Апликациите за ставање на лек на позитивна листа што се пристигнати во Министерството за здравство, 21 за лекови и четири за нутриенси, веќе се евалуираат од страна на стручната комисија, која почна со работа во септември и интензивно одржува состаноци, информираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, во обраќање на Втората годишна конференција за здравство во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам).

Апликациите, како што кажа Меџити се однесуваат на лекови што ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, како болести со посебно општествено-медицинско значење и намена за посебна ранлива група на пациенти.

Пристигнатите апликации се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи, додека две апликации се поднесени за примарната листа.

Министерот појасни дека за овие лекови стручната комисија спроведе прелиминарно бодирање по критериумите што треба да ги оцени и се очекува, во согласност со правилникот, во април наредната година да биде спроведено првото рангирање на лековите-кандидати на Листата кои што имаат фискално влијание врз буџетот на Фондот.

Не треба да заборавиме дека Македонија е земја со ограничени здравствени буџети за лекови, во однос на другите земји од регионот, но сите ние присутни претставници од релевантните институции ќе дадеме максимални напори за обезбедување на пораст на буџетските средства за лекови, за да се овозможи следење на здравствените придобивки во третманите на болестите со современа терапија, подвлече тој.

Министерот ја сподели информацијата дека за 2024 година од страна на Фондот до Министерството за финансии се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.