Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите, се препораките кои вчера на состанок ги донесе Комисијата за заразни болести (КЗБ). Сепак новите препораки и очекуваните следни мерки на олеснување од рестрикциите не значат дека пандемијата е завршена.
Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски информира дека Комисијата по разгледаната епидемиолошка состојба во државата, заклучила дека моменталните услови овозможуваат да се размислува за намалување на рестриктивните мерки и препорачува укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор.
Од оваа мерка исклучок се здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие затворени објекти или како да ги класифицираме, останува задолжителното носење на макси. Од сите останати затворени простор маските може да се носат само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува веќе, истакна Петличковски на прес-конференција.
Тој посочи дека се предлага укинување на задолжителното носење маски, но повторно препорачуваат маски да носат возрасните, тие што се имунокомпромитирани и тие кои се со хронични болести. За нема задолжение, но останува препораката за носење маски како најефикасна мерка за заштита од пренесување и за заштита на здравјето.
Петличковски истакна дека очекуваат побрзо да бидат прифатени заклучоците од минатата и од оваа седница седница на Комисијата.
Портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ одговарајќи на новинарско прашање рече дека постепено ќе ги релаксираат мерките, не сакаат да донесат крупни чекори кои можат брзо да ја дестабилизираат епидемиолошката состојба, која е стабилна.
Сега сме во пресрет на празници кои можат да бидат една од причините да имаме зголемување на бројот на новозаразени во текот на наредниот период и затоа внимателно чекор по чекор ќе одиме во насока на тоа да ги релаксираме мерките. Маските се една од големите рестриктивни мерки која се укинува. Да почекаме во наредните недели да ја следиме епидемиолошката состојба, доколку има можност и за тоа секако ќе се разговара и за сертификатите генерално не само за влез во државата, туку и за користење во затворени простории, истакна Мехмедовиќ.
Комисијата посочува и дека партицијално се укинува изолацијата за контактите, додека тие кои се позитивни се уште ќе треба да одат во изолација со одлука од Центарот за јавно здравје.
Во наредниот период ќе видиме дали може да се укине и овој дел од системот на следење на позитивните случаи, а не само на контактите кои се на позитивните случаи, рече Мехмедовиќ.
Според Мехмедовиќ, здравствените објекти се местата каде е најголема веројатноста да има трансмисија на вирусот, затоа што има заболени лица, има симптоматологија, што е слична и на вообичаените настинки и на грипот, омикронот е со таква слична симптоматологија и не може да се диференцира од останатите болести.
Важно е да се носи маска, за да немаме тука трансмисија на вирусот која би била зголемена, а имаме зголемен ризик од пренос на вирусот во овие простории. Возрасните лица, тие кои се над 65 години особено тие што се по старечките домови беа најмногу изложени на ризик во време на оваа варијанта на омикрон и затоа треба и кај нив да бидеме навистина внимателни за да не се доведеме до дополнителни ризик фактори кои би можеле да ни го загрозат здравјето. Јавниот превоз знаеме во каква состојба е. Сега имаме голема концентрација на луѓе во затворен простор, блиску се едни до други, таму дефинитивно треба да остане маската уште некој период за користење. Тоа се основните причини кои ги разгледувавме денеска на Комисијата за заразни болести како важни елементи кои не смееме да ги занемариме во однос на тоа кога се уште носиме одлука да продолжи да важи задолжителното носење на маски, потенцира Мехмедовиќ.
Во врска со новата подваријанта на омикрон XE, Петличковски рече дека во моментов не треба да не загрижува воопшто, затоа што се работи за варијанта на повторно благи симптоми, доминантноста не е оди така како со омикронот и не е ништо различно од тоа што веќе е присутно.
Тоа е еден хибрид помеѓу омикрон варијантите БА1 и БА2, значи веќе видени симптоми, начин на пренос се знае дека е високопренослива, но не ги потиснува веќе постоечките варијанти со таква прогресија како што тоа го направи омикронот и затоа во моментов не е за загрижување, посочи Петличковски.
Мехмедовиќ, пак, смета дека не е првпат да има хибридни варијанти кои ги имало секогаш кога ќе се појави нов сој. – Комбинацијата помеѓу двете варијанти создаваше такви хибридни варијанти. Многу е мала концентрацијата односно дисеминацијата на тие хибридни варијанти. Се сеќавате дека имавме делта хибридна варијанта кога беа присутни и делтата и омикронот. Во моментот кога ќе се изгуби присуството на едната варијанта и кога ќе остане само една единствена варијанта тогаш веќе хибридната варијанта се губи. Така што не е ова првпат да имаме случај на појава на хибридна варијанта во текот на пандемијата. Практично, преминувањето од една до друга варијанта кога ги имавме и алфата, и делтата и омикронот се случуваа такви хибридни варијанти и тоа не е нешто што е проблем, така што нема сега во моментов апсолутно никаква причина за загриженост, истакна д-р Мехмедовиќ.
Сепак новите препораки и следните мерки на олеснување од рестрикциите не значат дека пандемијата е завршена.
Ние и во моментов планираме следни чекори во случаи, во услови кога ни се зголемувале бројките. Значи, сакам да повикам на едно внимание и на прифаќање. Очекувам да организираме малку поинтензивна вакцинацална кампања. Во ниеден момент не се откажуваме од вакцините, да знаете дека ќе следуваат некакви препораки, организирани образложувања на ефикасноста на вакцините во следниов период, изјави Петличковски.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 2.249 тестови регистрирани се нови 195 случаи со КОВИД-19, двајца починати и 207 оздравени пациенти.
Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 307.142, бројот на оздравени пациенти е 296.373, на починати е 9.234, а на активни случаи изнесува 1.535 од кои најголем број 824 се во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.