Новиот вид на корона „Кракен“ е позаразен од сите досега, предупредува Светската здравствена организација.

Сојот на коронавирус XBB.1.5. ја загрижи Светската здравствена организација, која го нарече најзаразната подваријанта на Ковид што некогаш била откриена. Вирус XBB.1.5. експертите го нарекуваат и „Кракен“, по легендарното морско чудовиште, џиновски октопод кој влечеше бродови до дното и убиваше морнари.

Тоа е подваријанта на омикронскиот вид на коронавирусот, кој веќе ја зафаќа Америка, каде што предизвика повеќе од 70 проценти од случаите на инфекција во најтешко погодените области. „Кракен“ веќе се прошири и во Европа, но првите информации укажуваат дека предизвикува блага клиничка слика, како и омикрон.

„Загрижени сме поради брзината на ширење на оваа подваријанта во Америка и одредени европски земји. Тоа е екстремно заразен вид и колку повеќе можности има вирусот да се шири, толку повеќе можности ќе има за промени и мутации“, рече д-р Марија ван Керчов од СЗО.

„Кракен“ е откриен во Франција, Германија, Холандија, Шпанија, Ирска, Австралија, Сингапур, Индија… Има 14 нови мутации на протеините на шилецот, што значи дека полесно ги инфицира луѓето кои веќе имаат имунитет на корона, било преку вакцинација или некоја основна болест. Тоа ги прави поподложни на инфекција, но не и на сериозна клиничка слика.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах изрази загриженост за новиот подтип на ковид-19, омикрон xbb 1.5, поврзан со зголемените приеми во болниците во североисточниот дел на САД, истакнувајќи дека Берлин внимателно ја следи ситуацијата.

„Се надеваме дека ќе ја поминеме зимата пред новиот вид да се прошири меѓу нас. Следиме дали и во колкава мера сојот xbb1.5 се шири во Германија“, изјави Лаутербах, пренесува Ројтерс.

Експертите изразија голема загриженост за оваа многу заразна варијанта на сојот омикрон, кој сочинува до 40 отсто од заразените во САД.

Експертот за заразни болести од Универзитетот во Минесота, д-р Мајкл Остерхолм, изјави дека седум од 10 американски држави кои регистрирале пораст на бројот на заболени се наоѓаат на североистокот на САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.