Обезбедувањето квалитетни услуги на итната медицинска помош во кризни и вонредни состојби е една од најважните стратегии за намалување на морбидитетот и морталитетот за време на кој било критичен настан, рече министерот за здравство Фатмир Меџити на промоцијата на развојна рамка на Црвен крст на Република Македонија, Трансформација-28.

Според Меџити, посебно важна соработката со Црвениот крст како партнер на здравствениот систем за брз одговор при управување со кризи и катастрофи.

На настанот, како што соопшти Министерството за здравство (МЗ), беа прeзентирани заложбите за сеопфатни промени во 24 области од делокругот на работењето на Црвениот крст кои имаат за цел да се зајакнат капацитетите на Црвениот крст, да ја унапредат партнерската соработка со разни чинители, како и да развијат услуги и сервиси за подобрување на животот на населението во локалните заедници.

Службите за итна медицинска помош и болниците го поседуваат неопходниот капацитет и инфраструктура за брз одговор на итните медицински потреби на населението и тие се првата инстанца за обезбедување тријажа на повредено лице при итни состојби. Изработени се и државни планови за одговор при кризна/вонредна состојба. Во плановите се опфатени ресурсите и кадарот на јавните здравствени установи (здравствени домови, центри за јавно здравје, службите за итна медицинска помош, болници, клиники, како и сите релевантни чинители), потенцира Меџити.

Како што наведува МЗ, во Планот за подготовка на здравството за одговор при кризни состојби како важен сегмент се вклучени грижата за мајки и новороденчиња, родово-базирано насилство и семејното планирање, а посебно значајна улогата на мобилните гинеколошки амбуланти, кои обезбедуваат услуги за репродуктивно здравје при кризни состојби.

Темите се „Градење здраво и безбедно општество и потребата од ефикасно мобилизирање на ресурси за одговор на современите хуманитарни предизвици’’, како и Модалитети и можности за обезбедување на поефикасен одговор при итни состојби’’.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.