Во Амфитеатарот на Деканатот на Медицинскиот факултет по повод Националните денови на МС, Националното здружение за мултиплa склероза (МС) во соработка со Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА), организира едукативен интерактивен настан за подигање на свеста и интересот на идните лекари за оваа болест и приближување до искуствата што ги преживуваат пациентите со МС.

Доц. д-р Игор Кузмановски од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија – Скопје зборуваше за историјатот и карактеристиките на болеста, а потоа презентира приказ на случај со присутен пациент со мултипла склероза, што му даде сосема нова димензија на самиот настан. Студентите имаа можност да се запознаат со симптомите, процесот на дијагноза, изборот на третман и практично да го видат и да го осознаат презентираниот пациент.

Овој настан се организира за студенти, специјализанти, лекари и пациенти со МС. Целта е преку едукација на пациентите да им се обезбеди континуиран пристап до врвни лекари. Мултипла склерозата е макотрпно секојдневие на пациентите, како и предизвик за членовите на нивните семејства.

Што е мултипла склероза?

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Тоа е хронична, прогресивна, имунолошки посредувана, воспалителна и дегенеративна болест на централниот нервен систем.

Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Македонија од МС боледуваат повеќе од 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени.

Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години, и околу два-три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сѐ уште не е позната и до сега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите. МС го прави животот непредвидлив за секого. За да дознаете повеќе за МС посетете ја веб страницата http://msmakedonija.eu.org/multipla-skleroza.

Здружението за МС е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултиплата склероза.

Oсновано е на 20 март 2019 година како полноправна членка на Европската МС платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platfrom, EMSP), полноправна членка на Светската алијанса на пациенти  (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).

Потребата за формирање на здружението се наметна како резултат на неопходноста за обединување на лицата со мултипла склероза, нивните семејства со цел согледување на нивните потреби и инволвирање на останати чинители заради решавање на проблемите на лицата со МС, како и подобрување на квалитетот на нивното живеење. Исто така, секојдневниот напредок во медицината, токму во областа на неврологија бара интензивирање на реформите во оваа област.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.