Над 950 деца досега се вакцинирани во нивните домови или им е закажан термин за вакцинација со пропуштени рутински вакцини и се поделени над 1.400 информативни брошури, во рамки на заедничката кампања на Министерството за здравство и Светската здравствена организација, со поддршка од Европската Унија, насловена „Од врата до врата“, информираат од Министерството за здравство .

Во рамки на оваа кампања се вакцинирани и 500 граѓани над 65 годишна возраст во нивните домови со вакцина против сезонски грип кои не можеле да пристапат до пунктовите за имунизација. За нив е обезбедена и бивалентна ревакцина за Ковид-19.

Во кампањата се вклучени 30 медицински тимови од здравствените домови и Институтот за јавно здравје, кои планирано е да посетат 2.900 семејства, во над 150 населени урбани и рурални места.

Вакцинацијата спасува животи и го спречува ширењето на болестите. Тоа е научен факт. Но, има недоверба и постојат митови поврзани со вакцинацијата од различни болести, а тоа е предизвикано од лажните вести кои не се засновани врз научна вистина, вели проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.