Се надевам дека на почетокот на идната година ќе има уште едно проширување на позитивната листа, можеби не со девет лекови, но со неколку сигурно ќе имаме, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Одговорајќи на новинарски прашања, Таравари напомена дека тенденцијата е позитивната листа да се надополнува минимум два пати годишно.
Нови лекови на позитивната листа има од пред три недели, денеска во аптеките се веќе во оптек девет нови лекови. Се надевам дека во почетокот на идната година ќе има уште нови лекови, минимум два пати годишно ќе се обидеме да ја надополниме позитивната листа. Знам дека никогаш не е доволно и дека би било најдобро сите лекови да бидат на позитивна листа и ништо да не плаќаат граѓаните, но, ние, сепак, сме сиромашна држава и треба да рационализираме, истакна Таравари по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника.
Тој информира и дека интензивно се разговара да се покачи капитацијата за матичните доктори.
Се надевам идната година ќе има наш предлог да се покачи капитацијата што се плаќа за матичните доктори, со тоа ќе им дадеме и нови ингеренции. Се надевам дека на тој начин пациентите не ќе мора да одат на специјалист за одредени лекови кои рутински се пишуваат, ако успееме наскоро да ја развиеме и телемедицината за да има консултација меѓу матичниот лекар и специјалистот за продолжување на терапијата. Се надевам многу скоро и тоа ќе го обезбедиме, пациентите да не се заморуваат, одејќи од лекар на лекар само за препишување терапија, подвлече министерот.
Таравари ја коментираше и ситуацијата во Гевгелија каде докторка прво специјализирала, а потоа дипломирала.
Проверка на дипломите во здравствените установи има секогаш. За да вработите доктор и кога вработувате, барате лиценца за положен државен испит, уверение за завршен факултет. Некој секогаш може да фалсификува. Се случувало и во многу поразвиени држави по неколку години да се открие дека некој професионалец има фалсификувана диплома или лиценца. Секако, контролата ќе продолжи, но има контрола и при вработување, тоа е стандардна процедура, објасни Таравари.
Се согласи и дека било опасно тоа што недипломиран лекар бил во хируршки сали на специјализација седум години.
Тоа веќе не е работа на Министерството за здрваство, туку на Обвинителството – да преземе одредени мерки и да се казнат и да не се повторуваат вакви случаи. Ние ќе продолжиме со стандардната процедура – кога секој што се вработува, обврска на институцијата е да ги побара сите неопходни документи и тие да бидат оригинални, подвлече министерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.