Поплавени се речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби на првиот кат, Одделението и сметководство, ходниците на приземјето, чекалната се до амбулантата на ОРЛ и дел од подрумските простории. Штетата дополнително ќе се утврдува, информира денеска медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, по поплавата што се случила синоќа.
Тој истакна дека поплавата се случила ноќеска во еден часот по полноќ.
Пукна радијатор во една лекарска канцеларија на вториот кат на Клиниката. Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го допрат истекот на водата во следните четириесетина минути, додаде Петровски.
Вработени од Клиниката претходно изјавија дека ноќеска пукнала цевка од парно поради што биле поплавени простории во обектот. Според нив, повеќе од два часа биле поплавени просториите, а проблем е тоа што Клиниката не е осигурена.
Од Министерството за здравство за МИА потврдија дека ноќеска имало пукната цевка од парно и дека проблемот е веднаш саниран.
Нема штета, се е повторно вратено во функција, велат од Министерството за здравство за МИА.
Во понеделникот лекари од Клиниката алармираат дека се соочуваат со проблеми во работењето и дека главен проблем во моментот е доекипирањето на лабораторијата. Посочија дека било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, за да може да се функционира. Истакнаа дека се соочуваат со отпор и несоработка од страна на новоназначената организациска директорка која инсистирала да бидат примени сите 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекол договорот.
Министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, а во врска со работењето на економската директорка рече дека нема констатирано ниту едно прекршување на право.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.