекување што секако ќе ги пополни болничките капацитети. Мораме да мислиме и на фактот дека интензивно осцилираат и другите зимски вируси пред се инфлуенцата кое се манифестира со сериозни симптоми и потреба од болничко лекување, мора да обезбедиме простор за секој пациент кој има потреба од лекување, нагласи Стевановиќ.
Досега во земјата се направени вкупно 1.626.464 тестирања на ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 228 540, на оздравени пациенти е 213 722, а на починати е 8 000.
Омикрон варијантата на ковид-19 забрзано се шири во регионот и во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.