Ако почувствувате притисок во бешиката и цревата веднаш обратете се на лекар!
Ишијасот е збир на тегоби во долниот дел од грбот и настанува како резултат на воспаление на нервот ишијадикус, а еве како да го препознаете и да го третирате.
Нема човек кој во одреден период од животот немал болки во грбот, особено долниот дел. Причините можат да бидат различни, а најчеста причина е долгото седење, недоволната физичка активност и движење. Една од најболните состојби е ишијасот кој се јавува во долниот дел на грбот, а проблеми од овој тип доживува секој втор човек барем еднаш во животот. Лекарите предупредуваат дека е забележан раст на бројот на млади пациенти со ишијас и болки во грбот, како резултат на работењето во канцеларија.
Како настанува ишијасот?
Ишијас се јавува кога се воспалува нервот ишијадикус. Тоа е најдолгиот нерв во нашето тело кој започнува од долниот дел на грбот и се спушта надолу низ двете нозе. Воспалението на нервот може да се појави како резултат на повреда или притисок врз самиот нерв, што предизвикува болка. Почнува од лумбалниот дел на грбот и може да се прошири на колковите, задникот и нозете.
Како што истакнуваат стручните лица од познатата клиника Мајо, болката предизвикана од воспаление на ишијадикусот може да биде исклучително силна и да доведе до слабост во нозете, дури и до проблеми со мочниот меур и цревата, а третманот трае од неколку недели до неколку месеци.
Ишијасот најчесто се јавува кога еден од петте ‘рбетни корени на овој нерв е набиен, но може да укажува и на некои други болести, а големо влијание има и генетската предиспозиција. Кај помладите пациенти, ишијасот најчесто се поврзува со дискус хернија. Најчестите симптоми на ишијас се:
чувство на трнење во ногата
болка која се шири низ цело подрачје на нервот ишијадикус
намалено чувство за допир
намален Ахилов рефлекс или негово отсуство
мускулна слабост
оневозможено стоење на прсти и пети
болката може да варира од блага до остра болка
ишијасот обично ја зафаќа едната страна од телото
некои луѓе може да чувствуваат вкочанетост, пецкање или мускулна слабост на ногата или стапалото
еден дел од ногата може да боли, додека другиот дел може да биде вкочанет
отежнато движење
Кога да се одите на лекар?
Ишијасот, особено поблагите симптоми, обично исчезнуваат сами од себе со употреба на лекови против болки. Сепак, веднаш контактирајте го вашиот лекар во следниве ситуации:
ако болката во долниот дел на грбот не поминува подолго од една недела
ако болката е интензивна и се влошува
ако почувствувате ненадејна, силна болка во лумбалниот дел на грбот или ногата
ако имате чувство на мускулна слабост и намалена чувствителност во оваа област
ако сте повредени
ако имате проблеми со контролата на дебелото црево или мочниот меур
Болката обично трае од седум до 14 дена при акутно воспаление, па дури и неколку месеци при хронично воспаление на нервот. Болката кај хроничниот ишијас е послаба отколку кај акутниот. Откако болката ќе се смири, под надзор на физиотерапевт се изведуваат вежби за зајакнување на мускулите во долниот дел на грбот.
На пациентот му се советува да спие на тврда, рамна површина, да избегнува нагли движења, кревање товар… Доколку тоа влијае на квалитетот на животот на пациентот и врз основа на проценка на лекарот, проблемот може да се реши со хируршка интервенција.
Превенцијата не е секогаш можна, но лекарите препорачуваат редовно вежбање, пешачење и исправено седење така што колковите и колената да бидат во иста линија (без прекрстување на нозете). Можете да поставите помала перница помеѓу потпирачот на грбот и долната шуплина на грбот за да ја одржите природната кривина на ‘рбетот. Кога кревате товар, не виткајте го грбот, туку клекнете и подигнете го товарот, без разлика дали кревате корпа со влажни алишта или дете.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.