Од 10 до 16 мај во Македонија се регистрирани нови 44 случаи на голема кашлица, што е за трипати повеќе споредено со претходниот седмодневен период. Од новите 44 случаи, пет се хоспитализирани.

Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје, 39, а од нив 12 се од општината Аеродром. Пријавени се и четири случаи од Куманово и еден од Прилеп, објави Инстутот за јавно здравје (ИЈЗ) во последниот извештај.

Од почетокот на годината, вкупно се регистрирани 597 случаи на заразени со голема кашлица. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Според извештајот на ИЈЗ 361 случаи (односно 60,5%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Возраста на заболените се движи од 3 месеци до 77 години, а најголем број на случаи, вкупно девет се од возрасната група 5-9 години.

Во однос на вакциналниот статус на заболените, 28 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 9 се комплетно вакцинирани и 7 се вакцинирани согласно возраст.

Најголем број од заразените со голема кашлица живеат во Скопје – 480, а заболени се регистрани и во други 18 градови во државата.

Комисијата за заразни болести во почетокот на февруари годинава прогласи емидемија на пертусис на територија на град Скопје, а подоцна и на Куманово.

Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, највисока инциденца се бележи во возрасната група под 1 година.

Од 18 јануари до 16 мај дадени се вкупно 47.982 дози на ДиТеПер вакцина која содржи компонента против голема кашлица.

Комисијата за заразни болести предложи, а Владата прифати во март децата кои примиле три дози на ДиТеПер вакцината ќе може да посетуваат градинка, но под услов да се ревакцинираат за шест месеци.

Според календарот за имунизација, вакцината против голема кашлица се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст. Ревакцината треба да се прими на 18-месечна возраст односно една година по последната од трите дози на вакцината. На четири години се прима втората ревакцина за ДиТеПер.

При проверка на вакцинаните картони беше откриено дека во градините во Скопје има разочарувачки 50 отсто деца кои се вакцинирани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.